Послушноста – основа на монаштвото

 

Послушноста е тајна која се открива единствено преку Светиот Дух.
Послушноста, како своевидно одрекување од сопствената волја и разум, губење на својата личност, може на прв поглед да ни се покаже како некое ропство, како самоуништување, нешто што е спротивно на Божествената замисла за човекот, кој е обдарен со слободна волја. Но, на оние кои со вера го следеа учењето на Православната Црква и кои во духот на тоа учење го спроведоа таквото одрекување, послушноста им се открива како неискажливо голем дар одозгора.
Послушникот е орел, кој носен на своите крилја, се издига во висините. Тој е свесен за својата безбедност и господство, кое на другите им е недостапно и страшно. Кога со доверба, со готовност, со љубов, со радост ја предаваш својата волја и секој суд за себеси на духовниот отец, ти со самото тоа го отфрлаш тешкиот товар на земната грижа и го вкусуваш она кое нема цена – чистотата на умот во Бога.
Монаштвото е чистота на умот, која не може да се достигне без послушност. Всушност, без послушност нема ни монаштво. Надвор од монаштвото е возможно да се достигнат големи Божји дарови па дури и маченичка смрт, но чистотата на умот е особен дар на монаштвото, непознат за другите духовни патишта, а монахот ја вкусува таа состојба, не поинаку, туку само преку подвигот на послушноста.
Со оддалечувањето од светот и отфрлањето на сопствената волја, послушникот како со златни крилја се искачува на небото на бестрастието.
Односите помеѓу старецот и послушникот имаат свештен карактер.
Послушникот се поучува да ја твори Божјата волја и со тоа се причестува со божествениот живот. Старецот со молитвите и со подвигот на својот живот го доведува послушникот до познание за тој пат, ја развива во него вистинската слобода, беа која е невозможно спасението.
Вистинската слобода е таму каде што е Духот Господов. Целта на послушноста, како и на христијанскиот живот, е стекнувањето на Духот Свет.
Старецот не ја поробува волјата на послушникот со својата „ човечка “ волја и затоа внимавајте да не го принудувате старецот да заповеда.
Подвигот на старецот е потежок од тој на послушникот, поради неговата голема одговорност пред Бога. Меѓутоа, одговорноста пред Бога, старецот ќе ја понесе само во тој случај, кога ученикот му прави послушание на старецот. Кога, пак, нема послушност, тогаш сета тежина на одговорноста за своите постапки ја сноси самиот послушник, притоа губејќи сѐ што се постигнува со послушноста. Целта на старецот, меѓутоа, не е во тоа да го ослободи ученикот од одговорност, туку со тоа да го научи послушникот на вистинскиот христијански живот и на вистинската христијанска слобода.
Послушноста ослободува од страста на властољубието.
Една од главните препреки за достигнување на таа состојба, на која нѐ повикуваат заповедите Христови е нашата саможивост, егоизам.
Послушноста е патот кон победата над таа последица од првородниот грев во нас.
Отсекувајќи ја својата волја пред Бога, предавајќи се на Божјата волја, ние стануваме способни да го носиме во нас дејството на божествената волја.
Усовршувајќи се во послушноста и кон Бога и кон ближниот, ние се усовршуваме во љубовта.
Современиот културен човек, со својот критички приод кон светот, каде – каде е помалку способен за подвигот на монашката послушност, отколку простиот човек, кој не е искушуван со љубопитноста на умот.
Образованиот човек, кој се навикнал на својот критички ум, и кој свикнал на него да гледа како на свое главно достоинство, пред да стане послушник, потребно е решително да се откаже од тоа свое „ богатство “.
„ Како да се откажам? Пред кого да ја отсечам волјата, пред оној, кој е понизок дури и од мене? – почнува да расудува таквиот монах. – Ма, што е тој старец – пророк? Од каде, пак, тој ја знае Божјата волја? Нам од Бога ни е даден разум, ние треба сами да расудуваме. Еве, на пример, тоа што сега ми го рече старецот, сосема е неразумно “, – и слично. Тој суди по надворешност, како што му е својствено на „ разумниот “ човек да суди, и затоа не го наоѓа патот на живата вера.
Оној кој доброволно да доверил својата волја и расудување на духовниот отец, тој искуствено ја вкусува несовршеноста на својот ум – разум и радосно се уверува дека дошол до изворот на водата, која тече во живот вечен.
Послушникот кој се предава во доброволно ропство, во замена добива вистинска слобода.
Добриот послушник го чувствува присуството на Духот Божји, Кој на душата му предава, не само длабок мир, туку и несомнено чувство на „ премин од смрт во живот “.