Како и секое неделно утро, отец Никола излезе од дома подготвен за служење на Божествената Литургија. Додека наближуваше кон храмот, во мислите ги превртуваше духовните теми, обидувајќи се да ја одбере најсоодветната за неделната проповед. Така задлабочен во она што сакаше да им го каже на своите парохјани, речиси се судри со едно мало момче што му доаѓаше отспротива. Момчето носеше стар рѓосан и искривен кафез за птици, каде три мали врапчиња трепереа од страв и студ.
– Што имаш во кафезот, синко?
– Само неколку стари птици – одговори момчето.
– А што ќе правиш со нив?
– Ќе ги однесам дома и ќе си играм. Ќе ги чепкам, ќе им ги корнам пердувите за да видам како ќе реагираат, ќе ги терам да се борат. Баш ќе ми биде забавно.
– Но порано или подоцна ќе се умориш од тоа. Што ќе направиш со нив тогаш?
– Па имам мачки. Тие сакаат птици, ќе им ги дадам да ги изедат.
Свештеникот молчеше неколку мига.
-Колку сакаш за овие птици синко?
– А?! Ама што ќе Ви се птициве, отче? Тие се најобични врапци. Не пеат кој знае како, а не се ни баш нешто убави!
– Колку сакаш?
Момчето му фрли зачуден поглед на отец Никола, како да е овој луд, и се согласи:
– Па добро, дајте ми сто денари.
Свештеникот извади пари од џебот и му ги подаде на момчето. Со радосен поглед момчето ги зеде парите и веднаш го снема, а полусвитканиот кафез остана на земјата. О. Никола го подигна внимателно и го однесе до блискиот парк, па откако се увери дека во близина нема мачки, полека го отвори вратничето на кафезот. Преплашените птици некое време стоеја заковани во место а потоа, малку по малку, се охрабрија и излегоа од кафезот на слобода. Отецот го зеде кафезот, сега веќе сигурен за тоа што ќе проповеда. Во мигот после Евангелското четиво, тој излезе и им го покажа на присутните свои парохјани за празниот кафез. Потоа ја започна својата поучна приказна:
Лукавиот ѓавол ги распнал своите мрежи и внатре ги уловил сите луѓе. Целиот ликувајќи отишол да Му се пофали на Христа за тоа.
– Да знаеш, цел свет го фатив во стапица. Им поставив мамка и не можеа да одолеат. Сега се мои!
– Што ќе правиш со нив – прашал Христос.
– О, како ќе се забавувам!- се радувал ѓаволот – Ќе ги научам да изневеруваат, да се разведуваат, да се мразат и злоупотребуваат. Да пушат, пијат, колнат… да измислуваат пушки и бомби и да се убиваат едни со други. Ќе биде интересно!
– А што ќе правиш кога ќе ти здодее забавата? – одново прашал Христос.
– Ќе ги убијам.
– Колку сакаш за нив?
– Ама што ќе ти се овие луѓе?- Го убедувал ѓаволот Христа – Тие не се добри. Ти ќе им правиш добро, а тие ќе Те мразат. Ќе Те плукаат, ќе Те колнат и на крај ќе Те убијат. Верувај ми, не Ти требаат вакви луѓе.
– Колку сакаш?
Сатаната погледна потсмешливо во Христос.
– Сите Твои солзи и сета Твоја крв.
И Христос ја плати цената.