Рождеството на Богородица – утеха за човештвото

Денес го славиме Рождеството на нашата Владичица, Богородица.

Светите отци, ниту со природните способности кои ги поседувале, но ниту со дејствието на целата благодат којашто пребивала во нивната душа, можеле достојно да ја испочитуваат, бидејќи во оваа Девојка е содржана велика тајна. Само една карактеристика ќе ѝ ја принесам на вашата љубов, бидејќи, ако се обидам повеќе, најверојатно ќе ја намалам нејзината добродетел.

Еден сончев зрак, кога е упатен кон едно место, го  исполнува со светлина. Еден зрак на благодатта делувал и во душите на сите спасени, било тоа да се Пророци, Апостоли, Маченици, Преподобни, Исповедници, или праведни луѓе, пријатели Божји, осветени, и ги правел исполнети и цели, за да станат наследници на ветувањето, да влезат во облакот на обожувањето, да постанат богови по благодат. Во оваа Девојка не делувал само еден зрак на благодатта, туку во Неа телесно се вселила сета полнота на Божеството. Да, во неа телесно престојувала сета полнота на Божеството, трајно а не привремено, и ја променила заедно со совршеноста на човечката природа, коешто го поседувала во својот карактер, така што ниту се родило, ниту ќе се роди, а и нити било создадено посовршено битие. Светите Отци велат дека ако ги поставиме до Бога сите созданија од една страна: видливи и невидливи, материјални и нематеријални, човечки и ангелски, и само Богородица од друга страна, Таа ќе надвладее. Ниту имало, ниту ќе биде создадено посовршено битие од Неа. После тоа совршенство што го поседувала нејзината најсвета душа, го наследила и обожението, бидејќи во Себе телесно ја сместила полнотата на Божеството. И тоа зошто?  За да се покаже љубовта Божја кон човекот.

Рождество на Пресвета Богородица

Оваа Девојка, значи, имала сила со оцелувањето на нејзината личност, како најсилен магнет, да го  привлече од пазувите на Отецот блесокот на славата Очева и да го облече во смирението на човечката природа, освен во гревот, за да го спаси паднатиот човек од пропадливоста и смртта и да го издигне до пазувите на Отецот, до толку што и Самиот да рече не ве нарекувам повеќе слуги, зашто сте Ми пријатели. И за да го потврди тоа, се обраќа кон Својот Отец и вели: Отче, сакам каде што сум Јас да бидат и тие, заради кои ја примив нивната природа од оваа Пречиста Девојка.

Покрај ова, кон мудроста на сите овие совршености била припоена и уште една. Онаа којашто го допира сечие срце: средиштето на секое мајчинство. Која болка сега не наоѓа утеха? Кој натажен сега се наоѓа под притисокот на очајот? Сега постои и ѝ припаѓа на нашата природа средиштето на секое мајчинство. Средиштето на секое татковство суштествуваше во натприродниот Бог, но недостижен од наша страна, недопирлив, несфатлив, недостапен, непоимлив. Оваа Девојка ја привлече од Него целата нежност на Очевата љубов и Таа постана Мајка на сите. Истовремено ги отвори и Очевите пазуви, кои после падот за нас беа затворени.

Нема да кажам друго, плашејќи се да не го намалам нејзиното величие. Но, чувствувајќи ја нејзината мајчинска љубов, ја отфрлам секоја слабост и се облекувам во смелост. Верувам дека сите мои слабости ќе бидат оставени на нејзината мајчинска љубов. Ќе ѝ спомнам за слабоста на нашата природа, којашто Таа не ја познаваше по природа поради нејзината совршеност, а ја знае поради законот на сродноста, бидејќи е Мајка наша и знае да боледува за своите деца. Во прегратките на нејзиното мајчинство сите ние ќе успееме да ги добиеме ветувањата. Во прегратките на нејзиното мајчинство ќе ги отфрлиме сите наши стравови и ќе ја стекнеме сигурноста на успехот. Бидејќи Таа Го остави од својата прегратка Словото Божјо и Го даде на Крстот, за Он, со Својата жртва, да ни ги запечати бесмртноста и вечноста и сите да ги направи едно, и да стане наш Спасител, така што да вети дека кој верува во Мене никогаш нема да вкуси смрт и уште: кој верува во Мене, и да умре, ќе живее. Сега Таа стои помеѓу небото и земјата и својата десна рака ја има горе и со неа авторитетно ја привлекува кон нас Божјата милост. Бидејќи не е само света, не е само пријателка, туку е и Мајка на сите и има власт. А другата рака ја има долу, кај другите нејзини деца, коишто се свиткани од слабости и се во немоќ. Но Таа ги подигнува нагоре и ги соединува „различните“. Кој ќе остане без надеж сега? Кој ќе е во опасност? Кој има нерешливи прашања? Никој, апсолутно никој! Но реков, доколку продолжам, ќе го намалам нејзиното величие.

