Душата којашто се моли, Му припаѓа на Бога

Навистина е пријатно кога ќе се споменат во молитва душите на оние, за кои знаеш дека очите секогаш им се вперени кон Господа, и дека преку Него се зближуваат со нас. Само Сезнајниот Бог знае кој кому му прави поголемо добро: на оној што се моли за некого, или на оној, кој побарал молитва за себе. Молитвата нѐ приближува кон Бога, и наспроти тоа средиште од битија и светови – не се гледа она што го гледаме во овој променлив свет. Душата којашто постојано го бара Господ и којашто Му се моли, ѝ припаѓа на Господ, без оглед на тоа што нејзиниот понизок, сетивен дел, понекогаш е против нејзината волја, и се вознемирува поради близината и дејствијата на силите, што не се сродни за душата на човекот. Како премудро нѐ учи светата Црква: во мир да се помолиме на Господа, и за поединецот и за сите. Душата на оној кој во смирение се моли, дури и ако се разгори, гори со тивок и чист пламен. Гори, но не догорува. Кипи, но не искипува. Се лее, но никогаш не се испразнува. Зарем душата која ревносно се моли, нѐ стапува во заедница со оние за кои се моли? Зарем во тоа единство, не ѝ дава снажен поттик на душата, која има потреба од помош? Најдобар начин на дружба и заедништво меѓу луѓето е кога се молиме еден за друг. И ако молитвата не е совршена, треба да ги поправаме нејзините недостатоци, но никако не треба да се разочаруваме поради нив.

Треба да се прави разлика меѓу активна молитва и состојба на насладување со молитва. Активната молитва, човек треба да ја практикува секогаш и неуморно, се разбира, според пропишаното молитвено правило, а утехата ја дарува Господ, по Неговата благодат, тогаш кога е потребно да го привлече и укрепи човекот, и тогаш кога човек може да ја прифати. Исто така, ако почувствувате дека немате доволно сили во вас, не дозволувајте да ве опфати немоќ и разочарување и да се наслонувате на себе, туку надевајте се во Господ. Ако од човекот побараме одговор како да се молиме, ќе го добиеме одговорот: не знаеме како треба да се молиме. А ако кажеме: Господи, научи нѐ како да се молиме – ќе го добите одговорот, кој безброј луѓе пред вас го добиле.

Треба да се трудиме да придобиеме постојан стравопочит кон светињите. Ако стравопочитувањето кон светињите дојде и пројде, тоа сепак, би требало во душата да остави смирена и топла желба за заедница со Господ. Треба секогаш да се трудиме, да бидеме константни во молитвата и да не допуштиме определени моментални околности да нѐ поколебаат. Исто така, во молитвата треба да бидеме тивки и кротки, и да не и дозволиме на фантазијата да нѐ понесе. Оној кој од восхит преминува во ладно срце и кој добро не го уцврстил мирот во својата душа, нему му е потребно да вложи уште многу труд.

Ако човек цела година му служел на Бога и понатаму остане во таа желба, трудот нема да му пропаде, без оглед на тоа дали околностите се промениле. И во семејниот живот секој може да најде време да се повлече и да се моли. Кога немате можност да отиде во црква на богослужба, Господ ќе ја прими и домашната молитва, ако е искрена и длабока. Никој од вас не бара да служите на двајца господари. На Господ може да Му служиме и во осаменост и во семејството. Ако сепак, забележите дека семејниот живот ве расејува во служењето кон Бога, тогаш повлечете се. Тоа што не сте во можност да отидете во црква, немојте да го прифаќате само со тага, туку прифатете го и со смирена послушност кон Божјата волја. Нека Името Божјо постојано престојува во вашето срце, и нека од вашата душа се издигне пријатниот аромат на молитвата – и тогаш ќе бидете како во храм Божји. Ако ви наидат солзи, бидете Му благодарни на Бога поради тоа и искористете ги за со нив да си ја очистите душата. Но, како што во ништо не треба да се претерува, така понекогаш и на солзите треба да им поставиме граница, и да го насочиме умот кон некоја друга полезна работа.

„Се простуваат гревовите на многумина, зашто имале голема љубов“. Каде научиле така да сакаат? Тие наместо плач имале покајнички солзи. Божјата љубов, кон оние што се каат, како небесен оган паѓа врз нив и го распламтува и нивното кандило.


Извор: Святитель Филарет Московский (Дроздов), Мысли и изречения (azbyka.ru)