Еден е нашиот непријател – самите ние

Непријател и противник во духовниот живот не постојат. Еден е нашиот непријател – самите ние. Една е болеста – нашиот егоизам. Борејќи се против нашиот егоизам, полека-полека ја градиме атмосферата на смирението внатре во нас. Егоизмот во нас еднаш го сфаќаме како суета, а друг пат како размислување за себеси, многупати и како самосотрадално себељубие, или како егоцентризам; понекогаш во многу јасно видливи форми, како што се гневот или ароганцијата, а друг пат во многу суптилни, како што се: преголемата чувствителност, жалбите, негодувањата, осетливоста итн.

Еден мал пример е доволен да ја покаже големината на овој скриен егоизам и на незабележителната тесноградост: Ако се случи да погледнеме една фотографија на која се наоѓаат пет луѓе – а меѓу нив и ние самите – чиј лик ќе го побараме најпрво да го видиме на фотографијата и да го препознаеме? Секако, нашиот. И ако се случи фотографијата да е неверојатна во позадина, во боите и појавата на сите ликови, но нашето лице да е со малку затворени очи – не е реткост тоа – тогаш, не ни се допаѓа фотографијата, иако на сите останати им се допаѓа. Ова е пример што ни покажува дека во нас функционира нашиот суптилен егоизам.

По аналогија, многу силно во нас е и тежнеењето кон себеоправдување. Не поднесуваме да бидеме онеправдани. А уште, не ги поднесуваме ни нашите собраќа коишто покажуваат карактер што не се совпаѓа со нашиот и ни создаваат потешкотии. Не сфаќаме дека наши добри со-луѓе (добродетелни, „пријатни“) можат да бидат нашите ближни браќа, но тешките (т.н. „грешници“, оние кои најверојатно се лишени од добродетели и нѐ надразнуваат и нѐ предизвикуваат) се уште подобри, бидејќи се возљубени браќа Христови. Ние се спротивставуваме на оваа реалност и така неграме да бидеме луѓето, пријателите, браќата на онеправданиот Христос.

Сите овие нешта постојано ги живееме во нашиот секојдневен живот, било тоа да е преку специфични форми, или во нашата тишина, кога чувствуваме како нашето его, како магла го спречува појавувањето и објавувањето на Бога. Како што кажавме и погоре, она што постои многу силно во нас, тоа воглавно е нашето мислење како поглед, правото како чувство и волјата како волствен израз на егопатичното нас. Добро е да се бориме против овие нешта. Одиме кај нашиот духовник, правиме малку послушание, се бориме колку што можеме и така го негуваме философскиот ум. Би рекле дека е потребно да стекнеме и малку духовен „мозок“. Најчесто, научници сме кога е во прашање откривањето на слабостите и страстите на другите, а целосно слепи кога треба да ги воочиме нашите. Но на тој начин се онеправдуваме себеси и нашата врска со Бога. Го ограничуваме Неговото право да нѐ преобрази од образи во негови подобија.


Извадок од: Π. Νικολάου, Μητροπολίτου Μεσογαίας και Λαυρεωτικής, «Άνθρωπος μεθόριος»

Превод од грчки: Филип Тинтоски