Свети Јован Крстител – најсјаен образец за монашкиот живот

Слово на Неговото Преосвештенство Епископ Антаниски г. Партениј, Игумен на Свештената Бигорска Обител, изговорено на празникот Рождество на Свети Јован Крстител, пред почетокот на сеноќното бдение, 6 јули2022 л. Г.



Ваше Преосвештенство, Епископе Аморејски и Свет Игумене на Свештената Ставропигијална Патријаршиска Обител на Влатадите во Солун, г. Никифоре,

Ваши Високопреподобија,

Сепреподобни и сечесни отци,

Браќа монаси и сестри монахињи,

Возљубени во Господа браќа, сестри и чеда,

„Искапете, гори, сладост и заиграјте, ридови, како јагненца“, повикува денес свештениот химнограф, „оти се роди од Елисавета оној кој со нас ќе се водвори – Претечата на Господа“[1], со кого „воплотувањето на Синот Божји на светот му се проповеда“[2].

Сосема разбирлив е ваквиот душевен восторг на црковниот поет, бидејќи пречесното Рождество на Пророкот и Претечата на Словото е не само причина за радост, туку и суштина на духовното веселие. Со чудесното раѓање на Крстителот Господов од неплодните и престарени родители Захариј и Елисавета започна утешението на од гревот свенатиот и безживотен свет. Во пророштвата за „пророкот на Вишниот“[3], што ќе ги чуеме на Вечерната богослужба, доаѓањето на Свети Јован е окарактеризирано како утеха Божја, како прошка и ослободување: „Утешувајте, утешувајте го мојот народ, вели Бог; свештеници, проговорете во срцето на Ерусалим, утешете го, зашто се заврши понижението негово и разрешен е неговиот грев… Нека се возрадува Небото одозгора и облаците нека поросат справедливост…  Возвестете глас на радост и нека биде слушнато ова, возвестете сè до крајот на Земјата, говорете: го избави Господ слугата Свој Јакова“[4].

И навистина, појавата на Претечата во светот имаше ослободителен карактер: утеха, радост, покајание и сладост се излевале од устата негова. Надворешно многу строг и кон себеси крајно суров, Свети Јован Крстител истовремено бил особено благ и утешетелен кон другите. Дури и кога разобличувал, тој го правел тоа со толкава љубов, што сите ги приведувал кон вистинско покајание. Како „проповедник на покајанието и водач кон светлината, како глас на Словото“[5], тој имал Божествен авторитет; бил необично силен Божји магнет, кој ги привлекувал сите луѓе кон себе, подготвувајќи ги за Ослободителот Кој требало да дојде. Кај него доаѓале и учени и прости, и старешини и потчинети, луѓе честити, но и луѓе грешни; доаѓале митници, престапници, блудници, фарисеи и садукеи и тој сите ги поучувал со едноставни зборови, упатувајќи ги на покајничкиот пат. Дури и безбожниот Ирод, вели Евангелистот Марко, знаеше дека е „тој човек праведен и свет и го пазеше; многу беше збунет додека го слушаше, а со задоволство го слушаше“[6]. Никој не останувал неутешен и невоодушевен од неговата светла појава. Да, „тој не беше Светлината, но дојде да сведочи за Светлината, та сите да поверуваат преку него“[7]. Беше, значи, наговестител, ѕвезда деница на Светлината. Како најголем меѓу Светиите од Стариот Завет и мост кон Новиот, Свети Јован во свештената хиерархија останува „прв по Првата“, Која Го роди Христа на Земјата. И ниедна човечка пофалба, макар и со многу љубов да е исткаена, нема да биде доволно достојна за оној за кого устата Христова беше рекла дека „меѓу родените од жена не се јавил поголем од Јована Крстителот“[8].

Како таков, тој, заедно со Пресветата Богородица, останува најсјаен образец за монашкиот живот. И токму затоа Црквата ги слави и возвишува како закрилници на монашкиот род. Прекрасно вели блажениот Старец Емилијан Симонопетриски, дека „Светиот Претеча е пример за нас монасите; не можеме да живееме без него. Тешко нас, доколку не го имаме секој ден и секоја ноќ како наш прототип“[9].

