Се молам значи живеам – VI дел

Зборувавме за видовите молитва, кажавме неколку зборови и за нејзините карактеристики – белезите на срдечната, таинствена молитва. Ќе кажам и неколку зборови за предусловите за молитва. 

Прв предуслов е безгрижноста. Трчаш наваму–натаму, но, така умот се расејува, се расточува. Како тогаш да седнам да се помолам? Тоа е првото нешто. 

Вториот предуслов е добродетелниот живот. Св.Григориј Палама вели дека трудот на добродетелите ни е неопходен, но не тој, туку молитвата нѐ соединува со Бога. Добродетелите едноставно ја подготвуваат почвата и атмосферата на душата, во која ќе се изврши соединувањето со Бога. Следствено, во недобродетелниот, нечист, невнимателен живот, во страсната состојба, нема дури ни капка молитва. Чист живот, љубов, добрина, прошка, добра духовна состојба – и молитвата ќе биде услишана. Значи второто нешто е добродетелниот живот. 

Третиот е љубовта кон Бога, копнежот за Бога.

Четвртиот – сеќавањето за Бога. Кога сме го отрстаниле Бога како основа на нашиот живот, како би можеле да Му се молиме? Го носиме ли Бога во себеси, или само Го среќаваме на иконите во храмот? 

Ако молитвата ни е таква, ако е дејствителна, тогаш, според зборовите на Св.Григориј Палама, таа има и неколку прекрасни црти. Таква е молитвата на Светиите. За крај ќе ги наведам нејзините плодови. 

Прво – разликувањето на вистината од лагата. Кога малку ќе се помолиш, сфаќаш што е вистинито а што е лажно во нашата епоха на кризи и конфликти. 

Второ – проѕирањето во таинствената суштина. Можеш да видиш што точно се крие зад настаните.

Трето – гледањето на иднината. Можеш да разбереш што ќе се случи во иднина.

Четврто – божественото озарување. Едноставно, срцето се просветлува и сведоштво за тоа се нашите Светии. 

Петто – надземната љубов. Излегуваш од себе си и ги љубиш сите други, не како себеси, туку повеќе од себеси. Зошто надземна љубов? Зошто таква е љубовта кон Бога. 

Шесто – откривање на неискажливи тајни, неописливи зборови, за коишто збори апостол Павле. Во душата се откриваат не тајните на овој живот и неговите загатки, туку Божјите тајни.

Кажавме многу работи. Не си заминувајте како од предавање, помнејќи го првото, второто, третото, четвртото. Треба само да сфатиме дека сме далеку од сите тие нешта кои за други се опитно достоинство. Ако не можеме да се молиме така, барем да се обидеме. Прво да тргнеме во тој правец и потоа да ги бараме молитвите на оние кои се молат на таков начин.

Ќе упатам збор, два и за отците тука. Возљубени отци, еднаш еден мој соученик ми кажа: 

-Слушај, имам многу проблеми и не можам да се молам! Помоли се за мене, зошто твојата работа е да се молиш  и за мене!

Нашата работа е да се молиме. Ако сме свештеници а не знаеме да се молиме, тогаш поарно да го соблечеме расото, да ја симнеме камилавката и да си појдеме дома. Или, пак, од овој миг понатаму, да сфатиме дека тоа е насушната потреба на Црквата – не се потребни ниту зборови, ниту нешто друго – сето она од кое што има потреба нашиот народ, нашата душа, нашата Црква и нашиот живот е молитвата.

По вашите молитви, Бог да даде да се научиме и ние да се молиме за вас. Амин!