(Дваесети дел)
Принцот Саладин пред Светиот Оган, 1192 година
Хроника на Англискиот опат Ричард
Оваа хроника ја напишал јеромонахот Ричард, подоцна опат на манастирот Св. Троица во Алдгејт кај Лондон. Во својата хроника Ричард нѐ уверува дека и сам учествувал во Крстоносната војна и дека многу од настаните што ги опишал лично ги доживеал. Понатаму следи опис на службата на слегувањето на Благодатниот Оган со многу детали. Ричард дури ги запишал и точните зборови што принцот Саладин ги изговорил кога се уверил во вистинитоста на чудото. Нема сомнеж дека станува збор за лично искуство, затоа што Ричард користејќи нарација во прво лице, со изненадувачки детали ги опишува настаните што се случувале за време на Третата Крстоносна Војна. Само некој што одблиску ги доживеал тие настани би можел на таков начин да ги опише. Да видиме, значи, што точно раскажува Ричард за таа Велика Сабота, 1192 година:
„Спроти Воскресение, спроти Пасха, принцот Саладин, опкружен со својата придружба, дојде на вредниот за почит Гроб Господов во Ерусалим. Дојде тука со цел да ја открие вистината за небесниот пламен што продолжува со божествена сила да слегува секоја година на тој ден и да го пали кандилото. Едно време, Саладин и останатите присутни Турци, внимателно ја набљудуваа побожноста на многуте, со синџири врзани заробеници, кои со солзи Го преколнуваа Бога за милост. Наеднаш, пред нивните очи слезе Божествениот пламен и го запали кандилото кое заблеска силно од Огнот. Кога го видоа тоа, сите луѓе длабоко се трогнаа. Христијаните се радуваа и гласно го фалеа величеството Божјо, додека Сарацените, запрепастени од едно такво очигледно чудо, одбиваа да поверуваат во она што го видоа, тврдејќи дека пламенот е резултат на некаква вешта измама, смислена да ги излаже. Сакајќи да биде потполно сигурен, Саладин нареди да се изгаси кандилото кое се беше запалило на божествен начин. Штом кандилото беше угасено, тоа веднаш повторно се запали од божественото дејство. Неверникот нареди кандилото и по вторпат да се изгаси, но тоа и по вторпат се запали. И трет пат го изгасија, и по трет пат кандилото повторно се запали. О, велика сила Божја! Што може да Му се спротивстави на Непобедливиот? Никакво советување не вреди против Господа; никој не може да се спротивстави на Неговата волја. Султанот беше запрепастен и болно потресен, гледајќи го чудото, и верата, и преданоста на Христијаните. Поттикнат од Бога, тој цврсто изјави:
‘Без сомнеж, или наскоро ќе си заминам од животот, или ќе ја изгубиме власта над овој град’.
Претчувството не го измами, зашто Саладин се упокои во текот на следната Четириесетница“. Деталите со коишто Ричард го опишува ова чудо навистина се импресивни. Како потврда на ова раскажување го имаме и сведоштвото на Французинот Амвросиј за истиот овој настан.
Превод од англиски јазик, сестринството од Рајчица