Нема грев што е поголем од љубовта Божја

           Ние не одиме на Небо, не поради тоа што грешиме. Знаете дека единствено безгрешен бил Христос и никој друг. Не одиме, значи, на Небо, не затоа што правиме гревови. Сè додека сме живи и додека ни се очите отворени, ќе грешиме. Ќе отидеме на Небо, зашто даваме сè од себе да постанеме такви како што Христос сака да бидеме. Таквиот труд ќе нè спаси.  Дали може да ги победиме искушенијата на гревот или не, тоа не зависи од нас, туку од Божјата милост.

            Мораме да го молиме Господ да ни ја испрати Својата благодат. Ако Он ни ја испрати Својата благодат, нема да грешиме. Ако Бог не ја испрати Својата благодат, нема да бидеме во состојба да  ги надминеме своите гревови. Тоа не значи дека ние не сме тоа што Христос сака да бидеме. Се бориме, војуваме со своите гревови. Ги гледаме своите гревови и мислиме дека ако престанеме да ги правиме, нема да грешиме нити со разумот, ни со очите, ниту со ушите…

            Не смееме да паднеме во очајание и да речеме: „Јас секогаш паѓам во истиот грев, така што не можам ништо да постигнам: не правам ништо!“ Напротив, многу правиме: се исповедаме, се смируваме се каеме… Тоа е тоа што нè спасува, а не добродетелта во која сме успеале. Ѓаволот, исто така, поседува добродетели. Еднаш откако направив нешто добро, отидов да му кажам за тоа на старецот. Тогаш бев искушеник. Кога ме здогледа, веднаш сфати што е работата и пред да успеам да кажам некој збор, рече:

           

            „Дете мое, за што да се фалиме и да се гордееме? Што постигнуваме со тоа? Никогаш не можеме да постигнеме повеќе од ѓаволот, зашто тој никогаш ништо не јаде. Тој е најголем испосник. Или, за тоа што сме будни и малку спиеме? Не можеме да бидеме будни повеќе од лукавиот, зашто тој никогаш не спие. Дали се воздржуваме, живееме целомудрено поради љубовта кон Христа? Ја имаме ли таа добродетел? Но, никогаш нема да постанеме поцеломудрени од ѓаволот, зашто тој нема телесни задоволства, бидејќи нема тело“.

            Бев шокиран! Без обѕир колку добродетели да имаме, никогаш не можеме да ги стекнеме оние што ѓаволот ги поседува. Но, дали добродетелите ќе го спасат ѓаволот? Не. Тие ниту нас ќе нè спасат.

            Што сакам со тоа да кажам? Дека не е потребно да бидеме полни со добродетели? Не. Ќе се бориме за стекнување на добродетели. Вистинскиот Христијанин е секогаш добродетелен, но не и секој добродетелен човек е сигурен Христијанин. Меѓу будистите, индуистите, евреите, муслиманите… постојат добродетелни луѓе. Меѓутоа, добродетелите сами по себе не спасуваат. Ќе бидеме спасени со покајание и со смирение. Смирение на нашиот ум.

            Сепак, смирението не е само изговарање празни зборови како што се: „Што сум јас? Јас не сум ништо!“ и преправање дека сте несреќни само да ги натерате луѓето да кажат: „Не, не, ти си добродетелен; гледај, имаш такви и такви добродетели…“

            Преправајќи се дека сме смирени, ги тераме другите да нè фалат. Вистинско смирение не е само изговарање на смирени зборови, туку да се биде смирен и мудар човек, да имаме смирен дух, да не мислиме дека сме подобри од другите, зашто секое зло се раѓа првенствено во нашиот ум.

            Ако повторно и повторно духовно паднеме, не треба да очајуваме. Постои свештеник, постои неговиот епитрахил, постои покајание… Тоа ќе нè спаси – и ништо друго. Покајанието и смирението ќе нè спасат. Ѓаволот од тоа се плаши. Тој има полно добродетели, но му недостасува една – смирението; гордоста, пак, го создаде пеколот и донесе духовна пустош.

            За да ја покаже силата на смирението, како што кажува Светото Писмо, Христос слезе од Небото на Земјата, се понизи и беше послушен до смрт (сп. Фил. 2,8). Се смири до тој степен што се согласи да биде распнат. Вакво смирение ни е потребно за нашето спасение.

