Поуки на Свети Исаак Сирин за благодарноста и за сеќавањето на Бога

Благодарноста на примачот го поттикнува Давателот да дава дарови уште поголеми од претходните. Оној кој е неблагодарен за малото, тој е неверен и неправеден и во големото.

Оној кој е болен и ја знае болеста своја, треба да бара лек. Оној кој е свесен за својата болест, блиску е до своето исцеление и лесно ќе го најде. Од суровоста на срцето се умножуваат и неговите болести; и ако болниот му се спротивстави на лекарот, неговото измачување се зголемува. Нема неопростлив грев, освен непокајаниот. И дарот не останува без да се умножи, освен кога за него нема благодарност.

Секогаш да се сеќаваш на оние кои те надминуваат во добродетелите, за постојано да гледаш во себе недостаток според нивната мерка; секогаш помни ги тешките притесненија на притеснетите и на страдалниците, за да оддаваш должна благодарност за малите и ништожни притесненија што ти се случуваат и да бидеш во состојба да ги поднесуваш со радост.

***

Како што очните капаци се блиску до очите, така и искушенијата се блиску до луѓето; а Бог тоа премудро го устроил за твоја полза, за постојано да тропаш на Неговите двери и со страв од тажните нешта, споменот за Него да се всади во твојот ум, та да Му пријдеш на Бога во молитви и твоето срце да се освети со непрестајното сеќавање за Него. И кога ќе започнеш да Го умолуваш, Он ќе те чуе; и ќе разбереш дека Оној Кој те избавува е Бог, ќе Го познаеш својот Создател, Промислител и Пазител, Кој за тебе создал два света: едниот, како привремен учител и наставник, а другиот како татковски дом и вечно наследство.

И така, помни Го Бога, за да те помни секогаш и Он, и како ќе те помни ќе те спаси и од Него ќе добиеш секакво блаженство. Не заборавај Го Него, занимавајќи се со мислите во суета, за да не те заборави за време на твоите битки. Биди послушен пред Него во изобилието, та во притесненијата да имаш слободоречие во срдечната и постојана молитва кон Него.