Верата и знаењето

Во возот, во едно купе помеѓу патниците се водеше разговор за верата и знаењето, за смислата и целта на човековиот животен пат на земјата итн. На една станица влегоа во возот тројца нови патници и се вклучија во разговорот. Новите патници прашуваа, а еден од старите патници одговараше:

Што е верата? Запраша еден од новите патници.

– Верата е жива претстава за она на кое се надеваме, и докажување на она, што не се гледа. Вака пишува во Светото Писмо (Евр. 11, 1), одговори стариот патник.

А на што се надеваме ние во верата?

– Се надеваме на вечен живот во небесното царство Христово.

А што ни сведочи за постоењето на она што не се гледа?

– На целиот свет му сведочи разумот човечки (доколку не е помрачен и развратен), а нам на Христијаните покрај тоа – и повеќе од тоа – без сомнение ни сведочи нашиот Господ Исус Христос со Своите големи и страшни откровенија.

Што е посигурно, светското знаење или верата?

– Посигурна е христијанската вера. Еве зошто: Светското знаење луѓето го добиваат низ сетилата и разумот, а христијанските откровенија луѓето ги примаат од сетилата и разумот, а особено и пред сè, од небесното Божествено сведоштво. Со други зборови: светските знаења се базираат на сведоштвото на сетилата и на сведоштвото на човечкиот разум, а верските знаења имаат три сведоштва: сетилно, разумно и Христово. Па како би можеле да нè излажат и нашите сетила и нашиот разум, и како што Христос не може да излаже, па така верските знаења се посигурни, попотврдени и посилни од сите светски знаења.

Не разбирам како верските знаења и сознанија или откровенија се примаат и преку сетилата?

– Да, и со сетилата. Зарем апостолите и многу други сведоци не ги слушнаа со ушите Христовите зборови, не го допираа ли со рацете Неговото тело, не ги видоа ли со очите Неговите чудеса, Неговото воскресение и вознесение?

Ама тоа беше тогаш кога Господ во тело одеше помеѓу луѓето. Но како денес можат сетилата да ни користат во верските прашања?

– Можат да ни користат и денес како и тогаш. Зарем апостолот не зборува за едното тело Христово кое и денес постои? Не вели ли тој за Црквата дека таа е тело Христово (Еф 15 22-23)? Црквата — ова тело Христово — постои и може да се види; таа зборува и може да се слушне, таа твори чудеса и може да се почувствува со целото човеково битие. Низ сите векови до денес, во Црквата се јавувале сили и чудеса пред очите на луѓето, како и во времето на Христовиот престој на земјата во тело.

– Сега ми е јасно дека верските вистини се посигурно знаење од секое друго знаење.
Но не ми е јасно зошто верските вистини не се нарекуваат знаење туку вера, па така на луѓето им се дава повод да мислат дека верата во Бога е понесигурна од другите знаења?

– Зарем не знаете дека и сите светски знаења се засновани на вера? Разликата е во силата на потврдата и сведоштвото. Нашите светски знаења имаат потврда во нашите сетила (вид, слух, допир итн.), и во нашиот разум и во кажувањето на другите луѓе кои се како и сите ние. А потврдата и сведоштвото за верските знаења ни ги дал и ни ги дава непогрешливиот наш Господ Исус Христос. Значи, сигурноста на нашите верски знаења ја добиваме преку верата во Синот Божји. Нема ниту еден помеѓу нас кој во животот не се излажал, и тоа многу пати, верувајќи им на своите сетила (своите очи и уши), и верувајќи му на својот разум и верувајќи им на другите луѓе. Ете на каков песок е устроена сета зграда на нашите светски знаења! Меѓутоа, нема ниту еден во светот кој некогаш се излажал верувајќи Му на Исуса Христа, Синот Божји, вечната Сила и вечната Мудрост Божја. Тоа искуство докажува дека нашата вера е неспоредливо посигурно знаење од сите останати знаења, кои се засновани само на сетилата, на човечкиот разум и на човечките кажувања и сведоштва. Палатата на христијанските верски знаења е заснована на тврда и непоколеблива карпа… Ако нашата вера би ја нарекле знаење, ние со тоа не би ѝ укажале голема чест, затоа што со тоа би ја ставиле во редот на останатите знаења, несигурни и променливи, кои не се загарантирани со никаков повисок авторитет, освен човечкиот…

Христијанската вера е најголемото, најважното и најсигурното знаење од сите други знаења. Според тоа и науката на верата е наука над науките. Како што Бог е над сите луѓе, така и верата Божја е над сите останати човечки знаења и учења.