Како? Со упорно барање и со откажување од сопствената волја, бидејќи и Господ се одрекол од Себе и му покажал апсолутна послушност на Отецот.
Бог не е подложен ниту на страсти, ниту на грешки, ниту пак Го движи некаква тајна мисла бидејќи Он е семоќен. Знаејќи сѐ уште пред да се случи, Он непогрешливо ја окрива Својата волја – делумно или во полнота – што зависи од потребата која се јавила, а имајќи го предвид опстанокот на битието и безбедноста на тварта.
Под влијание на несовршенството на минливата и подложна на промени природа, созданијата доаѓаат во противречност со Божествената волја, затоа што таа често не се согласува со нивните интереси и цели. Бидејќи се произлезени од Првопричината, созданијата само по себе и надвор од Творецот не можат да достигнат подобра, посовршена состојба. Таа овоплотена Промисла, која е совршена по својата природа, бидејќи произлегува од сесовршениот Бог, со други зборови се нарекува Божја волја.
Поради пропадливоста и менливоста на кои сме подложени, Божјата волја која се наоѓа во сферата на домостојот станала подвижна и може да се менува, се преобразува по мерката на нашата слабост, додека не дојдеме до состојба на рамнотежа.
Во поглед на нашата разумна природа на Божјата волја ѝ е угодно сите луѓе да се спасат и да дојдат до познание на вистината (1 Тим. 2,4). Сепак рамнодушноста или слабоста или слабоумието на човекот ја принудува Божјата волја да ги менува своите намери во поглед на нас, што неопитните и неуките ги доведува до незадоволство и униние. Знаејќи дека Божјата волја е безгрешна, ние не треба да покажуваме незадоволство или да роптаме и да отстапуваме, туку да си ги признаеме прегрешенијата и со вера да се покориме на Промислата.
Ако ниту една јота или црта од Законот нема да премине (Матеј 5,18) и ако нам сите влакна на главата ни се избројани (Матеј 10,30) какво право имаме да се жалиме на непријатностите што ни се случуваат во оваа жална состојба? Како што тоа го опишува апостол Павле: Толку ли сте неразумни? Откако почнавте со Духот, со телото ли сега завршувате? (Галат. 3,3). Ние гледаме само до таму до каде што ни дозволува видот. Ги планираме и превземаме сите решенија врз основа на сопствените судови и заклучоци.
Не како Бог. Он, Кој промислува за сите твари, не го менува Своето конечно решение, туку го менува начинот на дејствувањето на некои негови делови, па дури и на некои луѓе, за сѐ да устрои со најголема полза за нас.
Чистата совест и решеноста со најголема верност да се запази тоа што сме го ветиле на Бога, оти ништо не може да се сокрие од Оној Кој ги испитува срцата и утробите (види Псалм 7,10), ни дава можност често да ја спознаваме Божјата волја, бидејќи и во двата случаи се приближуваме до милоста Божја. Доколку кај човекот навистина има страв Божји, сострадалност, милосрдие, со еден збор – сѐ што му е угодно на Бога, тогаш Бог не ја сокрива Својата волја од оние кои живеат во љубов, бидејќи и Он Самиот е љубов.
Добро би било доколку човек избегнува да го моли Бога да му ја открие Својата волја на несуптилен и сетилен начин, како што за жал прават некои, бидејќи можеме поради гордоста лесно да се соблазниме и да им поверуваме на иформациите што ни ги дава сатаната.
Зошто Божјата благодат понекогаш чука на вратата на рамнодушни и немарни кон неа луѓе?
Во согласност со својот домострој, Бог сака да се спасат сите луѓе и им дава или повод да се разбудат или, пак, дури ги запазува од опасност која произлегува од нивната сопствена немарност и лоша нарав.
За жал голем број луѓе не се вразумуваат од тоа и за нив казната е неизбежна, но повеќето стекнуваат полза и стануваат мисионери на Божјото човекољубие, благовестејќи им на оние кои не знаат за Него.
Доста често во историјата злосторници се обидувале да направат лошо, меѓу другото и на места посветени на Бога, но некакво чудо им го попречувало тоа, и наместо да наштетат тие бивале привлечени кон верата, менувајќи си го животот. Тоа што не можеле да го направат ниту здравиот разум, ниту човечкиот однос кон тие луѓе, се постигнувало, преку човекољубивиот Божји домострој, со љубов а не со закана.
Понекогаш така бива и поради молитвите на други луѓе исполнети со добродетели, кои го молат Бога да ги просвети лошите што по своја вина се наоѓаат во заблуда, за овие да ја познаат вистината. Друг пат се случува самите злосторници да имаат на небото свет сродник кој го моли Бога за нив според зборовите на Светото Писмо: Блажен е оној кој има семе во Сион и сродници во Ерусалим (види Исаија 31,9).