Христијанството е животот на радоста

Ако се обидуваме да ја разгледаме радоста повеќе на практично ниво во животот, би можеле да кажеме дека:

1. Едно е радоста, а друго е задоволството. Тоа се две различни по квалитет состојби и реалности. Задоволството повеќе ја конкретизира својата содржина во еден објект, чие присуство или отсуство го определува моето весело расположение. Следствено, при отсуство на објектот што ја создава еуфоријата, потонуваме во тага.

Радоста е нешто многу подлабоко и постабилно. И таа може привремено да се појавува позитивно или негативно од работите, лицата и состојбите, но не се откажува од нив. Можам да се смеам или да сум радосен дури и кога не сум здрав или немам што да јадам. Ова го живееме и го среќаваме. Луѓето кои логички немаат никаква причина да се радосни, откако животот не се покажал на најдобриот начин кон нив, се спротивставуваат и се подвизуваат, веројатно со најсуштествениот револуционерен акт, се смеат и се радуваат на едноставните и непосредни секојдневни работи.

2. Радоста се гради, таа е состојба која се формира и утврдува од Самиот Бог како дар и подарок од Светиот Дух. Но треба да претходат нашите напор и волја, согласност и содејство во овој настан.

Прво ние треба да „сакаме“ и да „избереме“ да бидеме радосни. Зашто во спротивно, Бог не може да ги отвори насилно портите на нашата душа, ниту може да ја изнуди нашата волја. Ако упорно гледаме кон негативните моменти и тажни настани во нашиот живот, тогаш создаваме таква негативна состојба, за која не мислам дека некој од надвор може да (ни) помогне. Неслучајно Христос пред секое чудесно исцеление секогаш настојувал на прашањето: „Сакаш ли да оздравиш?“. Треба да ја очистиме чинијата, за Бог да го сервира јадењето, односно благодатта. Тоа е наш сопствен избор и напор.

Бог никогаш нема да ни даде нешто што сами можеме да го направиме. Тој сака да ја види нашата волја и труд. Нашата зрелост. Преземањето на нашата одговорност за животот.

Старец Емилијан Симонопетриски кажа: „Ако немаш расположение да побараш за да најдеш вода, дури и врз изворот да седнеш, Бог нема да ти каже дека има вода одоздола“.

Во Црквата сè е богочовечко. Не е само Божествено, зашто тогаш се уништува човечката личност и човекот се распаѓа. Ниту, пак, целосно антропоморфно или антропоцентрично. Оттука радоста е избор; избор, кој сме повикани да го заштитиме.

3. Идентификување на радоста со сопствената волја. Многу пати тешко ни е да ја доживееме радоста затоа што ја идентификуваме со нашата сопствена волја и нашето сопствено видување и разбирање. Ако го разгледаме тоа психолошки, ќе кажеме дека ја идентификуваме радоста со нашиот сопствен план и програма.

Кога се јадосуваме и срдиме? Кога ги отфрлаат нашите вообразени побарувања, кога се осуетуваат нашите планови и се побива нашата замисла за развојот на нештата.

4. Исто така, од големо значење е што радоста не е отсуство на проблеми. Не постои некаде живот во кој отсуствуваат болката, проблемите и испитанијата. Прашањето не е како ќе ги избришеме тешкотиите од нашиот живот, за да донесеме одлука да се радуваме, туку како ќе застанеме и ќе ги протолкуваме внатрешно испитанијата што ни се случуваат. Тука се појавува верата. Верата во еден жив Бог, Којшто нè сака и се грижи за нашиот живот.

Никогаш нема да се зарадуваме ако очекуваме да се створат идеални услови. Тоа нема да се случи. Секогаш ќе постои едно „ама“, за да ја одложуваме радоста. Многупати се прашуваме: „Би можел да се радувам, но како да го направам тоа откако се случи ова и ова во мојот живот…?“, „Беше убаво искуство, но како да се израдувам, кога ги знаете моите проблеми…“. Но, тие „ама“ никогаш не завршуваат. Секогаш ќе постои едно „ама“, едно „зошто“, кое ќе ја разјадува иднината на нашиот живот. Оттука, решението за овие ненавремени прекори е довербата и оставањето на Божјата промисла со посредство на верата. На едно вечно течение, кое го осуштествува животот.

5. Прекинување на себеапсолутизацијата. Да престанеме да се апсолутизираме себеси како единствениот принцип и вредност. Несомнено, човек треба да верува во силите и дарбите што му ги дал Бог, и да има добра слика за себеси воопшто. Но не со едно погубно самофалење и нарцистичен акцент. Ако веруваш во Божјата милост, во Божјата љубов, работите стануваат поедноставни во секојдневието, бидејќи ја бркаш вознемиреноста од успехот, компулсивноста на совршенството, агонијата и стравот на „изгладнетиот“ живот.

Црквата е пространството на оние што се каат. Според отците, таа е лекувалиште не за совршените и беспрекорните, туку за оние што со скрушеност ги исповедаат своите недостатоци.

Ако денес еден член на Црквата застане во средината на некој православен христијански храм и ги исповеда јавно своите гревови, не мислам дека ќе се најдат многу црковни посетители што ќе го прегрнат. Имам чувство дека мнозинство со радост ќе фрлат камен, еден мал дел ќе го презре, а минимален дел ќе го прегрне христијански. Тоа е една јасна слика, која го покажува искривувањето на христијанскиот етос.

6. Проблемите не нè дефинираат. Многу е важно да разбереме дека проблемите не нè дефинираат. Кики Димула има еден убав стих: „се радувам на човек, кој не оставил раните да го направат нешто друго од она – што е“. Врвен стих. Многу е јасно дека тешкотиите на животот влијаат врз нас, но не нè дефинираат, најмалку како луѓе. Фактот дека имаме страдања и проблеми во никој случај не треба да ја замени секоја форма на радост во нашиот живот. Напротив, треба да ја видиме суетноста на времето и да ги грабнеме моментите што ни се даруваат. Искушенијата и тешкотиите не треба да ја изгаснат нашата жед за постоење и вкусување на животот. Имаме можност – историјата на човештвото тоа го докажала – да застанеме над нашите рани и да не потонеме во виорот на очајот. Со разбира, не е лесно, но не е и недостижно и далечно. Милиони луѓе низ војни, болести, глад и неприлики, лични и колективни беди издржале и не само што преживеале во времето, туку вистински живееле.

7. Исто така, радоста оживува кога не го „разделуваме“ времето. Што значи тоа? Во нашето секојдневие, кога ќе настапи крајот на еден тежок ден и се вратиме дома, наместо да Го славословиме Бога за денот што ни го дарувал – се разбира, со неговите пријатни и непријатни нешта – тешко воздивнуваме и задишани се истресуваме на времето: „Ќути, крај! Помина и овој ден!“, мрзливо зборуваме во себе. Тоа покажува дека имаме едно непријателство кон времето. Една битка и одбивност.

Не го живееме животот со чувство на благодарност и славословие. Како дар и добра прилика. Како можност, покана и предизвик. Животот, меѓутоа, е Божји дар.

8. Ја доживуваме радоста, отстранувајќи ги таблите со натпис добар, лош, совршен, слаб. Важно е да ги видиме сите лица, работи и настани во Божја промисла. Тогаш погледот ни се задлабочува и во неговиот внатрешен поглед, гледа една добро исткаена – од мудра рака – реалност, каде ништо не е излишно и ништо не се случува без смисла. Да запреме со шематизација на животот. Да го разбиеме тој порочен круг кој сака да го постави животот во шеми и готови одговори. Зашто животот  и „така“ и „инаку“, но и надвор од „поинаку“ – е  голема тајна.

9. Радоста е едноставна работа. За да ја доживееме радоста не се потребни многу надворешни и материјални работи. Радоста се состои во едноставноста. „Среќата е нешто едноставно и непретенциозно… една чаша вино, еден костен, едно сиромашно мангалче (огниште), шумот на морето. Ништо друго“.

Од сè горе споменато, би можеле да го кажеме заклучокот дека Христијанството е животот на радоста. На една радост што извира од Божјата љубов кон човекот и светот. Во лицето на Христос, Бог ја јавува Својата љубов. Одговара на злото и страдањето. Христос дојде во светот, за да имаме радост. Таа се губи меѓу разнообразните неблагопријатни настани во животот, помеѓу менталитетот и перцепциите, структурирани од светот и психата на луѓето. Покрај тоа, постои како вечна желба на секое човечко суштество. Како што е тагата, така и радоста – се чувства кои треба да се доживеат и да се изразат од нашата душа. Да се артикулираат во збор, уметност и молитва, во врска и средба. Она што не треба да се случи е задушувањето на чувствата и на емоциите и истовременото поистоветување на она што го чувствуваме, или сме го присвоиле како начин на живот – со нашата христијанска припадност.

Христијанинот е радосен затоа што љуби и е љубен. Го љуби Бога, луѓето, созданието, дарот на животот. Тоа не значи дека не доживува чувства на тага и очај, но најмногу бива облеан од радоста која стои отаде (зад другата страна) и над едно вообичаено чувство, како дар на Светиот Дух. Родени сме за радоста и ќе ја доживееме, како тука во сегашната форма на живот, така и во крајното јавување на Божјата љубов во Божјото Царство.


Избор и превод на текст: Наташа Наумоска