Како да не се заплеткаме во мрежите на слободата – IV дел

Слободата како предопределба

Полемиката со Пелагиј, Августин ја водел во последните години од својот живот. Судирајќи се со оваа ерес, богословот наеднаш открил дека во првите години од своето христијанско служење, и тој самиот се согласувал со тоа, што е кај човекот слободната волја. И Августин се прекорува себеси заради тоа. Тој дури во своите „Retractationes“ вели:: „Многу работи што ги имам кажано за слободната волја одат во прилог на пелагијанскиот спор“. За тоа дека кај човекот постои слободна волја, независна од Бога, тој пишувал во својот поранешен труд, којшто така и се нарекува „За слободната волја“. Но во подоцнежните трудови Августин во својот заклучок доаѓа до една друга крајност: кај човекот нема слободна волја. Навистина, таа постои, но како последица од првородниот грев се изменила и сега може да постои избор, само помеѓу еден вид на зло и друг. За доброто кај човекот нема никаква слободна волја – доброто во човекот го прави само Бог. На тоа му е посветен, на пример, трудот „За предопределбата на Светиите“.

Да, Светиите се предопределени да прават добро, но тоа не ја намалува нивната слободна волја, бидејќи благодатта која слегува на Светиите, дејствува како сила не однадвор туку однатре: човекот стекнува сознание дека тој се наоѓа во гревовна состојба и стекнува сила да се бори со тој грев. А доколку човекот, со помош на благодатта, успева да се воздржи од гревот, тогаш тој станува во поголем степен независен, стекнува поголема слобода – односно се приближува кон Бога. И токму тоа е и смислата на стекнувањето на поголема слобода – да Му се приближиш повеќе на Бога.

Ова разнолико толкување на слободата од страна на самиот Августин во различни периоди од неговиот живот, подоцна ќе доведе до многу спорови. Еден од најзабележителните примери – т.е најзначајниот спор е помеѓу католикот Еразмо Ротердамски и реформаторот Мартин Лутер. Тие обајцата се повикувале на Августин, но Еразмо велел дека подобро е да се читаат само делата на младиот, а не на зрелиот Августин, бидејќи „Августин после спорот со Пелагиј се покажал помалку во право во однос на слободната волја отколку што бил претходно“. Лутер, пак, тврдел: Не, треба да се читаат делата на Августин од подоцнежните години, оној мудриот којшто ги сфатил заблудите на својата младост. Во трудот „За ропството на волјата“, Лутер укажува дека при присуство на слободната волја во човекот, Бог не игра никаква улога во спасението на човекот. Затоа Еразмо тврди дека човекот може и со своите добри дела да се спаси, инаку нема за што да го наградуваат или казнуваат, а Лутер го обвинува Еразмо за Пелагијанство, настојувајќи дека: не, спасува само Бог.

Освен тоа, Августин го има и одговорот за прашањето на Пелагиј во врска со заслугите на човекот, бидејќи доколку – прашува Пелагиј – човекот се спасува само со благодатта, тогаш значи напорите и заслугите на човекот не значат ништо? Оној што Бог го избрал, него и го спасува? А кого не го избрал, не го ни спасува? И човекот не се спасува само поради некаков непознат Божествен избор? Августин одговара доста необично, но на карактеристичен за него начин: „Не треба да се сомневаме во Божјата добрина. Доколку Бог некого предопределил за спасение, тоа е прекрасно и значајно. Бог ништо не прави лошо. И доколку Он некого предопределил за осуда и во тоа се пројавува Божјата милост. Зошто Он повеќе го избавува овој, отколку оној? ’Недостижни се Неговите судови и несфатливи патиштата Негови‘ (Рим. 11, 35). Бидејќи и нам овде, подобро ни е да слушнеме или кажеме: ’А ти, кој си човеку, што спориш со Бога‘ (Рим. 9, 2). Не треба да се осмелиме да зборуваме така како наводно да го знаеме она што останува сокриено по Божја промисла. А нели тој не може да посака ништо неправедно?“ („За предопределувањето на Светиите“)

Многу православни богослови праведно заклучуваат дека во спорот со Пелагиј, Блажениот Августин, така да се каже, ја преминал линијата и застанал на совршено спротивниот став: слободата на волјата не игра никаква улога во спасението на човекот, човекот го спасува единствено Божествената благодат. Според православното учење, благодатта Божја никако не ја нарушува слободната волја на човекот, тие дејствуваат заеднички. Како што вели Преп. Јован Касијан Римски: „Во делото на нашето спасение учествува и благодатта Божја и нашето слободно произволение. Иако човекот, некогаш може сам од себе да бара добродетели, за да ги исполни тие желби, тој секогаш има потреба од Божјата помош“ („Дијалози“).

Продолжува