Искушенија и заблуди

За Искушенијата

според Св. Теофан Затворник

Човекот умира за Бога и живее сам за себе (Св. Макариј Египетски)

Одделен од Бога, човекот се набљудува себеси како цел сама за себе. Тоа се случува заради тоа што отпаѓањето од Бога, Кој Е полнота, го струполува човекот во неговата сопствена празнина, во ужасна бездна и го исполнува со неодредена и ненаситна жед. Оваа жед го гони целиот свој живот да скита по лажни вредности, кои го врзуваат неговото срце и целото негово внимание.
Празнината на умот, зашто заборавил на Единствениот Присносуштен, раѓа љубопитност, стремеж кон многу знаење, желба за известување и испрашување. Неисполнетата волја, која го загубила Единствениот, распалува многубројни страсни желби, алчност, нагон за богатство и моќ, да се има сѐ според волјата.
Пустошот на срцето – кое го загубило уживањето во Сеединствениот, раѓа сладострастие, жед за разни задоволства и уживања, за да се задоволат сетилата. Наместо да се грижи за своето спасение, човекот живее во маѓепсан круг на многу грижи и евтини уживања. Преку многузнаењето, алчноста и сладострастието, ѓаволот нѐ вплеткува во бескрајни планови и активности за нивно реализирање. Тој има само една грижа – да ги одврати срцето, волјата и свеста од Бога и да ги врзе за нешто страсно и примамливо. Не само ниските страсти, туку и уметноста, науката и техниката, професијата и општествениот статус можат да станат идоли кои нѐ држат во својата власт и не ни дозволуваат да дојдеме при себе.
Затоа е потребно да ја познаваме човечката природа и нејзините постојани искушенија, за да им се спротивставиме. Тие искушенија се насочени кон трите водечки сили на човечката душа, се однесуваат на мисловната, желбената и волевата човекова природа.
Заблуденоста на умот се фантазии кои, пред сѐ, нѐ расејуваат за време на молитвата и нѐ запираат. Нив ги проѕира будното внимание.
Искушенијата на нашата желбена природа лежат во нашите страсти, кои го одделуваат срцето од молитвата и го одвлекуваат со себе. Наспроти нив дејствува трезвеноста.
Искушенијата на волната природа доаѓаат од лакомоста, саможивоста и самоволието. Тие се спречуваат со смирение и со живот според Божјата волја.
Кој живее небрежно, лесно им се подава на овие три вида на искушение кои го исполнуваат нашиот ум со празни грижи и со слободни или отровни помисли. Карактерот го врзуваат со расеаност и сетилност, а волјата ја поттикнуваат на нескротливо славољубие. Последици од тоа се ладење на срцето и успивање на совеста, или пак заблуда и прелест. Сето тоа води кон внатрешна празнина, меланхолија и често се завршува со очај. Сите искушенија доаѓаат во човековата свест преку помислите или преку т.н. фантазии, прераснуваат во страсти и се трдат нашето срце да го врзат за себе.

Искушување преку фантазирање
(Според Св. Теофан Затворник)

Нечестивиот е пуштен да ја искушува човековата умна сила и да ја вознемирува ден и ноќ.
Ако падне умот, тогаш паѓа сѐ (Св. Симеон Нов Богослов)
Учи се да ги разликуваш слободните помисли од наметливите фантазии. Помислата стои блиску до зборовите. Мислењето е природна дејност на нашиот ум со која се занимаваме слободно. Преку подробното размислување, ние се вдлабочуваме во познание на светот и на нашето сопствено битие и ги решаваме прашањата од личниот и општествениот живот. Исто така тоа е природно својство на нашата душа како што се чувствувањето и сакањето.
Неволните помисли или фантазирања се нешто друго. Тие не зависат од нашата слободна волја; тие несакајќи се појавуваат во нашата свест како претстава, слика, претпоставка, намера, желба, сеќавање итн. Учителите на духовниот живот советуваат да ги отфрламе, без разлика дали се добри или лоши, зашто слободниот човеков дух не би требало да биде поробен од несакани, во неговата свест уфрлени помисли. За жал, ние најчесто сме робови токму на тие помисли. Тие со сила ѝ се наметнуваат на нашата совест, ѝ пречат на јасноста, чистината, континуитетот, на силата и на плодноста на нашиот ум и ја отежнуваат нашата внатрешна собраност, преку секакви безвредни, празни или соблазнителни содржини (на пример: навредливи разговори, сетилни средби, улични впечатоци, секојдневни грижи, неисполнети должности и др.). Сите тие се наметнуваат силно како од некој свет на изобилство, и тоа токму тогаш кога човекот сака да се моли. Во срцето се создава немир, наслада или лутина; молитвата е попречувана. Се извршува механички, по можност што побргу, за колку да се исполни должноста, па да се премине на нешто поважно. Заради што доаѓа тоа? Заради недостаток на дисциплина и способност за со сконцентрираност на умот да го врземе нашиот ум за одредена содржина; потоа заради онаа демонска сила која на безброј начини се обидува да ја извалка нашата душа, да ја оддели од Светиот Дух и сосема да ја потчини на својата власт.
Притоа секој човек поседува особени, само нему својствени фантазии или помисли од кои страда и од кои не може да се ослободи со свои сопствени напори. Најголемиот број луѓе и не помислуваат дека има такви фантазии и уште помалку знаат како тие се спречуваат. Духовно искусните го расветлуваат тоа и учат дека душевниот живот треба да се контролира со најголемо внимание. И ти ќе се научиш на сето тоа, ако си во состојба да проникнеш во себеси. Внимавај на своите помисли кои доаѓаат и си одат, на мислите кои особено те поматуваат, на расположенијата и состојбите кои се често присутни кај тебе, кои траат со часови и со денови. Сето тоа е предзнак на она што живее во тебе. Против тие наметнувачи треба да се бориш.
Таа борба ја олеснува оваа околност: фантазирањата не доаѓаат одеднаш, туку полека не земаат под свое онолку, колку што ќе им се подадеме. Тие испитуваат каков е теренот на душата и ако не наидат на отпор, потполно нѐ фаќаат во мрежата. Ако не ги одбиеме кај нивниот прв настап, поради незнаење или небрежност, секој нареден пат борбата со нив ќе биде сѐ потешка.

За редоследот на искушување
(според Св. Нил Сорски)

Искушенијата дејствуваат преку помислите по еден одреден редослед: прво во нашата свест настанува обична претстава на една мисла или на еден предмет – поттик; ако таа биде прифатена, тогаш со неа стапуваме во однос, ја прифаќаме и таа нѐ врзува; потоа нѐ обзема и конечно нѐ заробува – како страст!
Значи, првиот стадиум на искушението е поттикнување. Тој му се наметнува на умот без наша волја – преку надворешните впечатоци или преку внатрешните претстави (некој човек што вчера сме го сретнале; мисла која се јавува; сугерирање да го направиме ова или она). Така искушувачот му дошепнуваше на Господа: „…кажи овие камења да станат лебови“ (Мат. 4, 3). Поттикот како таков не заслужува ниту пофалба, ни замерка, зашто тој не зависи од нас. Ако веднаш го одбиеме, целото искушение е завршено. Некој ги прифаќа помислите и со нив стапува во однос, почнува одблиску да ги набљудува, ги држи доброволно во свеста и се солидаризира со нив. Значи, тој допушта однекаде долетана помисла да заземе место во неговата внатрешност (на пр. човекот рекол нешто – помислата дополнува: сигурно тој го направил тоа со намера да навреди).
Кога некој ќе се солидаризира со помислата, тој започнува да наоѓа задоволство во неа, ја чувствува како своја и е подготвен да ѝ служи; истовремено се поврзува со неа (на пр. „нема да преминам преку ваквата навреда, трикратно ќе ја возвратам“). И потоа настанува поплава на одмазднички помисли.
Оној кој дозволува да биде поробен, присилно и неволно е привлечен од една одредена помисла. Фантазирањето насилно зазема место во неговото срце, станува едно битие со него, пребива во него и ја разорува неговата добра состојба. Разумот е зафатен како од бура и е опседнат од соблазнителни мисли. Тој веќе не наоѓа мирна јасновидност. Ова особено се случува при голема зафатеност, или при некорисни разговори. Кога опседнатоста од фантазии ќе заземе место во душата и стане нејзин карактер, тогаш се доаѓа до последниот степен на заробеност, до страст. Страст е постојано уживање во страсни помисли кои долго се вгнездени во душата, кои преку фантазирања се зацврстуваат и кои преку навиката стануваат наша втора природа. Во ваква состојба човекот доаѓа делумно поради невнимание, а дел и намерно – кога дозволува да биде трајно поробен. Него постојано го вознемируваат нечистите помисли, кои тој во себе ги негува и кои не му даваат мир. Искушувачот постојано ги враќа во сеќавањето претставите на одредени луѓе или работи кои ја хранат страста и нѐ гонат да ги мразиме или да ги сакаме и така да станеме ропски врзани за нив. Вака нечестивиот го зема човекот под свое и во него разгорува оган кој го нагризува и труе срцето и тој човек деструктивно се однесува кон светот.
Во согласност со причинските закони – еден стадиум на искушение носи друг. Било која претстава да дојде во душата, доколку не сме внимателни, таа ни го врзува вниманието, нѐ привлекува, ние ѝ се препуштаме, одиме по неа и – заборавајќи ја нашата главна задача – делото на нашето спасение и заедницата со Бога, најчесто ѝ подлегнуваме. Тоа се случува, пред сѐ, затоа што не го познаваме начинот на кој фантазирањата нѐ гонат на страсти; не знаеме да им се спротивставиме (преподобен Нил Сорски). Сѐ додека нашиот ум се наоѓа во главата, тој е изложен на постојан судир со фантазиите. Помислите навалуваат на него како рој од комарци и ѝ пречат на неговата внатрешна собраност. Човекот си мисли дека може само со помош на умот да раководи со душата и да ги следи помислите. Незаштитеното срце тогаш оди по свој сопствен пат и запаѓа во грижи и страсти. Најпосле умот се заборава и го следи срцето како посилно од себе. Од ваквата авантура едвај некој излегол како победник. Единствено срдечното покајание може да ослободи од таквата состојба (свети Теофан Затворник).
Помислата обично насилно ѝ се наметнува на нашата совест. Ако нашето самољубие се согласи со неа, во нашата внатрешност се будат страсни чувства и желби. Понатаму следува промислување да се исполни желбата; се бараат соодветни средства и се донесува одлука тие да се применат. Со тоа внатре сѐ е веќе направено. Се чека само првата прилика за желбата да се спроведе во дело: гревот со сите негови последици се извршува, благодатта се повлекува и човекот паѓа во рацете на нечестивиот.
Додека душата бдее и не ги потхранува страстите, таа е недостапна за ѓаволот. Ако таа е светла, тој не може дури ни да ја погледне. Но, ако се согласи со движењата на страстите, тогаш душата се помрачува и ѓаволот ја гледа, па продира во неа и започнува да дејствува во неа. Темнината и немирот се последица на секој грев, на секој порок.
Не ѝ подавај рака на својата слабост. Принудувај се на будност, кажувај ја Исусовата молитва и барај духовна помош. Таа ќе дојде.
Искушување преку луѓето
Ако ѓаволот не е во можност однатре да те заведе, тогаш тој почнува да те мачи однадвор, преку оние луѓе кои му се предале. Затоа биди подготвен на вакво страдање и очекувај непријатности како гости.
Еднаш ти се случуваат пофалби, еднаш укори, па клевети и тешкотии од секаков вид. Овде е важно да се проѕре кој ја предизвикува бурата и сѐ мирно да се поднесува. Непријателството против одредени луѓе треба да се претвори во непријателство против злобниот, кој стои зад тие луѓе и ги поттикнува на зло. Ако некој те нажали или налути, тогаш обрати Му се на Бога и не му дозволувај на злобниот да ти пријде. Ако тоа не ти појде од рака, тогаш барем молчи, додека не успееш да се совладаш. Во тој миг зборувај мирно и љубезно со другите; не наоѓај им замерки и не ги потсетувај на неправдата што ти е направена. Моли Му се само на Бога за лошите впечатоци во твоето срце да се отстранат што е можно побргу, подобро денес отколку утре. Тогаш ти ќе бидеш чист пред Бога, Кој чекор по чекор го води човекот преку неволјите кои очистуваат. Тешко е без неволји да го победиме своето фарисејско самооправдување.
Смирението со кое се поднесуваат искушенијата е мерка на твојата внатрешна зрелост. Преку него лесно можеш да видиш на кое скалило стоиш. Ако некој те навредил и ти не му го забораваш тоа целиот свој живот, биди сигурен дека ти внатрешниот пат воопшто не си го ни започнал. Ако си бил навреден, па таа навреда си успеал дури по една година да ја надминеш, тоа значи дека стоиш на најниското скалило од внатрешниот труд. Колку повеќе напредуваш во духовниот труд, толку побргу ќе можеш да ги проштаваш нанесените навреди: по еден месец, една недела или еден ден. А како просветлениот од Бога се однесува во вакви случаи? – Тој ја гледа стрелата на навредата како лета кон него и се покрива со името Божјо како со оклоп. Навредата се одбива од него и не остава ниту најмала гребнатинка. Ако си дошол до овде, тогаш можеш да се сметаш за пораснат во духовниот живот.
Никогаш не губи го од вид она најважното: Бог го дозволува ова искушение; било заради тоа да те искуша, било за тоа твоите духовни сили да созреат. Затоа прими го искушението мирно и поднеси го спокојно, без омраза кон оние што те навредиле. Мисли на ова: металот доаѓа во топилницата за да се оддели од нечистотијата. И ти се претопуваш за да достигнеш поголема чистота. Поднеси сѐ чувајќи го внатрешниот мир и љубовта Божја, повикувајќи Го Господа на помош за да се оддалечи од тебе искушувачот. Затоа што тој пред Бога е немоќен.
Искушение преку Злобниот
Сите страсни движења не би биле толку страшни, кога секој момент не би биле предизвикувани од демоните, кои и ги произведуваат. Тие извори на севкупното зло влијаат на човековата страсна природа, која им е сродна, и тие се вистински причини за сите наши застранувања. Тие предизвикуваат вистинско зло: помрачување на свеста и богозаборавање; привидување, а пред сѐ оган на сетилните страсти или пак смртоносна омраза. Сето тоа се подига на новиот облагодатен човек.
Ако на ѓаволот не му успее да искушува преку страсти и луѓе, тогаш тој дејствува преку својата сопствена личност и гради некакви лажливи слики, со малку страшна, малку заводлива природа. Ако останеш цврст во противењето, тогаш тој повремено се повлекува и од далеку набљудува за да најде место каде твоите слабости му прават нов пристап. Тогаш одново започнува борба, сѐ до смртта и по неа.