Сабота вечер
Дури сега, во денешниов ден, со посрамен образ наведнат кон земјата, се осудувам да ти се обратам, Владико на Ангелите и Творецу на сите; а јас, земја и пепел, потсмев на луѓето и презир на народот, навистина црв, а не човек (Пс.21,6); боледувам цел обземен од немарност, заслужен за секаква осуда. Како да го подигнам погледот кон Твојата благост, Владико? Како да се осудам и да го помрднам својот нечесен и осквернет јазик? Како да ставам почеток на своето исповедање? Прекумерно Го повредив Твоето Име јас грешниот живеејќи блудно, полошо од блудниот син, Го осквернив и Го повредив Твојот лик, и не го сочував гласот на Твоите заповеди. За кои гревови прво ќе почнам да молам за прошка, јас грешниот? Дали за оние сторени свесно и бесомнено неопростливи, или за престапување на Твоите свети заповеди, или за согласување со лукавите помисли?
Знам, Господи, дека заради моите многубројни душевни нечистотии и заради валканоста моја, не сум достоен ниту да се наречам со Твоето страшно име. Неможам да застанам пред Тебе на молитва, ниту можам да ја гледам и да ја видам небесната височина, бидејќи Ти го затворив пристапот со непристојни желби, и предавајќи се на распуштени копнежи ја осквернив мојата бедна душа со страсти, и со лошо настроените желби ја оцрнив душевната облека. Сиот мој ум е исполнет со демонски помисли. Со сите мои помисли и дела ја гневев, и постојано ја гневам Твојата благост, а на непријателот свој кој војува против мене, секогаш му угодувам и му ја исполнувам неговата волја.
Мојата совест го изобличува мојот ум, со срам го покривам лицето мое во срцето свое. Пред очекуваниот Суд, се осудив сам себе.
Победнички ме одвлекува со себе блудниот живот, не оставајќи ме заради тоа што секогаш се давам во калта на стомакоугодувањето, и секогаш сум спречен со скверни помисли. Од детството станав сад на смртоносниот грев, и сè до сега, иако секојдневно слушам за Судот и за праведната плата, не сакам да се спротивставам на телесната похот, туку непрестајно се предавам на заблудите и непрекинато правам роб од себе.
Тешко мене, Господи! Некорисно Го потрошив Твоето долготрпение-тешко мене! Многу години Го гневев Твојот Свет Дух. Тешко мене, времето на мојот живот поминало во секаква суета. Но, Ти, Господи не изобличувај ме мене во Својата јарост, и моите лоши и срамни дела не ги покажувај на сеопшт срам пред сите Ангели и луѓе, за мој срам и вечна осуда, иако сум заслужен за секоја осуда и срам.
Како да ја исплачам заслепеноста на својата душа? Како да го оплакувам таквото свое незнаење? Како да ја исплачам мојата толку страсна и непокајана волја? Подвижниците се успокојуваат уште сега, утешени со Светиот Дух, а јас брзам како луд, роптајќи на својата беда, чија причина е мојата немарност. Се изедначивме со неразумните животни, и станавме како нив. Останав гол, бедник, заради својата мрзливост, бидејќи ми се туѓи оние кои живеат во молитва и бдеење. Погледни милостиво, Владико, од Твоите свети височини. Погледни на непоправливоста на мојата јадна душа, и како што знаеш Ти самиот, помилуј и поправи ме.
Како да стојам пред светиот престол на Твојата слава, и како да ги допирам Твоите пречисти нозе, Те молам и барам со скрушено срце: Помилуј ме и биди милосрден кон Твоето создание, обрати ме со Твојата благодат, не барајќи плата. Знам дека Ти можеш сè, и нема ништо што е невозможно за Тебе. Не чекај на мојата раслабена волја, бидејќи во мене нема усрдност да се поправам. Сите видливи и невидливи созданија нека плачат за мене, остарениот во гревови и страсти. Плачете за мене кој сум наизглед целомудрен, а внатре секогаш блудствувам.
Се приближил часот на твоето раздвојување од телото, бедна душо. Зоштосе радуваш на глетките кои ти се туѓи, кои ќе мораш да ги оставиш и од кои ќе бидеш лишена? Со што си Го израдувала Господа, Богородица, Светиите, и твоите ближни? Отрезни се, бедна душо, да не те стигне тага и воздишки, и да не плачеш бескорисно. Тогаш сето ова ќе ти дојде на ум, но нема да можеш да си помогнеш себеси. Кога е времето за купување, тогаш треба да купиш.
Покрај Твојата помош, Господи, испрати ми и сила; обрати ме да живеам во светост, по Твојата света волја. Освети го моето срце, кое се претворило во пештера и дом за демоните. Недостоен сум да барам прошка за себе, Господи, бидејќи многу пати Ти ветив дека ќе се покајам, и себе се направив лажго, не исполнувајќи го ветеното. Многу пати ме подигна, а јас повторно паднав. Затоа самиот на себе си искажувам осуда и признавам дека сум заслужил секаква казна и мака. Колку пати си го просветувал мојот помрачен ум и Си ги собирал моите блудни помисли? Но јас повторно се враќам на злото. Треперам целиот размислувајќи на сè, но повторно ме победува сластољубието.
Како да ги набројам сите дарови на Твојата благодат, Господи, кои ги примив , јас бедниот, и со својата немарност ги претворав и секогаш ги претворам во ништо. Си ме исполнил со илјадници дарови, а јас, бедникот, спротивно Ти возвраќам. Но Ти, Господи, бидејќи во Тебе е морето на долготрпението и бездната на милосрдието, не дозволувај да бидам исечен како неплодната смоква, и не брзај, уште недозреан да ме пожнееш на половина живот; не земај ме неподготвен; не барај го оној кој уште не ја запалил светилката; не го носи од овде оној кој нема на себе брачна облека, туку, како благ и човекољубив помилуј ме, и дај ми време за покајание; и пред Твојот страшен и непоткуплив престол, немој да ја покажеш разголена мојата душа, како тажна глетка на срамот. Ако праведникот едвај се спасува, тогаш кај ќе се најдам јас несреќниот и грешниот? Ако е мачен и тесен патот кој води во живот, како да се удостојам јас за тие добра, кој живеам нашироко, раскошно, и расеано. Но Ти, Господи, Спасителу мој, Сине не вистинскиот Бог, како што Самиот знаеш и сакаш, единствено по Твојата благост, обрати ме од гревот кој живее во мене и од пропаста.
Прибегнувам кон Твоето милосрдие цел во рани. Прими ги моите воздишки како солзите на блудницата. Ти, Владетелу, ја знаеш паднатоста на човечката природа. Сети се дека мислата на човечкото срце, е зло од мало (1. Мојс. 8, 21). И не гневи се на нас, туку отвори ми ја раката и вратата на Твоето милосрдие. Мојата немарност да не Го надвладее Твоето човекољубие; мојата безгрижност да не ја надвладее Твојата грижливост. Прими ја, Владико, и услиши ја сиромашната и недостојна моја молитва, Ти, Кој ги спасуваш оние кои се надеваат на Тебе, Кој не ги отфрлаш молењата на грешните, Кој ја пружаш Својата рака на паднатиот. Раководи ги моите патишта во Твојот страв, и дај ми солзи на умиление. Мислените очи на мојата душа ги подигнав кон Тебе, Господи, не отфрлај ме од Твоето лице, зашто Твоето име е благословено во век и веков. Амин.