„Самите себе, еден со друг и сиот свој живот на Христа Бога да Му го предадеме“

Самите себе, другите луѓе, нашите деца, роднините, домашните, колегите на работа, сите граѓани на нашата земја, целиот свет да го повериме во рацете Божји. И макар што оваа ектенија, која ја говорат свештенослужителите, делува многу едноставно, таа денес има огромен значај и сила. Бидејќи во ова крајно комплицирано време, врз нас лежи тешко бреме од мноштво грижи и обврски, па човекот е хронично уморен. Често сретнувам луѓе, дури и млади, кои под тежината на неволјите веќе се умориле од животот. Младите луѓе остареле од претерани напори и постојани удари од судбината. Нивната психа често е повредена од она што се случува во современиот свет. Меѓу младината постојат чувствителни души, на кои им е доволно да слушнат какви-годе вести, па да се вознемират, зашто не сфаќаат што се случува околу нив, каде оди овој свет и што ќе биде со нив ако и понатаму така продолжи. Многумина се наоѓаат во таква агонија

Оваа агонија, овие проблеми и неволји ги претставуваат обележјата на последните времиња, обележја за кои ни говори Господ во Евангелието. Тие последни времиња траат, еве, веќе доста долго. Тешкото бреме на проблеми и неволји врз себе го чувствува, речиси без исклучок, практично секој човек. Обраќајќи им се на луѓето, Господ во Евангелието говори: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28-30). И Црквата се обраќа кон своите чеда, говорејќи: „Самите себе, еден со друг и сиот свој живот на Христа Бога да Му Го предадеме“, т.е. самите себе, своите ближни и сите наши дела да ги повериме во рацете Божји.

Често, кога разговараме со духовните отци и им говориме за нашите проблеми и неволји, ќе ги чуеме следните зборови: „Препушти Му го тоа на Бога“. Таквиот одговор не нè задоволува секогаш. Оти, ќе си помислиме: „Како тоа да Му го препуштам на Бога? А што да правам јас самиот?“ Треба сè да препуштиме на Бога. Нам ни се чини дека тоа е малодушност, кукавичлук, немарност. Но впрочем, тоа е храброст, достојна за пофалба!

Значи, сè да препуштиме на Бога. Човек треба да биде многу благочестив, за да предаде сè во рацете Божји, неговата душа треба да биде полна со доверба и љубов кон Небесниот Бог и Отец. И покрај нашето маловерие, Црквата, еве веќе два милениума, ја повторува оваа за нас многу важна ектенија. Ќе ви го навестам и следниот пример. Замислете си дека човек носи некое бреме, кое ја преминува неговата можност и се искривува под неговата тежина, а во пресрет му доаѓа друг човек, кој му вели: „Дај да ти помогнам“ – па го зема целиот негов товар врз себе! Првиот, бидејќи се избавил од товарот што го притискал, чувствува голема радост и олеснување. Ете што значи „да предадеме“: т.е. сите наши проблеми и неволји, па и самиот наш живот да го повериме во рацете Божји.

Значи тоа воопшто не е тешко. Впрочем и не е така лесно потполно да Му се довериш на Бога. Нѝ пречи нашиот „стар човек“, нашиот егоизам и себељубие. Ни пречи нашиот страв, од тоа потполно да Му се предадеме на Бога, за да твори Он со нас според Својата волја. Не е така лесно да Му се каже на Бога: „Нека биде волјата Твоја!“ Ќе ви раскажам еден случај, што често го наведувам како пример. За мојата слабост со која се борам многу години.

Додека бев сосем млад, во душата моја имав желба да станам монах на Света Гора. Но многу ме вознемируваа вакви помисли: како тоа да ги оставам своите родители? Како ќе отидам толку далеку, во непознат крај, каде што немам никој, каде што нема да можам да ги гледам своите роднини и пријатели, ниту пак некој ќе може да ме посети? Појдов кај еден старец, му раскажав за моите стравови и го прашав што да правам. Старецот ми одговори: „Моли се на Бога за на тебе да се исполни Неговата света волја“. „Значи, Бог сака да станам монах?“ – гласно запрашав и помислив: „Ако Бог сака нешто што јас не сакам, што може од тоа да испадне?“ Некој од нас треба да ја отсече својата волја. Или Бог да ја отсече Својата волја – што за мене беше многу поприфатливо, или пак, требаше јас да ја следам Неговата волја, што ми делуваше како тежок потфат.

Тогаш сè уште не бев свесен колку радост и мир носи тоа кога човек ја следи волјата Божја. Исклучено е тоа Бог да сака човекот да се мачи или да се најде во тешка состојба. Напротив, Господ нè изведува од темницата во која се наоѓаме, откривајќи ни го патот кон вечното блаженство. Човек кој ја следи волјата Божја здобива вистински душевен мир, радост и спокојство. Самиот Господ за тоа во Евангелието вели: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам“ (Матеј 11, 28-30). Ова тогаш не ми паѓаше на памет, ниту можев да сфатам какво блаженство носи тоа кога некој ја следи волјата Божја.

Имав страв од тоа да Му се предадам на Бога, исто како мало дете, кое ќе го доведат на лекар, за да го прегледаат, а тоа место да му се довери, му се противи, вика и бега од ординацијата, не дозволувајќи му на лекарот да му помогне. Тоа се случува сѐ додека детето порасне и полека сфати дека лекарот сака да го излечи и дека нема да му направи ништо лошо. За човекот е неопходно да исчекори од самиот себе и да сфати: Бог е љубов. Старецот Паисиј Светогорец говореше дека на човекот Бог му треба како кислород, за да диши. Бог не може да биде како јаглероден диоксид, кој не е можно да се вдишува. Он не создава задушлива атмосфера за човекот, неповолна за живот.

Кога Бог учествува во човечкиот живот и на мистичен начин му ја открива својата безгранична љубов, тогаш во човечката душа царува длабок мир и тој почнува да ги сфаќа евангелските зборови: „И Јас ќе ве успокојам“. Тогаш човекот од опит ќе спознае дека во светот не постои друга вистинска утеха за неговата душа, освен Христос. Оној кој живее оддалечен од Бога е несреќен и животот му е исполнет со мноштво проблеми. Кога Господ ќе го благослови нашиот живот, тој се менува и станува необично интересен и убав.