Колку, пак, повеќе чест и одговорност имаме ние, населниците на оваа Света Обител, преку која Чесниот Претеча повеќе од илјада години го твори истото свештеноапостолско дело како некогаш при Јордан, приведувајќи безброен народ кон покајание и покажувајќи му Го „Јагнето Божјо, Кое ги зеде гревовите на светот врз Себе!“[10]  Ете, оваа година за денот на своето Рождество, тој ќе ни принесе уште пет нови „плодови достојни за покајание“[11], пет монашки рожби, кои како кандила запалени од љубовта кон Христа ќе засветлат пред Престолот Божји, за покајание и спасение на нашиот православен народ и за благолепие на свештената Охридска Архиепископија. Имено, утре, од рацете на нашиот почитуван надлежен архипастир, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, нашите послушни браќа Драган, Џанго, Филип, Ангел и Глигорчо, ќе бидат потстрижени во рамноангелниот монашки образ, за радост и слава на Манастирот на Претечата. Целно истакнав дека тие се послушни, затоа што блаженото послушание е врховната монашка добродетел.

Новопрославениот Преподобен Отец наш Ефрем Катунакиски, за оваа совршена животна философија на предавањето на сопствената волјата на волјата на духовникот, вели: „Разберете од каде доаѓа послушанието. Од Троичното Божество. Христос вели: ‘Не дојдов да ја вршам својата волја, туку волјата на Оној Кој Ме прати’. Оттаму започнува послушанието. И затоа секој кој прави послушание, станува подражател на Христа… Оној кој прави послушание на својот Старец, Го подражава Христа, Кој направи послушание кон Својот Отец“[12].

Ќе ги повторам овде и бесценетите зборови, што Вие, Свети Аморејски, ги изрековте во една прилика пред наши браќа: „Немаш ли послушание кон Старецот – ти си ништо. Имаш ли послушание – имаш ипостас. Послушанието ти го дава твоето суштествување пред Бога“.

Со овие поуки, на нашите браќа кои утре ќе се облечат во ангелската схима, им посакувам благодатен монашки пат, исполнет со послушание и со Божји доживувања.

Ви благодарам уште еднаш, Ваше Преосвештенство, г. Никифоре, за честа што ни ја укажавте, збогатувајќи ја нашата манастирска слава со Вашето скапоцено присуство и со благословот на Првопрестолната Мајка Црква, Вселенската Патријаршија во Константинопол.

Ви благодарам посебно и вам, Високопреподобен Архимандрите г. Херувим и на вашата чесна придружба и на сите кои ќе пеат со Вас, што благоволивте да ја украсите нашата радост со вашата слаткогласна хородија.

Ви благодарам и на сите вам, браќа, сестри и чеда во Господа, со чиешто присуство и молитви го радувате нашиот непрестаен молитвеник пред Христа, Светиот Јован Крстител, и неговата славна Бигорска Обител.

Нека ни е напомош Раѓањето на Чесниот Претеча и ви посакувам добро бдение на сите!



[1] Прва литиска стихира на празникот, Минеј, 24 јуни.

[2] Отпустителен тропар на Раѓањето на Свети Јован Крстител, исто.

[3] Лука 1,76.

[4] Иса. 40,1-2; 45,8; 48,20 (Според текстот на Седумдесеттемина).

[5] Славник на литиските стихири, Минеј, 24 јуни.

[6] Марко 6,20.

[7] Јован 1,7-8.

[8] Матеј 11,11.

[9] Ἀρχιμανδρίτου Αἰμιλιανοῦ Σιμωνοπετρίτου, Λόγοι Ἐόρτιοι Μυσταγωγικοί, Αθήναι 2014, 141-142.

[10] Јован 1,29.

[11] Лука 3,8.

[12] Γέροντας Εφραίμ Κατουνακιώτης, έκδοση Ι. Ησυχαστηρίου «Άγιος Εφραίμ», Κατουνάκια Αγίου Όρους, 2000 162-163.