Направи добар почеток – бори се колку што телото ти дозволува

Мил и почитуван мој!

Толку многу треба да се напише како одговор на твоето писмо, но ќе го напишам најважното. Премудроста Божја е многу голема, што и злото го праќа во корист на човекот. Таа мисија ја откриле многу свети отци. Еве во што е суштината. Човекот може да се спаси преку верата и исполнувањето на сите Божји заповеди. Со нивното исполнување се менува душата на човекот, и тој станува „нов“ по образот (ликот) Божји, поточно по ликот на нашиот Спасител Исус Христос. Најосновната карактеристика на новиот човек е токму смирението („научете се од мене зошто сум кроток и смирен…“), без кое и исполнувањето на сите заповеди, не само што не го приближува човекот кон Бога, туку го прави дури и Негов непријател, зашто ако нема смирение неизбежно има гордост. Точно на таа карактеристика мислам, во која особено е применлива евангелската мисија за сатаната, кога го истеруваат оди надвор, а потоа кога гледа дека домот (човечката душа) е изметен и исчистен, но не насочен (со христолична смерност), зема седум други духови, поголеми од себе и се вселува заедно со останатите во душата; и последната состојба станува полоша од првата. Кај преподобниот Макариј Египетски односот на смирението кон другите добродетели (доблести) се изразува со приказната за раскошната гозба, приредена за царот и богатиот настојник. Но, бидејќи сè било припремено без сол (поточно без смирение), царот наместо да искаже благодарност, се разгневил. Така и за човекот се бескорисни сите добродетели без смирението (без него, во душата ќе влезе гордоста, а со неа седум бесови, т.е. сите страсти). Ако се чува себеси, влегувајќи во постојана борба со гревот, на човекот ќе му стане јасно колку е длабоко искривен и колку човечкото битие е подложено на гордоста. Да се победи секое високо мислење за себе, за својата суета и гордост, е исто како и да се победи самиот грев. А ова покажува дека паѓањето во грев може да биде од помош за човекот во добивање на смирението (ако човекот не осудува никого за своите гревови и ништо друго освен себеси, што е сосема точно). За сè е виновен самиот човек, а околностите и ѓаволот само го потпомагаат гревот и соблазнуваат, но конечната одлука му припаѓа на човекот, затоа тој е во потполност одговорен за себе. Тоа го потврдува и грижата на совест по извршениот грев.

Борејќи се со гревот кој живее во него и постојано паѓајќи во овие или оние согрешенија, човекот опитно (искуствено), а не теориски ја осознава својата грешност, својата немоќ, и постепено здобива смирение. Секогаш и постојано победуван од гревовите, со длабоко смирено срце и со солзи приоѓа кон Господа, од длабочината на душата ја признава својата гревовност и неможноста сам да го победи гревот и започнува да го моли Господа: „Боже, ако сакаш, можеш да ме очистиш (како што велел лепрозниот), а сам јас ништо не можам да сторам… Господи, научи ме да ја исполнувам волјата Твоја! Господи, изведи ја од темнина душата моја!“ Тука се гледа големото Божјо милосрдие кон паднатиот човек, зошто ако искрено се кае, Господ го заштитува човекот, го отфрла гревот од него, ја исцелува раната од неговата душа, нанесена од гревот и овој преку лично искуство свесен е за постоењето на Бога и Неговата промислена грижа за човекот и чувствува дека „Господ е близу до смирените срца“, дека Тој е навистина лекар на нашите души итн. и итн..

На тој начин, нашите паѓања во грев, иако се зло, постануваат примерок на големо искуство! Во тоа е Премудроста Божја, како и во сè, во сè…

Затоа, мил мој…, не паѓај со духот кога паѓаш во некој грев, но осуди се себеси пред Бога, исповедај Му ги своите прегрешенија, не обвинувај никој друг, смири се, види ја својата немоќ и моли Го Господа да ги изврши Своите свети заповеди во тебе. Но, тоа не значи дека ти сам не треба да не се бориш со сите сили. Треба да се бориш со сета сила, да ги научиш начините на борба опишани кај светите отци и да ги предвидуваш околностите кои помагаат на победата или поразот, како и да го избегнуваш последното а да трчаш кон првото. Најважно е, кога ќе се јават грешни помисли, да не престанеш од сè срце да викаш кон Господа за помош; свесен за неспособноста сам да го победиш гревот. Дури и ако паднеш во грев, па и при извршување на самиот грев, не срами се во мислите да паднеш на колена и да повикаш кон Господа, говорејќи: „Господи, еве гледаш што правам, помилуј ме, помогни ми да се ослободам од власта на ѓаволот“. Плачи во себе пред Господа и почесто повикувај Го, да ти помогне во сè, во целиот живот, зашто е тешко во овој свет да се исполнуваат заповедите Божји. Древните црковни отци плачеле за луѓето од последните времиња, зашто ќе има многу кои ќе страдаат поради своите гревовите.

Постои уште едно моќно средство во борба против секој грев: кога паѓаш во некој голем грев, оди и исповедај се пред духовникот. Ако не е можно веднаш, тогаш тоа направи го кога ќе ти се укаже првата можност, не одолговлекувај за следниот ден или подоцна. Кој веднаш го исповеда гревот, тој докажува дека го мрази гревот, го мрази робувањето на ѓаволот и подготвен е да го претрпи срамот при исповедта, само да се извлече и очисти од гревот и затоа во иднина добива од Господ целосна победа, не подлегнувајќи на победата со високо мислење за себе, ниту пак бива горделив. Посвети внимание на ова! (Мрежите на ѓаволот се насекаде).

Значи, направи добар почеток: бори се колку што телото ти дозволува! Кога ќе паднеш, не паѓај со духот, туку смирувај се, викај кон Господа, однапред осознавај ги околностите и избегнувај го она што е штетно и опасно, исповедај се без страв пред духовникот, придобиј го смирението, сеќавајќи се на минатите и сегашните гревови и паѓања, и Господ ќе ти помогне да бидеш храбар Христов војник, кој подоцна ќе им помогне и на другите.

Не се оддавај на мрзеливост… не го оставај своето мало правило. Стави се себеси во правилото и задолжително, макар и еднаш во текот на еден час, да Им се обратиш на Господа и Мајката Божја со молитва за проштевање и помош и ако е можно, прави го тоа почесто.