Се молам значи живеам – V дел

Преп. Силуан Атонски

И така, прво молитвата е длабока и срдечна, второ, таа е непрестајна. Трето – таа е сеопфатна. Не се молам само за себеси. Во книгата за Св. Силуан Атонски е опишан еден многу впечатлив случај. На Света Гора, еден војник којшто требало да отиде во Уранополис а од таму во Солун, се приближил кон Св. Силуан. Веднаш штом го видел, Св. Силуан разбрал дека станува збор за човек кој се моли. Тој му рекол:

-Ела овде, дете мое! Те молам да упатуваш молитви и за мене, но и за луѓето кои страдаат!

Гледате ли што побарал од него? Да се моли за целиот свет. Слушнете каков одговор добил: 

-Геронда, јас навикнав да се молам, вистина е, како што велиш. Бидејќи сум војник, кога бев во битки, се случуваше да летаат куршуми околу мене и немаше што друго да правам освен да кажувам: ,,Боже мој, сочувај ме, ти си посилен од опасностите кои ме плашат!‘‘ Повеќето војници околу мене беа убиени, но јас не пострадав. Оттогаш сфатив дека Бог ми го подари животот за да се молам и онака како што тогаш се молев за себеси, така понатаму да се молам за сите луѓе! А Св.Силуан рекол: 

-Го благословив младиот човек и на тргнување видов дека блескаше од молитвата.

Молитвеникот е човек кој навистина блеска, тој не е интелектуалец кој решава проблеми, туку човек кој се моли. И на тоа дете, на тој војник, еден свет подвижник ја положил одговорноста да се моли за неволните во светот.


Втор пример. Има една многу убава книга. Книгата на авва Варсонуфиј и Св.Јован Колов. Таму се раскажува како го прашале Варсонуфиј: 

-Авва, зошто Божјиот гнев не се излева врз нас, иако сме такви? 

А, зарем и денес не го велиме истото? Како Бог нѐ трпи? 

Во едно списание ми остави впечаток фотомонтажа на којашто Господ го ведне своето лице, бидејќи не сака да ја гледа состојбата на Црквата. 

И така, зошто Божјиот гнев не се излева врз тој свет? 

Авва Варсонуфиј тогаш му одговорил: 

-Молитвите на тројца се среќаваат пред Божјиот престол и ја одложуваат пресудата, т.е казната: молитвите на Илија од Коринт, Јован од Рим и третиот е од Ерусалим.

Св.Никодим Светогорец, толкувајќи ги овие зборови, вели дека третиот бил самиот Варсонуфиј.  Светиот ја чувствувал молитвата на другите двајца кои му биле непознати и бидејќи и самиот упатувал молитви: ,,Боже мој, спаси нѐ и сожали се на нас!‘‘, видел како неговата молитва се среќава пред Божјиот престол со онаа на Илија од Коринт и Јован од Рим. Следствено, молитвата може да ја промени дури и судбината на светот. 

Уште една карактеристика: молитвата може и да не биде услишана. Светиот апостол Павле три пати Го молел Господа да го исцели, но Бог не му угодил. Во Гетсиманската градина Господ исто така упатил молитва, која не била услишана од Бога Отецот. Бог не ги исполнува сите молитви, но дејствува во секоја од нив. 

Во Евангелието се вели: се што ќе побарате во молитва со вера, ќе добиете. Но, дури и кога Бог не одговара и не ја исполнува нашата прозба, благодатта на нашата молитва дејствува на многу подобри начини.

(Продолжува…)