Доаѓам сега до еден друг фактор: Да изберам една алегорија над блажените надежи, коишто Божјата благодат ги вдахновува во нашите души. Не можеме да ја сокриеме нашата природна огревовеност заедно со многуте наши слабости. Во еден таков стадиум и во еден таков метеж на овие тешки денови кои ги живееме, и ние наликуваме на една стерилна жена, која сѐ повеќе се обесхрабрува дека и таа кога-годе ќе стане мајка. Но овде го гледаме примерот на стерилната Анна, дека невозможното за луѓето е можно за Бога. Точно тоа го пронаоѓаме, испитувајќи ги тајните на преблагиот наш Христос, Којшто непогрешливо нѐ повика. Значи Он, Спасителот на светот, Кого што Го привлече оваа Девојка со својата светост и Го принуди да слегне во долината на плачот, да ги пронајде изгубените, не оддалеку преку Неговата Божествена сила, ами практично преку човечката природа, во којашто прифати да се облече од преголема љубов. Он ни даде храброст и ни рече: Не бој се, мало стадо! Зашто волјата на вашиот Отец е вам да ви го даде царството.

Така, никој да не се обесхрабрува. Имаме слабости. Имаме безброј слабости. Имаме подмолен непријател, но имаме и преблаг Спасител. И ние со своите неплодни души, согласно нашите предвидувања, сметаме дека нема да успееме во нашата цел, се вооружуваме со блажената надеж во Оној Кој рече: Ќе бидам со вас преку сите дни и никогаш нема да ве оставам сираци и се поучуваме дека преку трпението, издржливоста и правилната вера во Него, раѓаат и нашите неплодни души. И не само што раѓаат, туку раѓаат избраници, како што и неплодната Анна роди Една, патем Единствена, повисока од сите други созданија, видливи и невидливи.

Денес се наоѓаме во овој метеж, како и што го опишавме, каде недостасуваат вистински водичи, па останавме сираци без ориентација. Овци без пастир. Слово тешко, но вистинито. Го чувствуваме сиротството како никоја друга генерација. И не само тоа, туку и фактот што многу пати од некаде очекуваме поддршка, но и оттаму биваме разочарани. Сега, логично е да се занимаваме со оваа тема, за да ја засилиме во нас блажената надеж, така што со трпението и со утехата од светите писанија да имаме надеж, за да го продолжиме нашиот пат непречено.

Вчера направивме една алузија од свештените зборови на Светиот Апостол Павле и заклучивме дека можеме да ја одбегнеме нашата смртна осуда. Зошто? Бидејќи повеќе не се надеваме на нашите слабости, но единствено на помошта од Бога, Кој мртви воскреснува.

Внатре во овој метеж, горителот на духовноста, многу пати ја губиме нашата ориентација, притиснати од страстите и слабостите, незнаењето и беснилото на сатаната бидејќи ѝ се налути, вели Апокалипсата, змејот на жената (Црквата) и појде да војува со останатите нејзини потомци, и ни дава да разбереме дека на некој начин победил. Тие се деновите во кои живееме. Но ние нема да кажеме такво нешто, дека нѐ победил. Никогаш да не бидне! Како ќе нѐ победи кога сѐ уште важи изборот, а изборот не го направи ниту ангел, ниту човек, но Он, Бог и Отецот; Никој не може да дојде кај Мене, вели, ако не го привлече Отецот. Забележавте? Ако не го привлече!


Извор: Ватопед