Тишината на ноќта ја разби силен звук на хеликоптерот, кој упорно кружеше над темната планина, барајќи некаков знак од луѓето што се загубија таму. Најпосле некакво бледо светло блесна од врвот на планината и хеликоптерот со сигурност се упати кон тој слаб сигнал. Веќе следниот миг се спушти јаже и спасувачите вешто слегоа по него. За неколку минути луѓето што се загубија во планината веќе беа во безбедната внатрешност на хеликоптерот, кој се упати кон првата болница.
Токму нашето живеење на земјата овде е како едно опасно патување по тешката планинска патека среде ноќта. Лесно можеме да го загубиме патот и да паднеме во некаков опасен грев. Но светиите, како хеликоптери, бдеат над нас и нѐ следат по мрачните патеки низ кои се движиме. Сè што чекаат од нас е еден сигнал за да слезат долу и да нè спасат.
Тој светлосен сигнал за ранетата душа е всушност молитвата што им ја упатуваме на светиите, барајќи го нивното застапништво. Оти тие се грижат за нашето спасение и сакаат целото човештво да го приведат во заедница со Христа. Божјата милост пребива во нив и затоа копнеат да слушнат од нас повик за помош. Без тој светлосен сигнал, тие многу потешко ќе нѐ најдат во овој мрачен свет.
Некои мислат дека светиите се некаде далеку од нас и безгрижно пребиваат во небесните блаженства. Други, пак, сметаат дека се недостижни оти се многу чисти, а ние сме многу грешни. Но тие не се далеку од нас, сè што не дели е еден „светлосен сигнал“.
Затоа да не пропуштаме можност да го упатиме својот молитвен „светлосен сигнал“ кон светиите барајќи ја нивната помош во искушенијата на мачното секојдневие. Кога тие ќе нè слушнат, нашата молитва стасува побрзо до Бога.