Се молам значи живеам – II дел

Старецот го поистоветувал животот со молитвата. Да живееш, значи да се молиш – велел Старец Пајсиј. Не знам дали сте читале една многу убава книга која не е наменета само за монасите, иако нејзиниот наслов зборува за тоа: „Подвижнички слова“ од Авва Доротеј. На крајот има дијалог помеѓу големиот Отец Авва Доротеј и Авва Доситеј – неговиот ученик, кој исто така бил при крај на животот. 

Старецот го прашал Авва Доситеј:

-Kако си Доситеј? Имаш ли болки? 

-Имам!

-Внимавај болката да не ти ја згасне молитвата!

-По твоите молитви, геронда, се молам! 

По еден, два дена, повторно му се обратил:

-Што се случува со молитвата брате мој?

-Тешко е геронда, но издржувам, можам да се молам!

На следната средба на истото прашање Ава Доситеј одговорил:

-Геронда благослови, но не можам да се молам! Повеќе немам потреба да живеам. 

Старецот му рекол:

-Држи си го умот во Божјото име и очекувај го својот крај!

Зошто го спомнувам овој случај? За да видите дека Светиите  го живеат и доживуваат животот не како дишење, туку како молитва. Ние мислиме дека човекот живее додека дише или додека срцето му чука. Но доаѓаат светиите и велат „Не!“. Човекот има потреба од животот сè до тогаш додека со своето биолошко суштествување може да општи со Бога. Колку величествено е тоа! Токму на таков начин Светиите ја доживуваат молитвата.

Постои и едно друго ниво, надвор од разговорот, надвор од љубовното соединување за кое што зборував и надвор од фактот дека молитвата се поистоветува со животот. Таа е уште и чувствување на Божјата љубов. Во Посланието до Римјаните Светиот Апостол Павле вели: „Што ќе нè оддели од Христовата љубов?“, имајќи ја предвид љубовта на Христа кон нас, а не нашата кон Него. 

Зошто сигурно знам дека ни смртта, ни животот, ни Ангелите, ни властите, ни сегашноста, ни иднината, ни височината, ни длабочината, ниту, пак, кое било друго создание нема да може да нè оддели од љубовта Божја во Христос Исус, нашиот Господ.

(Рим 8,38-39)

односно никој не може да нè оддели од љубовта Божја кон нас. Молитвата значи човек да живее смирено и да ја чувствува Божјата љубов кон себе си. 

Молитвата исто така значи да го чувствуваме Божјото присуство. Прашањето од типот дали Бог постои или не, каде е Бог, што прави Бог, зошто ме заборавил, го покажуваат недостатокот на молитва. Молитвата е постојаното чувство дека стојам пред Бога, дека каде и да појдам, што и да правам и да мислам, постојано сум под слаткиот и топол поглед на живиот Бог. Молитвата значи дека се доверувам на Бога. Прашањето не е што барам од Него, туку како да си го отворам срцето за Него и како да се потпрам на Него. Таа е во увереноста дека мојата судбина, удел, живот, сè мое Му припаѓа на Бога. Колку убави нешта! Сите ние без исклучок сме повикани да ги живееме на тој начин. Тоа е молитвата која Бог ни ја дал како можност во нашата Црква.

(Продолжува…)