Излагање на добротворната манифестација „Веронауката – наш влог во иднината“

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

Ми припадна оваа чест во името на сите браќа и сестри во Христа да се обратам на оваа манифестација за собирање средства за доизградба на ПРВИОТ ДЕТСКИ ЛЕТЕН КАМП при Бигорскиот скит Свв. Кирил и Методиј.

Во ова време, кога секој човек си поставува големи и во многу случаи нереални цели, не смееме да забораваме на она што не одржало низ вековите, на активностите со кои нашите предци успеале да го одржат благословот од Бога и чии плодови ние ги собираме.

Да се потсетиме дека Господ Исус Христос благослови на 12 апостоли да ја шират вистината за вечниот живот, за смислата на човековото постоење, за безграничната љубов Божја кон човекот и кон сето создание.

Апостол значи човек испратен од Бога да сведочи во Негово име. Да се прашаме како тоа 12 апостоли посведочија, ја посолија земјата давајќи ѝ вкус и смисла. Тие апостоли беа обични луѓе како и секој од нас. И оваа задача да ја сведочиме вистината припаѓа на секој од нас. ГИХ вели: Ако солта ја изгуби силата тогаш за ништо не е, освен да се фрли на земјата и изгази. Секој од нас пред Бога е апостол на кого му е дадена можност да сведочи со добри дела, љубов и усовршување во од Бога откриената вистина.

Ако се запраша секој од нас, за која вистина зборуваме, сигурно поголемиот дел од нас ќе се замисли. Дали можеби заборавивме за што треба да сведочиме. Дали нашето сведоштво треба да биде само на професионален, политички или на некој друг план, и дали само борбата за егзистенција во овој материјален свет треба да ги исполни нашите срца и мисли. ГИХ вели: Каде ви е срцето таму е и богатството ваше.

Токму ова сведоштво за вистината во Воскреснатиот Бог, сведоштво за Божјата промисла за секој од нас во овој свет, сведоштвото за љубовта кон Бога и ближните е она што благодарение на нашите отци, браќа и сестри од манастирот Св. Јован Бигорски и од манастирот Св. Георгиј Победоносец, ќе им биде соопштувано на оние кои ги отвориле своите срца за оваа вистина.

• Да му бидеме благодарни на Бога и на сите оние кои низ векови го одржаа благословот во нашата Татковина, за секој кој сака да може да ја слушне и да се зарадува во од Бога откриената вистина;

• да им бидеме благодарни на претставниците на целиот свештенички, свештеномонашки и монашки клир кои застанале пред Бога и прифатиле одговорност пред Праведниот Судија, дека ќе му служат на Црквата (народот божји), за негово спасение и вечен живот;

• Посебно од името на сите нас, би се заблагодарил на браќата и сестрите од Бигорскиот манастир Св. Јован Крстител и манастирот Св. Георгиј Победоносец, кои заедно со игуменот отец Партениј се предадоа себеси во служба на Бога и на нас мирјаните, кои имаме потреба од духовна храна, љубов, вистина и радост.

Сведоци сме:

• за делата кои од ова духовно светилиште извираат како извор на жива вода;

• за благословот кој секој од нас може да го почувствува кога ќе ја посети оваа света обител;

• сведоци сме за грижата и подадената рака кон оние кои скршнале од вистинскиот пат и успеале со последни сили да најдат прибежиште при Христа;

• сведоци сме за солзите во молитвеното обраќање кон Бога и за чудата кои се случуваат со сите оние кои побарале помош од браќата и сестрите на овој свет манастир.

Светите отци велат: Бидете близу до изворите на жива вода. Тоа е онаа вода за која ГИХ рекол: Ќе ти дадам вода, од која кога ќе се напиеш нема да ожедниш. Во моментов извори на жива вода има, но малкумина се оние кои сакаат да дојдат до изворот и да се напијат.

Да внимаваме заради нашата немарност и негрижа да не ги изгубиме изворите кои ги имаме, губејќи го благословот од Бога, бидејќи и изворот треба да се одржува, и да му се благодари на Бога за дарот.

Братството од Бигорскиот манастир нѐ повикува да се напиеме од изворот, ние, нашите семејства и нашите деца, да го понесеме благословот во нашите домови, да го поделиме со нашите ближни, да ја почувствуваме благодатта и со радост да го понесеме товарот на нашето бреме.

Сите ние паѓаме и стануваме пред Бога, но не е наша цел само да не паднеме, туку и брзо да станеме и да се исправиме прво пред Бога, а потоа и пред секој предизвик.

Како родител на две прекрасни деца ве повикувам да ја прифатиме подадената рака од Бога, преку оние кои Бог благословил во овој манастир да бидат наши молитвени застапници.

Со изградбата на Летниот камп посветен на нашите учители Свв. Кирил и Методиј, ќе можеме да им помогнеме на нашите деца и на идните генерации, да стекнат образование кое ќе биде темел на секоја наука, активност, спорт, дружење, радост и создавање на здрави поколенија. Православната црква секогаш била темел на секое знаење, за што ни сведочи и името на нашиот универзитет Свв. Кирил и Методиј. На темелот што тие го поставија, темел кој е сведоштвото за Христа Воскреснатиот Спасител, стои нашето минато и на овој темел се ѕида нашата иднина. Да не го занемаруваме овој темел за да не ни се сруши куќата која сме ја соѕидале.

Затоа со полна почит да дадеме поддршка за проектот летен камп, во кој ќе може нашите деца, а преку нив и ние да го поставиме темелот на нашето знаење, на нашето општество, на нашиот живот. Да научиме за одговорноста која ја има секој од нас прво кон Бога, а потоа и кон сите кои Бог благословил да бидат во наше опкружување.

Му благодариме на Бога и на браќата и сестрите од Бигорскиот манастир св Јован Крстител, за нивната грижа и залагање за одржување на духовниот живот на православните христијани.

Оваа донацијата не е само за изградба на објектот Летен камп, туку и за изградба на здрава иднина на нашите деца и поколенија, затоа го повикуваме да ни се приклучи секој кој може и смета дека треба да биде дел од оваа активност.

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!