Искушенија и заблуди

 

За оладувањето на срцето

Не врзувај го своето срце за ништо освен за Бога

(Св. Теофан Затворник)

Пребивањето со Бога не зависи од нас. Бог сам ја наоѓа душата и ѝ дарувабодрост и внатрешна слобода. Ако Бог се оддалечи од неа, таа станува празна и осиромашена: но да Го врати Него назад не е во нејзина моќ. Бог се отстранува за да ја испита душата, или пак да ја казни зареди извесни нејзини внатрешни грешки. Ако ја испитува, тогаш Он на нејзин повик бргу се враќа. Но, ако се оддалечува заради казна, тогаш Он остава долго да се чека, сѐ додека душата не ги согледа своите грешки, не ги исповеда и покае.

Некогаш настанува оладување кога душата во молитвата, во читањето и Богосозерцанието многу ќе се напрегне, па ќе почувствува потреба од мир и прекин на својата напорна дејност. Таквата состојба треба да се прифати, зашто таа е минлива. Оладеност на подолго настапува само ако постојано се живее во страстите и упорно се останува во грев.

Оладеноста е горчлива состојба и е полна со опасности. Негови извор очигледно се гревовите или невистинските мисли, лошите чувства и склоности. Пред сѐ оладува срцето, а молитвата пресушува преку празнословие, презафатеност и многугрижливост, расеаност, саможивост и страсни движења: преку неумерено јадење и пиење, преку сетилноста, преку осудувањето на другите, а пред сѐ – преку гордоста и самоувереноста. Кога некој не ги забележува своите грешки, тоа е знак дека се наоѓа во сатанска состојба: ѓаволот никогаш не ги гледа и не се кае за своите гревови. Но човекот се кае во смирение и затоа Бог го сака (монах Анатолиј Оптински).

Испитувај се себеси при секое оладување, да не е твоето срце страсно врзано за нешто, или да не си подлегнал на самоувереноста и мислиш дека си нешто повеќе од другите. Или, случајно да не бараш – во суетна самодоверба – сам, преку сопствени средства да постигнеш совршенство? – Тоа се најчестите причини за оладувањето. Штом довербата и надежта во Бога, макар и незабележливо ќе се намали, сѐ тргнува наопаку. Тогаш Господ се повлекува назад и вели: остани со она во што се надеваш. На оладувањето обично му претходи било каква врзаност на срцето. Штом срцето или умот за нешто страсно се врзат, враќањето во себе е оневозможено. Тогаш е потребно срцето на секој начин да се оддели од тој објект. Зашто секое страсно врзување за луѓе и предмети одделува од Бога.

Затоа ревнувај за своето спасение и чувај се најстрого од оладување; тоа започнува со заборавеноста. Се забораваат Божјите добродетели и па и Он Самиот, се заборава сопствената состојба, се заборава на опасноста од опстанок без Бог, се заборава и смртта; целата духовна област во нашиот живот се затвора, исчезнува. А кога сѐ е заборавено, тогаш срцето се оладува и чувството за духовност пресушува. Следствено, прво се запоставуваат духовните активности, а потоа сосема се отфрлаат. Се запаѓа во нечувствителност, невнимание и површност; се заборава Бог, смртта и Страшниот суд и му се служи само на своето сопствено сладострастие. Тоа е празен живот (Св. Теофан Затворник).