Христијанство без Христа Спасителот
Наоѓајќи одговор на прашањето за злото и разјаснувајќи се со манихејците (а на спорот со манихејците Августин посветил многу свои дела), Августин, така да се рече, можел на таа проблематика веќе да не се враќа. Но нему му било дадено повторно да се соочи со сите тие прашања, овој пат во уште посериозен вид. Се појавило учењето на Пелагиј, по кое тргнале не мал број на христијани. Во пелагијанството Августин согледал многу опасна ерес. Особено затоа што уште од почетокот ова учење било усвоено и од многу христијански богослови, и од свештеници, па дури и од епископи, како што се вели „на јуриш“.
Како се родило учењето на Пелагиј и што е неговата суштина? Пелагиј, британски монах, пристигнал во Рим, којшто во тоа време веќе бил престолнина на христијанската империја, надевајќи се дека тука ќе сретне благочестиви луѓе, исповедници на Христа, но наместо тоа наишол на грешници кои не се ни труделе да се покаат за своите гревови. Дури и уште полошо, овие грешници го оправдувале своето гревовно однесување токму со христијанските догми. „Ние не можеме да не грешиме“, велеле тие луѓе кои себеси се нарекувале христијани, „бидејќи нашата природа е повредена од првородниот грев“.
И вознемирениот Пелагиј веднаш започнал со проповеди во коишто велел дека најважното кај човекот е неговата слободна волја. Бог го создал човекот со слободна волја, и Бог бара од нас да го избираме доброто и да не вршиме зло. Затоа и постои рајот за праведниците и адот за нечестивите. Човекот е потполно слободен во изборот на доброто и злото, и нема причина своите гревови да ги товари на Адам и Ева: бидејќи во тоа време постоело мислење дека тие се виновните, дека луѓето грешат поради нивниот грев.
Пелагиј бил извонреден проповедник. Неговите беседи восхитиле многу од чесните христијани, коишто воопшто не се согласувале со својата позиција на псевдо – христијани, ниту со сфаќањето дека не можат ништо да направат во врска со својата гревовна природа. Се појавило големо мнозинство на следбеници на Пелагиј.
Августин бил еден од оние малкуте кои во таа, би рекле, потполно логична и правилна проповед, препознале сериозна закана. Во што е опасноста? Зошто тој во ова видел ерес? Всушност причината се крие во тоа што од учењето на Пелагиј за слободната волја на човекот, произлегувале навистина еретички заклучоци.
Пелагиј учи дека човекот се спасува со своја слободна волја: правам зло, тоа значи дека пропаѓам во ад; правам ли добро, значи го заслужувам рајот. Но, што е тоа слобода на волјата? „Тоа е изборот“, одговара Пелагиј. Изборот помеѓу доброто и злото. Таа слобода на волјата ја поседува секој човек. Таа не може да биде присутна во поголема или помала мера: слобода на волјата или постои или не постои. Кај каменот или животното не постои, кај човекот постои. Адам поседувал слободна волја. Можел да не згреши, можел да згреши – тој згрешил. А дали до доаѓањето на Христа човекот поседувал слободна волја? Поседувал. Дали кај човекот во Црквата постои слободна волја? Постои. А човекот надвор од Црквата – има ли слободна волја? Има. Од тука произлегува: првородниот грев никако не ја изменил природата човечка, бидејќи човекот си останал слободен. И друг заклучок: Црквата нема никаква улога во спасението на човекот: човекот и во Црквата, и надвор од Црквата останува подеднакво слободно битие.
А во што се состои тогаш мисијата на Христа? Зошто ние велиме дека без Христа спасението е невозможно? Секако, Пелагиј се сметал себеси за христијанин, и затоа тој велел: „Да, без Христа е невозможно спасението, бидејќи Христос нам јасно ни покажал што е добро, и што е зло. Имајќи го Евангелието, ние веќе не можеме да велиме дека не знаеме што е злото, и да постапуваме неправилно од незнаење. Не, сега ние знаеме како треба правилно да се живее: ги имаме Заповедите, Го имаме Христа Кој ни покажа извонреден пример за тоа како да се однесуваме во најсложените ситуации“. Од учењето на Пелагиј произлегува следново: значи Христос е едноставно Учител. Да, секако, тука е и Неговата победа над смртта, но тоа е само еден последен и завршен аргумент во синџирот на некои докази дека Он, покрај тоа што е Учител, уште е и Бог Кој може и смртта да ја победи. Значи ништо повеќе од еден обичен аргумент. И крсната смрт на Христа не е она најважното. Најважно е дека Христос е Учител.
Според Пелагиј Црквата е безусловно потребна, но само како некаква институција во која не нѐ учат на злото. А да се спасиме надвор од Црквата е тешко, единствено поради тоа што надвор од неа човекот не знае што е добро, а што е зло, оди на слепо, без раководител, а доколку се појави и некој таков, тоа ќе биде како слепец да води слепец.
Оттаму, според учењето на Пелагиј, и без Христа и надвор од Црквата спасението е можно, а првородниот грев немал никакво влијание врз судбината на човештвото. Ова е многу логична и убедлива ерес и затоа уште поопасна.