Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XI дел

(Единаесети дел)

 

Почеток на Крстоносните војни

 

Во 1095 година, на Соборот во Клермон Франција, папата Урбан II, официјално го објавува почетокот на Првата Крстоносна војна. Неговиот говор се одвива под ведро небо, надвор од градските ѕидини, бидејќи ниеден затворен простор  не бил доволно голем за тоа мнозинство народ што се имале собрано. Според записот на Балдрих (1050 – 1130), во неговото дело „Историја на Ерусалим“, папата Урбан II, на Соборот ја величал вредноста на чудото на благодатниот Оган:

„Колку драгоцено, многу посакувано и ненадминато место би бил Гробот Господов, дури и кога Бог би пропуштил таму да го направи Своето годишно чудо! Зашто во деновите на Неговите страдања, сите кандила во Гробот и околу него во храмот, кои претходно биле изгасени, повторно се палат по божествена заповед. Чие срце е толку камено, браќа, па така големо чудо да не го допира?…“

Додека тогаш папата Урбан ја објави величественоста и вистинитоста на чудото на благодатниот Оган, во најпознатиот говор што средновековниот свет некогаш го слушнал, век и половина подоцна, во 1238 година, папата Григориј IX, го прави токму спротивното, оспорувајќи го својот претходник. Тој со официјален декрет ја прокламира невистинитоста на чудото и забранува било какво учество на верниците на Римокатоличката црква во службата на слегувањето. Ова одлука важи и до денес.

Со остар тон, папата Григориј на латинските верници им забранил учество во службата на слегувањето на Огнот и покрај тоа што самите свештеници во Ерусалим потврдиле дека Огнот слегува од небото во Гробот. Всушност, папата го отфрла чудото без некоја особена причина. На неговата одлука не претходел никаков настан што би можел да послужи како можно образложение, бидејќи во таа година службата и натаму си се одржувала на потполно ист начин како и претходните векови. Значи, мислењето на двајцата папи, Урбан II и Григориј IX, се дијаметрално спротивни. Но, што со тврдењето за непогрешливоста на папата? Кој од нив не бил во право. Тоа ќе пресудите сами.

Беседа на папата Урбан II за Светиот оган во 12-от век. пергаментски ракопис на делото на Балдрик. Historia Ierosolimitana. MS Stowe 56, fol. 3v. Лондон, Британска библиотека.

(Продолжува…)

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица