Видовме дека Христос е првото Дете. Кои уште се деца? Ако погледнеме кого Бог го сака, тогаш ќе сфатиме и кои се децата Божји.
А тоа ни е познато. Бог сета Своја љубов им ја покажа на болните, на демоноопседнатите што ги исцели. Особено на жените кои до тогаш беа презрени. Ги сакаше сирачињата, вдовиците, грешните.
Кога св. Јован ги испрати своите ученици да Го прашаат Господ дали е Он Христос, Господ не одговори дека Он е навистина Христос, Синот Божји, туку им рече: „Кажете му на Јован… слепи прогледуваат и фатени одат, лепрозни се очистуваат и глуви слушаат, мртви стануваат и на сиромашните им се проповеда Евангелието“ (Матеј, 11, 2 – 5). Разните сиромаси од овој свет, ништожните, беспомошните созданија, болните луѓе, кои трпат и страдаат – тие се децата Божји.
Христос пред сè, ги сака оние Свои деца кои се уште во детска возраст. Нив ги зеде во прегратка и рече: „Оставете ги децата да доаѓаат кај Мене… зашто на таквите е Царството Божјо“ (Марко, 10, 14).
Детето со својата природна невиност, незлобливост и чистота личи на Бога. Ништо на светот не ни предава поуспешна икона на убавината Божја од самото дете, и тоа пред сè насмевката и погледот на детето. Тоа ништо не очекува со упорност, не прави планови, нема интереси, не е лицемерно. Играта е основната занимација на детето. Бидејќи родителите го хранат и штитат, тоа не чувствува никаква нужност, па така сето свое внимание, фантазија и сила ги вложува во играта, која за него ја содржи сета вредност и сериозност на овој свет. Во играта ја изразува својата одговорност, добродетел и своите квалитети.
Нужноста не е основен мотив во неговиот живот. Играта е едно слободно творење, одморно и сладосно истурање на детската енергија. Тоа во играта се чувствува како големина, како мал бог пред лицето на Големиот Бог.
Детето особено се сеќава на Бога, и во Духот подобро и од научникот ги поима догматите и тајните на верата. Го живее присуството Божјо, верува во зборот Негов, се изненадува поради неверието на другите. Тоа е човек најмногу наклонет кон божественоста, обожавател, пријател и причастник Христов. Само да им Го даваме Бог на своите деца.
Трагедијата човечка започнува тогаш кога тој ги напушта одликите на детето, кога заборава дека и самиот бил дете, и со тага се потчинува на животните грижи, на напорот да надвладее, потребата да биде признат.
Тој играта ја заменува со забава. Но, забавата значи потреба од доживување, ропство, поделеност на личноста, привремен одмор од стресот, бегство од реалноста, разбивање и расејување на будноста и на срцето свое, избегнување на работата, прекин во односот со непосредната околина и талкање со разноразни лица. Човекот кој се забавува не поседува креативност, бара неработење, бара друштво за да ја сокрие својата осаменост. Културата на „забавата“ води кон духовна сиромаштија, грев, неисцрпна болка и очекување на одмор или пензија. Таа не е одмор, изградба, туку губење на богатството и детските доживувања, тонење во безнадежноста на бескорисното време и во чувството на залудност.
И кога возрасните ги гледаат своите деца, нивниот поглед и понатаму останува без боја и значење. Не си играат со нив. Ја изгубиле својата младост. Интересите што со нив управуваат брзаат да создадат нови потреби, обврски, заработки. Тие биваат затрупани со внатрешната и надворешна бучава, така што не Го слушаат кроткиот Божји глас кој ги повикува. Но и тие се деца Божји. Црквата, Невестата Христова и за нив се моли: „Младите воспитувај ги, старите одржи ги… заблудените врати ги“. Сите ги повикува на почивка и одмор, „оние кои се уморни и претоварени“, за кои е подготвен одмор.
Младиот кој е обесхрабрен, зрелиот човек кој е безнадежен, старецот кој е повредлив и кој пред себе не гледа никаква светлост, сите се деца Божји, колку што е и Он нивен Творец. Он не престанува да си игра со нив, за да ги привлече и да го обнови нивниот живот.
Грешните, пак, особено се – деца Божји. Бог е за нив Татко „Кој милува и сожалува, долготрпелив и многумилостив и Кој се кае за злото. Кој знае, можеби ќе се повратат и покајат? Ним Бог со најпривлечни игри им дава голема надеж дека ќе останат деца Негови и дека ќе Го сретнат. „Добронадежните ги направи Свои синови, зашто за грешниците даруваш покајание“, вели Соломон. Особено „добронадежна ја направи“ младоста, која бидејќи во заблуда, талка и прета, не владеејќи со себеси.
Во срцата на младите кои, потонати во гревот, Го одрекуваат Бога и не можат да најдат рамнотежа, си играат животот и смртта, верата и неверието, воздржанието и раскалашеноста, водата и огнот. Едното за да ги потопи, другото за да ги вжари. Сè е во игра. Зар Бог да не учествува во таа игра?
Една мајка ми се жалеше дека нејзиното дете воопшто не Му придава значење на Бога. „Дете мое“, му вели, „да појдеме еднаш заедно до манастирот. Зарем и ти не си верник?“ „Каков верник, и за каков Бог зборуваш?, ѝ одговара шестнаесетгодишниот син. Се обидов да ја охрабрам, но таа не сфати ништо. После два дена ми се јави на телефон и ми рече: „Замина на излет и јас ги прегледував пантолоните што ги облекува кога оди во школо. Во еден скришен и закопчан џеб му најдов две бројаници, една од триесет и една од сто топчиња!“ Гледај, во душите на децата си играат животот и смртта, верата и неверието. Бог секогаш правилно ќе ја одигра Својата улога. Ако и ние правилно ја одиграме својата игра пред децата, невозможно е тие некогаш да не се сретнат со Бога, макар и многу подоцна одколку што ние би сакале.
Се сеќавате ли што му рече Творецот на Каин – првиот убиец во вселената? На Каин му се јави Самиот Бог! Рацете негови сѐ уште беа црвени од крвта на Авел, праведниот негов брат. Како му зборуваше Бог? Погледнете ја играта! Не му рече; „Оди си убиецу!“, туку милозливо му рече: „Зошто си нажален? „ Поради што си тажен дете Мое? „И зошто се помрачи лицето твое?“ Ме виде; зошто го наведна лицето твое и срам ти е да ме погледнеш? „Смири се“; смири се, и за тебе има Бог. „Он ќе гледа во тебе и ти ќе владееш над него“. Не само што го утеши и како сожаллива мајка го обвитка со благи зборови, за да го смири, туку за да го охрабри му рече и : „Он ќе гледа во тебе и ти ќе владееш над него“, потомците на Авел ќе ти бидат подредени; ти ќе владееш. Ова е играта на милосрдието и љубовта Божја за да може човекот да успева во својот живот.
Овие бунтовни млади луѓе, кои често нè доведуваат до безнадежност, нашите романтични деца, се деца Божји. Тие имаат многу помисли, подводливост, страсти, себичност, разочарувања од татковата лоза и од своето детство. Мислат и сакаат многу нешта, и се занимаваат со многу нешта, како да имаат многу богови. Нивниот живот е едно многубоштво. Но Господ Исус Христос и оние што веруваа во многу богови ги повика на еднобоштво.
Тропарот на светите пет Маченици, кои денес ги прославуваме, многу убаво вели: „Многубоштвото како неосветлена скинија, која со вера се укинува“. Тоа многубоштво што луѓето, било како догма, било како дело, го имаат во своите животи, е една сцена, нешто привремено што со верата согорува и се укинува. Тоа е една сцена што покажува самотија, издвоеност, суша, сиромаштија и пустош, заблуда на човекот кој живее далеку од Христа. Една сцена која Едниот и Единиот Бог ќе ја укине. Такви чуда секојдневно се случуваат.
Бог само од љубов, без никаква неопходност и интерес го создаде Адам како Свој син, го постави во рајот за да биде уважуван, да биде фален, да владее и да се радува и ужива во својата убавина и во Бога Кој е добар со Својата убавина. Неговиот живот беше чест и слава. Можеше да стане бог. Тоа стана јасно со давањето на имиња, кога Бог му рече на Адам да им даде имиња на созданијата. Така му откри дека тој го има правото Божјо и дека со тоа може да стекне неразделива божественост, да стане еднаков на Бога.
Од тогаш човекот и Бог си играат. Татко и син. Он го создава Адам како другар во играта, и го повикува во играта за напредок на сета твар. Светот, созданието како некоја топка преминуваат од раката на едниот во раката на другиот, за да би можеле и двајцата да се веселат и да стигнат до вечноста.