Благодатниот оган – чудо на Христовиот Гроб – XIV дел

(Четиринаесети дел)

 

Францускиот летописец Фулхериј и кодексот L

 

Појавата на Благодатниот Оган по молитвите на православните, било сфатено како Божествена потврда на исправноста на Источно Православната Црква, а паралелно со тоа и како отфрлање на новиот режим наметнат од страна на крстоносците. Томас Индинопулос го наведува следново: „Додека Латините беа отсутни и само грчките и сириските свештеници се наоѓаа во Пресветиот Гроб, Светлината се појави. Во врска со ова ни се дава некакво наговестување од страна на еден од локалните хроничари, кој вели дека Бог бил гневен затоа што на православните им беше одземено правото на служење во Пресветиот Гроб и заради внесувањето на жени во манастирите. Како резултат на преговорите со кралот, православните беа вратени на своите места во храмот а жените исфрлени од манастирите, па Бог се смилува и ни го испрати Светиот Оган.“

Кристофер Макевит тврди дека недоаѓањето на Огнот било пред сè поврзано со мегаломанијата на латинскиот патријарх Даимберт, кој требал да се смири пред народот:

„Даимберт сметаше дека со светиот град треба да управува патријархот а не кралот – оттука и неговиот судир со Балдуин. Според тоа вистинската причина за кризата со Благодатниот Оган не беше повторното воспоставување на локалното свештенство, кое никогаш и не било протерано, туку смирување на патријархот пред големото мноштво поклоници и крстоносци“.

Втората причина што Макевит ја наведува е незадоволството на Бога од латинскиот патријарх:

„Во моментот кога патријархот Даимберт требало да се појави во својата најголема слава, прославувајќи го Воскресението Господово, единственото што му се откри беше  сопствената немоќ и Божјото незадоволство од него. Така Благодатниот Оган се појави дури кога Даимберт и неговите свештеници го напуштија Пресветиот Гроб за да се помолат во храмот Господов, оставајќи ги зад себе православните свештеници, во мир да се помолат и најпосле да го дочекаат долго очекуваното чудо.“

Според мислењето на авторот на оваа книга, неуспешната служба на слегувањето на Огнот на Велика Сабота 1101 година не треба да му се припишува само на еден поединец, патријархот Даимберт, туку на општиот став на крстоносците, кои како што веќе рековме ја освоиле Антиохија, Ерусалим и другите градови, касапејќи сè живо во атмосфера на невидено дивјаштво.

И Колин Морис напомнува: „Општ впечаток беше дека овој неуспех дојде како одговор на гревовите на христијанските победници.“ Меѓутоа што значи тоа одбивање на Благодатниот Оган да се појави на Велика Сабота во 1101 година, во однос на автентичноста на чудото?

Дали ја негира или пак, можеби, ја потврдува и поткрепува?

Од раскажаните настани се наметнува еден очигледен заклучок дека и покрај срамот и понижувањата што ги претрпеле Латините, а пред сè Даимберт, никој од нив не можел да го произведе огнот на вештачки начин! Причината за тоа е едноставна: за време на службата немало никој во внатрешноста на Гробот, како што беше веќе спомнато. Тој бил заклучен, а клучевите ги имал единствено Даимберт. Според тоа, ненадејното доаѓање на Светиот Оган во празниот Гроб, во недела наутро 21 април 1101 год, во отсуство на Даимберт, претставува несоборлив доказ за вистинитоста на чудото.

(Продолжува…)

 
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица