Христијаните во светот – IV дел

Луѓето мислат на свој начин, но јас како Христијанин, мислам поинаку. Затоа моето излегување од светот нема да биде просторно – монаштвото е рековме друго нешто – туку тропосно, односно според однесувањето. Она што Бог го кажува како во Стариот така и во Новиот Завет, е тоа што е наведено во 6,17 од Второто Посланието на апостол Павле до Коринтјаните: Излезете од нивната средина и одделете се, што значи излезете од меѓу нив, и не се допирајте со ништо нечисто и Јас ќе ве примам. Што е важно тоа дека во еден град има и домови со лоша репутација? Ако никогаш не одам таму, нема да се допрам до ништо нечисто. Што дека има кафеани во кои луѓето се опиваат? Ако не влезам во нив, нема да се допрам до нечисто. Така што јас сум во мојот град, но истовремено и надвор од него. Како излегов од него? Со однесувањето (тропосно). И тогаш Бог ме прима, како што вели апостол Павле, тогаш Јас ќе ве примам. Но ова што ви го кажав е многу воопштено, мили мои, затоа сега подетално ќе го разгледаме, како што е претставено во писмото до Диогнет. Таму се вели: Христијаните, иако се придојдени, ја сакаат и заштитуваат татковината. Значи, Христијаните „живеат во сопствените земји но како придојдени“.

Секој Христијанин живее во својата земја, но како да е без татковина, како придојден. Знаете ли кој се нарекува придојден? Придојдениот е како некој кој останал да преноќи на друго место, а всушност не е од тоа место. Луѓето од местото каде што ноќевате ќе ве наречат придојден. Ете каков е Христијанинот, тој живее во својата татковина, односно во местото каде што е роден, но живее како придојден, како тоа да не е неговата татковина. Тоа значи дека верникот сепак има татковина. Сакате да знаете уште нешто? Со оглед на тоа дека верникот има татковина, тој ја сака својата татковина. Внимавајте ова е многу важно! Оваа вредност во наше време сè повеќе се губи и тоа е голем духовен пад. Сфаќањето за љубовта кон татковината во денешно време некако се смета за застарено. Навлезе полека космополитскиот дух и младите почнуваат да чувствуваат дека немаат татковина, или пак немаат некое длабоко сфаќање и поврзаност со татковината. Тоа е ужасно, тоа е како што рековме духовен пад.

Во вонредни околности, Христијанинот ја заштитува својата земја, дури и ако живее во паганска држава. И како што е докажано, како што убаво се гледа од историјата на Христијанството, најдобрите војници во паганските држави, биле Христијани. Спомнете си за светите 40 Маченици – тоа биле 40 војници од различни места, забележителни по својата смелост. Да си спомнеме и за св. Димитриј, кој бил управител на Солун за време на Римската власт. Исто така и св. Георгиј. Св. Теодор Стратилат – војвода! Тука се и св. Мелетиј Стратилат, св. Теодор Тирон. Воини. Ништо не им пречело да војуваат како Христијани. Но кога настапил моментот да го исповедаат Христа, тие тоа бестрашно го направиле. Во врска со војната, како што велеле Французите за време на Втората Светска Војна: „Pourquoi?“, „Зошто војуваме?“ или како што пишуваше на ѕидот на универзитетите пред извесно време: „долу војната, сакаме љубов!“ Се разбира долу војната, ние не сакаме војна, но доколку таа се случи, мили мои, тогаш што ќе кажете?… Тие што ќе војуваат се Христијаните. Татковината е веднаш после верата. Исто толку света. И покрај ова, вредноста на татковината не се смета за повисока од христијанскиот идентитет. Затоа, како што веќе рековме, кога е неопходно христијанскиот војник на прво место ја става верата, а потоа татковината. Тој никогаш не ја предава татковината, но умира за верата. Затоа не заборавајте, ние никогаш нема да речеме: „Државата бара, и ќе се одречам од Христос!“ Не! Кажано е од Христа. Не ја предавам татковината, но станувам маченик и се жртвувам за Христа. Тоа е така, бидејќи Христијанинот знае дека е придојден во вој свет, и дека вистинскиот дом не му е тоа што се нарекува Македонија или некако поинаку, туку Небото, Царството Божјо. Или како што вели Посланието на св. апостол Павле до Евреите: Бидејќи тука немаме постојан град, туку го бараме идниот.


 (Продолжува…)