            Се трудиме да не паднеме во грев, но Бог намерно дозволува да паднеме, за да стекнеме смирение, и додека плачеме поради гревовите што сме ги направиле, Бог нè крунисува со смирение за нашата борба против гревот. Значи никогаш не треба да очајуваме.

            Да си поставиме себе си правило повеќе да не ги повторуваме своите гревови, говорејќи: „Веќе нема да се лутам, нема да правам ова или она…“ А потоа речете: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме грешниот!“ И наведнете ја главата под епитрахилот.

           Што навистина сме стекнале, ќе сфатиме кога ќе дојде време да се претставиме пред Бога. Човекот ги мери работите на еден начин, а Бог ги мери на друг начин.

           Никогаш не треба да очајувате. Ако нешто не сте постигнале, тоа не значи дека не сте успеале. Нема грев поголем од љубовта Божја; не постои грев кој не може да се победи со Божјата љубов. Исповедајте се, причестете се и не оддалечувајте се од Црквата. Подобро е да бидеш грешник во Црквата, отколку добродетелен човек надвор од неа. Подобро е да бидеш хулиган и да бидеш со Христос, отколку добар човек, но со ѓаволот. Нашата доброта нема да нè спаси, туку ќе нè спаси љубовта што ја имаме кон Христос и духовната борба што ја водиме заради Него.

           Еднаш некој монах заспал во текот на богослужбата. Монашкиот живот е остар, душата може да се стреми кон височините, но понекогаш телото нема сила да ја следи. Службата заврши и излеговме од црквата. Додека чекавме да нè поканат во трпезаријата, друг монах, со цел да го задева својот брат, на шега му рече:

           „Оче, видов како заспавте во црквата.“

            А тој му одговорил:

            „Подобро е да спиеш во коработ на Ное, отколку да бидеш буден надвор од него!“

            Подобро е Христос да ве спаси, дури и ако заспиете во црквата, отколку кога има поплава да се разбудиш на улица. Покајанието е тоа што ќе нè спаси, а не нешто друго. Поради тоа мора постојано да се каеме. Зошто е тоа така? Затоа што постојано грешиме и не треба да бидеме приврзани за гревовите кои ги извршуваме. Свети Доротеј вели дека можете некого да го вознемирите макар и со начинот на кој го гледате и така да направите грев. Па, што тогаш да правиме? Да се сокриеме во јама и неподвижно да чекаме таму додека не умреме?

            Кога наутро ќе ги отворете очите, речете: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ и „Слава на Бога!“. Правејќи така, ќе отидете на Небо, не се сомневајте во тоа. Зашто кога човекот ќе каже: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“, тоа покажува дека сака да биде со Христос, дека не сака да греши по своја волја, а ако греши, тогаш тоа ќе биде против неговата волја. Како што кажува Свети апостол Павле: Но, гледам друг закон во органите свои, кои е спротивен на законот на умот мој, и ме прави заробеник на гревовниот закон, што е во органите мои. Несреќен човек сум јас! Кој ќе ме избави од телото на оваа смрт (Рим. 7,23-24)? Ако гледаме дека ни Свети апостол Павле – оној кој можел мртви да воскреснува – не можел да го победи гревот, можеме ли ние да го победиме? Не. Како тогаш ќе се спасиме? Ќе бидеме спасени, молејќи се со зборовите: „Господи, Исусе Христе, помилуј ме!“ И со смирение.

            Честопати кога нешто бараме од Бога, Тој тоа не ни го дава, само за да продолжиме да се молиме, а кога конечно ќе го примиме тоа што сме го барале, излегува дека повеќе добивме од молитвите што му ги пренесувавме на Бога, отколку од она што ни го дал. Затоа Господ понекогаш одложува да ни го даде онаа што од Него повеќе пати го бараме.

            Честопати нè доведува до тешки ситуации или, на пример, болест, за да нè попречи да не грешиме. Наместо тоа, да завршевме во друга ситуација, ќе бевме задоволни и ќе грешевме. Како што велат, „никој не е среќен таму каде што е…“