Старец Гавриил Карејски за трпението

Ве молиме да ни кажете нешто за трпението?

Значењето и вредноста на трпението се огромни. Со трпение спасувајте си ги душите. И, којшто ќе истрпи до крај, ќе се спаси. Што и да ни се случи треба да имаме трпение, а тоа трпение ќе ни го даде Господ преку молитва. Човекот не е самосилен. Црпи сила од Бога. Тој е просветлуван од Духот, значи црпи сила од Бога преку молитвата. Сите добродетели се дар од Бога. Сам од себе човекот не може да успее. Без мене не можете да направите ништо, рече Господ. Ако настојуваме, преку молитвата ќе добиеме сѐ. Многупати Господ и не ни дава затоа што не е од полза за нашата душа. Отците велат: Господ на нашите молитви одговара на три начини: „да“, „не“ и „почекај“. „Ќе го направам она што велиш“; „не, нема да го направам“ – како што му рече на апостолот Павле, којшто трипати го молеше да му го отстрани трнот што го боцкал по лицето; „Почекај, уште не е дојден часот да ти го дадам тоа што го бараш“.

Значи, молкот на небото значи: почекај…

Да, и најдобрата молитва, најдобриот тип на молитва, одличниот, совршениот, што ни се даде од Господа во Гетсиманија, е кога во Својата страшна молитва кон Небесниот Отец рече: „Не како Јас што сакам, туку како Ти. Јас не сакам да Ме распнат, но секогаш ја поистоветувам Мојата волја со Твојата!“ Така и ние…

Значи, да се оставиме себеси, сиот свој живот на Христа Бога…

Да, да, тоа е најголемата, највозвишена (ако може така да ја определиме) философија. Ова секој треба да го има напишано во собата и постојано да го гледа: „Самите себе, еден со друг, и сиот наш живот на Христа Бога да Му го предадеме“. Сѐ да даваме на Господа.

Старче, сакам да ве потсетам на два слични изрази – еден е на Господа кон учениците: „не знаете што барате“, а другиот од Молебниот канон на Пресвета Богородица: „во полза на молбата“. Колку соодветствуваат овие изрази и колку нѐ засегаат?

Често во нашиот живот се случуваат несакани настани и ние се измачуваме. Го молиме Бога да нè избави, да нè ослободи. Но, тоа што го бараме не е од полза за нашата душа. Многупати од она што ние мислиме дека е пропаст за нас, може да излезе многу голема добивка.

Еднаш се потопи еден брод. Се спаси само еден бродоломник, којшто успеа да стигне до едно пусто островче. Се обидуваше да преживее, постојано надевајќи се дека еден ден ќе помине брод да го земе. Поминуваа денови, седмици, месеци и ништо… Собра нешто материјали што му се најдоа при рака и направи една колиба за да се заштити преку ден од жешкото, а преку ноќ од ладното. Еден дождлив ден отиде на лов. Враќајќи се, оддалеку виде чад околу колибата. Имаше паднато гром и колибата гореше! Полн со очајание почна горко да плаче и да си зборува: „Ова е најголемата катастрофа во мојот живот. Како ќе преживеам на овој негостољубив остров?“ Но додека ги имаше овие безнадежни мисли, на хоризонтот се појави многупосакуваниот брод! Се приближи и се вкотви на островот! Капетанот самиот слезе и му рече на пресреќниот бродоломник: „Оддалеку видовме чад на пустиот остров и бидејќи знаевме дека не е населен, разбравме дека некој бродоломник се наоѓа во опасност и дојдовме!“… Замислете си, катастрофата на колибата му го спаси животот! Ако не му се запалеше колибата, ќе останеше таму заборавен и ќе умреше сам и беспомошен. Затоа, да имаме целосна доверба во Бога. Она што Он го допушта да го примаме. За жал, и ние имаме огламници како и коњите. Немаме приближување кон нештата со набљудување. Бог сѐ знае, сегашнината, минатото и иднината. Знае што ни е од полза, а што не. Соодветно и ни дава. Затоа, да не негодуваме. Тоа што ни го дава да го примаме – болест, сиромаштија, што и да е тоа!