Молитвата на Блез Паскал (прв дел)

Да ми помогне Бог да се добие полза од болестите
Блез Паскал (1623-1662) француски, математичар, физичар и философ

 

I. Господи, Ти, Кој си така добар и благ во сè и така милостив, та не само радостите, туку и несреќите што ги снаоѓаат Твоите избраници се дело на Твоето милосрдие, дај ми сили да не постапувам како неверник во неволата, каде што Ти си ме поставил праведно: дај како вистински Христијанин да гледам во Тебе свој Отец и Бог, во каква невола и да се наоѓам, зашто мојата положба не ја менува Твојата. Јас, иако сум потчинет на промени, Ти остануваш секогаш ист, зашто Ти си постојано Бог и кога соборуваш и кога казнуваш и кога утешуваш и проштеваш.

 

II. Ти ми даде здравје за да Ти служам, а јас го истрошив по безбожни патишта. Сега ми праќаш болест, за да ме поправиш; не допуштај со неа да постапувам така што да Те разгневам со моето нетрпение. Јас не го оценив своето здравје и Ти оправдано ме казни; не оставај да мине и Твојата казна без корист за мене… Направи, Боже, Твојата казна да ме спаси преку Твојата семоќна добрина. Ако моето срце, додека било силно, чезнеело по светот, земи му ја таа сила заради моето спасение; и направи ме, било со телесна немоќ, или со усрдно благочестие, непогоден да се насладувам на светот, а да се радувам само на Тебе.

 

III. …Те славам, Боже мој, и ќе Те доброславам през сите денови на мојот живот, зашто Ти посака да ме направиш негоден да се насладувам од сладостите на здравјето и удоволствијата на светот и ги разруши за мое добро примамливите идоли, кои ќе ги уништиш во денот на Твојот гнев за смут и метеж на злите. Помогни ми, Господи, да можам сам да си судам по моето паѓање, кое го направи за мое добро, та по полното пропаѓање на светот и мојот живот, да не ме осудиш, бидејќи, Господи, во моментот на смртта јас ќе бидам разделен од светот, лишен од сите нешта, сам пред Твоето лице, и ќе одговарам пред Твојот суд за сите помисли на моето срце. Помогни ми во оваа болест да се почувствувам како во еден вид смрт, разделен од светот, лишен од сите нешта, сам пред Твоето лице, за да измолам од Твоето милосрдие обраќање на моето срце и така да се удостојам со бескрајна утеха, дека Ти ми праќаш сега една привремена смрт, така што и јас да можам предварително да ја почувствувам Твојата строга осуда и да се испитам сам пред Твојот суд, та да најдам милост пред Твоето лице.

 

IV. Помогни ми, о Боже мој, да ја поднесувам во молчење раката на Твоето Провидение врз мојот живот. Дај Твојот гнев да ме утеши и откако ја испив горчивоста на своите гревови во деновите на мир, дај да ја вкусам небеската сладост на Твојата благодат, во деновите на тие спасувачки маки, со кои ме опсипуваш. Но јас знам, Боже, моето срце е толку закоравено и толку исполнето со мислите, грижите и тревогите и со желбите за светот, што ниту болеста, ниту размислувањата, ниту книгите на Светото Ти Писмо, ни Твоето Евангелие, ниту најсветите Твои Тајни, ни Светите Дарови, ниту принесувањето на жртва на Твоето Тело, ниту сите мои усилби, ниту усилбите на сите луѓе заедно, не ќе можат да направат нешто за моето обраќање, ако Ти заедно со нив не ја придружуваш чудотворната помош на Твојата благодат. Затоа, Боже мој, јас Те повикувам Тебе, семожен Боже, и од Тебе барам дар, којшто сите твари заедно не можат да ми го дадат. Не би се осмелил да ги свртувам кон Тебе моите повици, ако можеше некој друг да ги чуе. Но, Боже Мој, обраќањето на моето срце, што барам од Тебе, ги надминува силите на природата и затоа јас се обраќам кон семожниот Творец и Господар на природата и на моето срце. Кого би повикал, Господи, од кого би барал поткрепа, ако не од Тебе? Сè што не е Бог не може да ги исполни моите очекувања. Само Бога Го сакам и барам јас: и само Тебе, Боже мој, Те повикувам и го сакам местото, коешто распаќето ми го имаат одземено и господарат над него; влези во него како во куќа на силник; но пред тоа врзи го силниот и јак непријател, кој господари над него, а потоа заземи ги сокровиштата кои се наоѓаат таму. Господи, земи ја мојата љубов, која светот ми ја однесе и Ти тоа сокровиште врати Си го назад, зашто тоа е Твое, како данок што имам да Ти го дадам, зашто Твојот лик е напечатен врз него. Ти го отпечати таму, Господи, при моето крштевање, моето повторно раѓање, но тој сосема е избледен. Ликот на светот толку се врежал, што Твојот веќе не се познава. Ти единствено ја створи мојата душа и Ти единствено можеш да ја пресоздадеш пак. Ти единствено можеш во неа да го запишеш Твојот лик; Само Ти можеш да го создадеш повторно во неа и да го отпечатиш избледениот лик на Исуса Христа, мојот Спасител, Кој е Твој лик и откровение на Твојата суштина…

 

V. Допри го моето срце со раскајанието, зашто без таа внатрешна болка, надворешните болки, со кои си го допрел моето тело, ќе бидат нов повод за грешка. Помогни ми да дознам дека телесните болки се само казна и одраз на душевните. Но, Господи, направи тие да станат и лек за душевните, давајќи ми покрај болките што ги сакам, да ја сетам болката што не ја чувствував во својата душа, иако е болна и сета покриена со рани. Зашто, Господи, најголема болка на душата е нечувствителноста и таа бескрајна слабост, која ѝ го одзема сознанието за нејзиното паѓање. Дај ми да ја почувствувам живо и остатокот од мојот живот нека биде за мене постојано покајание, за да ги измијам гревовите што сум ги сторил.

Блез Паскал (1623-1662) француски, математичар, физичар и филозоф.

 

(Продолжува…)