Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XI дел

динаесетти дел)

 

Освојување на Ерусалим од страна на крстоносците (1099)

 

Објавата на Iта Крстоносна војна од страна на папата Урбан II со цел ослободување на Светата Земја е претставувана и истакнувана како „Божја волја“. За оние што би се пријавиле за учество во неа било предвидено одлагање на долговите, заштита на имотот и дури прошка на гревовите – така што сето ова довело до масовен одзив на пошироките народни слоеви. Некои учествувале од верски фанатизам и љубов кон Бога, некои за да ги избришат своите долгови, некои поради авантура, а некои за богатење и грабеж.

Порта на Дамаск во Ерусалим. Дел од ѕидот што се наоѓа лево од портата, бил единствената слаба точка од влезот на градската тврдина поради спуст. На ова место крстоносците навлегле во градот.

Во мај 1097 год. крстоносните војски се собираат во Цариград и оттаму со помош на византијскиот цар Алексиј I Комнен, преминуваат на спротивниот малоазиски брег. По три месеци стигнуваат на сиријското приморје и девет месеци ја држат под опсада Антиохија. Најпосле 1098 год. градот паѓа во нивни раце и настапил немилосрден колеж на неговото муслиманско население. Следна цел на нивниот поход била освојувањето на Ерсалим. Четириесет дена траела опсадата на градот и на 15 јули 1099 год. крстоносците го освоиле градот при што се случило истото: суров масакр на муслиманските жители и она малкуте преостанати Евреи, кои биле живи запалени во синагогата.

            За овој страшен колеж пишуваат разни хроничари, кои биле негови очевидци:

            „Околу десет илјади луѓе беа обезглавени во овој Храм… Никој не беше оставен жив. Не ги поштедија дури ни жените и децата.“

Масакрот на муслиманите во џамијата во Цезареја, 17 мај 1101 година. Кога Крстоносците го окупирале пристаништето во Картагина, кралот Балдуин им дозволил да се однесуваат како што сакаат. Илјадници палестински жители на градот заминале во големата џамија каде што биле сериозно масакрирани. Гравура од Paul Jonnard, подоцна Gustave Dorè  (Paris, 1877)

Истите настани ги опишува и хроничарот и свештеник Раимонд д’Агиле нарекувајќи го овој брутален колеж на немоќни луѓе и мали деца чија единствена вина била тоа што живееле во тој град, „праведен и прекрасен Божји суд што ова место се наполни со крвта на неверниците“. Просто е неверојатно што вакво гледиште изразува еден свештеник. Самото тоа мислење ја одразува болната идеологија која владеела во редовите на крстоносците. Оваа идеологија и колеж го навеле британскиот историчар Стивен Рансимен крстоносните војни да ги нарече грев против Светиот Дух. Тие ужасни дела кои продолжиле и следните години имале директни последици врз чудото на Благодатниот оган.

            Секако во сите тие злосторнички дела православните христијани немале апсолутно никакво учество. Напротив, многу пати и самите биле нивни жртви, како на пример за освојувањето на Константинопол во 1204 год. Цели три дена Крстоносците од Запад ги убивале жителите на градот и ги ограбувале светите реликвии од храмовите во еден од најстрашните колежи во историјата на човештвото.

            После падот на Ерусалим во јули 1099 год. за владетел на градот е прогласен Годфрид IV Булјонски, кој одбил да се круниса за крал во градот во кој Исус Христос бил овенчан со трнов венец. Тој се задоволил со скромната титула „Заштитник на светиот Гроб“.

            Православниот Патријарх Симеон, кој бил протеран од муслиманите на Кипар, се вратил во својата столица но Латините му забраниле да служи Литургија во храмот на Воскресението и и набрзо го принудиле да го напушти градот. Првиот, пак, Латин кој бил избран за Ерусалимски патријарх, бил неканонски ракоположен а и обвинет за неморален живот и тема на вулгарни песни.

            На Велика Сабота во 1100 год. избран е новиот латински патријарх Даимберт, и поставен на чело на службата за слегување на Благодатниот оган. Иако службата се одвивала на вообичаен начин, за првпат Светиот Оган не се појавува. Службата продолжува уште неколку часа, и молитвите се повторуваат, но без резултати.

            Латинските свештеници сфаќаат дека Бог не ги одобрува нивните дела и им наредуваат на крстоносците да ги исповедаат своите гревови – пред сѐ сите оние колежи што ги направиле при освојувањето на Ерусалим. По овој долготраен процес, како што известува францускиот историчар Гибер, длабоко во ноќта, најпосле се појавува Благодатниот оган. Но следната Велика Сабота, 1101 год. за првпат во историјата Огнот воопшто не се појавува. Веќе втора година по ред Латините согледуваат дека го немаат Божјиот благослов и жителите на градот се вознемируваат. Следното утро, на Воскресение, молитвите биле повторени, меѓутоа Благодатниот оган и натаму не се појавувал. Латините решиле да го напуштат храмот, а православните свештеници заедно со православните Сиријци, искористиле прилика и сами повторно ја започнале службата. Тогаш се случило нешто неочекувано.

 

Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица
 

(Продолжува…)