Света Причест

Покајаните, исповедани и простени гревови веќе не се во нас, ниту против нас. Тие се како стебленца, отсечени од дрвото. Кога ги сакавме гревовите, тие беа на дрвото на нашиот живот како живи гранки и се хранеа од него. А кога се одвративме и започнавме да се гнасиме од нив, кога се покајавме и ги исповедавме, ние ги отсековме од себеси. Со проштевањето на гревовите тие отпаднаа од нас. Сега тие се суви гранки и Господ доаѓа за да ги изгори во нас тие трња на прегрешенијата. И така нашата најглавна грижа треба да биде да ги осознаеме своите гревови, да се покаеме, да се исповедаме и цврсто да решиме да се откажеме од нив. Ако веќе сте го направиле тоа, или ќе го наравите денес, благодарете на Господа. Преку проштевањето на гревовите, при исповедта, Он сам си приготвува во нас достојно живеалиште, очистено и изметено.

Кон таа наша главна грижа да додадеме уште една – да го сочуваме нашето внимание нерасејано и срцето спокојно. И така, пазете се од расејување и од грижи кои возмутуваат. Мислата треба да ви биде упатена кон Бога, Кого ќе Го примаме. Ако преку целата седмица сте ги избегнувале вообичаените грижи, до толку повеќе треба да ги оставите сега, да се оддалечите од сѐ да се задлабочите во себе си и да пребивате таму само со мислата за Господа, Кој доаѓа при вас. Затоа запрете секакво бегање на мислите и во умот созерцавајте си единствено за Господа. Молете Му се со кратки молитви, велејќи во себе: „Господи не отфрлај ме од твоето лице! Не гнаси се од мене кој толку сум те повредувал! Не ме прогонувај од Твојата трпеза како нечист! Посети ме по Твојата милост, иако сум недостоен! Оживеј ме според Твоето слово! Дојди кај мене кој гинам и спаси ме!“ Или едноставно повторувајте: „Господи Исусе Христе, Сине Божји, помилуј ме!“ Или дури и без зборови, само поклонувајте Му се во срцето на Господа, очекувајќи милост.

Ако мислата не е силна за да се задлабочи врз сето ова, да и помогнеме преку размислување за светата Причест, и за да не талка многу да ја соочиме со зборовите на Господа и на светите апостоли во врска со ова Таинство. Нека навлезе во она што го кажал Господ и нека се поучи од кажаното од светите апостоли.

Јас сум живиот леб што слезе од небото; кој јаде од овој леб, ќе живее вечно; а лебот што ќе го дадам Јас е Моето тело што ќе го предадам за животот на светот… Вистина, вистина ви кажувам: ако не го јадете телото на Синот Човечки и не ја пиете крвта Негова, не ќе имате живот во себе. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има  живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден. Зашто Моето тело е вистинска храна, и Мојата крв – вистинско питие (Јован 6, 51-56). Или да ги земеме еве зборовите кажани од Господа на Тајната вечера: Земете, јадете, ова е Моето тело… Пијте од неа сите; зашто ова е Мојата крв… (Мат. 26, 26-28). Или тоа што нѐ учи апостолот: Оној што недостојно јаде од овој леб и пие од чашата Господова, виновен ќе биде спрема телото и крвта на Господа (1 Кор. 11-27).

 

Да го храниме нашиот ум со овие зборови. Нека ги расудува, нека се поучува од нив и да се настројува за скрушена молитва. А кога молитвата ќе дојде, мислено да паднеме пред Господа и да не ја изоставаме молитвата додека трае. Кога пак таа ќе си отиде од нас, повторно да го загреваме срцето со созерцание.

Така – во богомислие и молитва – да го поминеме остатокот од денот пред светата Причест, особено вечерта пред да нѐ опфати сон. А утредента, штом ќе отвориме очи, веднаш да побрзаме да ја оживееме во свеста мислата за величието на денот што настапува, преблагословен меѓу сите денови на нашиот живот, велејќи си: „Овој ден го создаде Господ да се зарадуваме и развеселиме во него! Денес е Пасха за мојата душа.“ И одново – да не се препуштаме на суета и да не се расејуваме од многу споредни нешта, туку одново да си ги собереме мислите и да го насочиме вниманието кон она едното што е потребно – кон она што ќе се изврши за нас и со нас. Во тој дух да се приготвиме да појдеме во Божиот храм на света Литургија. Брзајќи натаму да си велиме: Ете Младоженецот доаѓа, дојдете да Го пресретнеме!

Внимавајте! Непријателот на секаков начин ќе се обидува да го изгасне светилникот што ви е запален во душата, внесувајќи ви лошо настроение – или расејување на мислите, или грижа за нешто, или незадоволство од нешто или од некого итн. Секое од овие движења ја возмутува и растројува душата. Затоа пазете си го вниманието нерасејано и непрестајно насочувајте си го умот и срцето кон Господа – така ќе ја избегнете таа стапица.

На таков начин, пазејќи го своето добро настроение, вие ќе влезете во Божиот храм. тука чувствувајте се како во горното место на Сион, меѓу апостолите, кои што ги причестувал самиот Господ Исус Христос… Повеќе од сѐ внимавајте на она што се чита и пее, сите ваши мисли насочувајте ги кон тоа дека за вас, особено, Господ подготвува спасителна вечера и разгорувајте ги во себе соодветните чувства и расположенија, принесувајќи ги како жртва на Бога Кој сѐ гледа…

Така од едно чувство кон друго – од вера во дејствителното присуство на Господа во светите Тајни, кон смирение и страв Божји, од страв кон огнена желба да Го примите во себе Господа, од желба кон надеж, од надеж кон скрушеност – во себе на Господовата трпеза ќе составите песна, која што ќе Го заслади Господа и ќе го привлече вниманието на небожителите.

Во такво благодатно настроение и небесна озареност, пристапете најпосле до Господовата чаша. Штом ја видете поклонете Му се на Господа Кој ви доаѓа во пресрет, повикувајќи заедно со светиот апостол Тома: Господ мој и Бог мој!

Пригответе се така да Го пресретнете Господа и Он несомнено ќе влезе во вас и ќе вечера со вас во вашето срце. Тогаш не ќе има потреба да ве учи некој зашто Единствениот  Учител на сите ќе биде во вас. Внимателно слушајте со увото на срцето и запишете ги на хартијата од умот свој Неговите зборови. Он на сѐ ќе ве научи. Погрижете се само да Го задржите во себе си со целата своја усрдност, со целото свое внимание, нудејќи Му го само она што ќе Му биде угодно да го види во вас. Амин.