Молитвата на Блез Паскал (втор дел)

Да ми помогне Бог да се добие полза од болестите
Блез Паскал (1623-1662) француски, математичар, физичар и философ

 

VI. Господи, иако во поранешниот живот немам големи престапи, зашто Ти од мојот пат отстрани секаков повод за тоа, сепак тој ми е намразен поради мојата постојана негрижа, поради непочитувањето на Твоите свети тајни, поради застранување од Твоите зборови и напатствија, поради мрзеливоста и бескорисноста на моите дела и мисли, поради потполно загубеното време, што Ти ми го даде за да Те почитувам, за да барам во сите занимања како да Ти удоволам, за да се кајам за секојдневните гревови, од кои не се слободни дури и најправедните, зашто нивниот живот треба да биде постојано покајание, да не паднат од височината на својата праведност. Прости ми, Боже, што често постапував против Твојата волја.

 

VII. …Да, Господи, јас Ти се исповедам, дека го растурив своето здравје како богатство, не затоа што во него гледав средство за да Ти служам на моја корист, за да посветам грижи и бденија за служба на Тебе и помош на ближниот, но затоа што благодарение на него можев незадржливо да се оддадам на многубројните соблазни на животот и да ги чувствувам полесно погубувачките наслади. Стори ми милост, Господи, преобрази го расејаниот мој разум и усогласи ги моите желби со Твоите. Дај да се чувствувам среќен во ограничувањето и бидејќи сум немоќен, да дејствувам во светот, така што да ми ги прочистиш желбите, така и тие да не ги одбиваат Твоите желби и да Те најдам внатре во себеси, бидејќи не можам да Те барам надвор поради мојата слабост. Зашто Господи Твоето царство е во Твоите верни и јас ќе го најдам во себеси, ако го најдам во себе Твојот Дух и Твоите желби.

 

VIII. …Господи, не гледам во себе ништо освен маките што имаат некаква сличност со Твоите. Затоа помисли за болките што ги поднесувам и за оние што ме застрашуваат. Погледни со Твоето милосрдно око на тајните што ми ги нанесе, о, Спасителе мој, Ти Кој ги примаше страдањата Свои во смртта! О Боже, Кој стана Човек за да страдаш повеќе од секој човек, заради спасението на луѓето! О Боже, Кој се воплоти по паѓањето на луѓето во грев, и прими тело за да ги истрадаш во него сите зла, кои ги заслужиле нашите гревови. О, Боже, колку го уважуваш телото кое страда, па го избра најобременетото тело во страдањата за светот! Земи го при срце моето тело кое страда, не заради него самото, ниту заради она што се наоѓа во него, зашто сè во него е достојно за Твојот гнев, но заради маките кои ги поднесувам, кои единствено можат да бидат достојни за Твојата љубов. Засакај ги страдањата мои, Господи, и нека моите маки Те наведат да ме посетиш. Но за да го спремиш наполно Твоето живеалиште, направи, о, мој Спасителе, моето тело да страда поради моите гревови, ако преку маките тоа може да стане слично на Твоето; стори, исто така, мојата душа да стане како и Твојата, та и таа да страда поради тие гревови; и така да страдам заедно со Тебе, и со своето тело и со својата душа, поради гревовите направени од мене.

 

IX. Укажи ми милост, Господи, и присоедини ги утехите Твои кон моите страдања, за да страдам како Христијанин. Јас не сакам да бидам ослободен од маките, зашто тоа е награда за светците; но сакам и да не бидам изоставен во маките на природата, без утехите од Твојот Дух, зашто тоа е проклетство за неверниците. Не сакам да добијам некаква утеха без никакво страдање; зашто тоа е живот за блажените. Не сакам да бидам сам во маки, без утеха, но сакам, Господи, да ги чувствувам и маките на природата, поради гревовите свои, и утехата на Твојот Дух, преку Твојата благодат, зашто тоа е вистинската состојба на Христијанството – да не чувствувам маки без утеха, но заедно да чувствувам и маки и утеха, та најпосле да ги чувствувам само Твоите утехи, без никаква мака. Зашто, Господи, Ти ги утешуваш и ги олеснуваш страдањата на Твоите верни, преку благодатта на единствениот Твој Син и ги овенчуваш со пречистото блаженство Своите светии, пак преку славата на единствениот Твој Син. Тоа се чудните стапала по кои ги водиш Твоите чеда. Ти ме оттргна од првото стапало; помогни ми да го минам второто, за да стигнам до третото. Господи, Твојата благодат ја сакам јас.

 

X. …Моите страдања нека го скратат Твојот гнев. Направи од нив орудие за моето обраќање и спасение. Сакам отсега здравје и живот, само за да работам и живеам за Тебе, со Тебе и во Тебе. Не барам од Тебе ни здравје ни болест, ни живот ни смрт; располагај Ти самиот со здравјето и мојата болест, со мојот живот и смрт, за Твоја слава, за мое спасение и за полза на светиите и на Твојата Црква, од која, со Твојата волја, се надевам да станам дел. Ти единствено знаеш што ми е потребно: Ти си врховен Господар, прави сè што сакаш! Давај ми, земај ми, но потчини ја мојата волја на Твојата и дај ми да бидам готов да ги примам во совршено смирение, покорност и света целосна приврзаност, заповедите на Твојата вечна промисла. И дај со еднаква набожност да примам сè, што и да е, од Тебе.

 

XI. Помогни ми, Господи, таков каков што сум, да одам по Твојата волја, и болен, како што сум сега, да Те славам во Твоите страдања. Без нив, јас не можам да стигнам до блаженството… По белезите од Твоите страдања Ти беше распознат од Твоите ученици, и по страдањата Ти познаваш, кои се Твои ученици. Прими ме за ученик по маките кои ги поднесувам, и во телото и во душата, поради моите гревови. И бидејќи Му е угодно на Бога само она кое Ти му Го поднесуваш, соедини ја мојата волја со Твојата и моите маки со Твоите, што ги претрпе. Направи моите маки да станат Твои. Соедини ме со Себе и Својот Свет Дух. Влези во моето срце и душа, за да ги понесеш моите страдања и во мене да го претрпиш она, што Ти продолжуваш да го поднесуваш за чедата Свои… Така исполнет со Тебе, не јас да живеам и страдам, а Ти да живееш и страдаш со мене, о, Спасителе мој, и макар да имам мал дел во Твоите страдања, да ме исполниш целосно во Твојата слава, која Ти ја имаш и во која живееш заедно со Отца и Светиот Дух, во вечни векови. Така да биде!

Блез Паскал (1623-1662) француски, математичар, физичар и филозоф.