Петок од Втората седмица на Великиот Пост

Петок од Втората седмица на Великиот Пост
✤✣✤

За воздржанието
✤✣✤

Св. Јован Лествичник: Завладеј со стомакот, за тој да не завладее над тебе.

Св. Јован Златоуст: Постот на телото е храна за душата.

Св. Инокентиј Херсонски: Сети се дека Адам во рајот не бил пониско од тебе во совршенството – се обидел да опстојува без воздржание – и што се случи?

Св. Јован Колов: Кое од животните е толку силно како лавот? Но поради својот стомак и тој паѓа во мрежата и тогаш сета негова моќ е понижена.

Преп. Ава Серапион: Никогаш не може да ја достигне совршената чистота, оној кој се надева да ја стекне неа единствено со телесен пост, доколку не сфати дека воздржанието му е потребно за да може, после смирувањето на телото со пост, полесно да стапи во борба со останатите страсти.

Од книгата „Како да се сочува постот“: Како што телесниот пост подразбира ограниченост во храната, употреба на посебен вид храна и поретко примање на храна, така и душевниот пост треба да вклучува во себе: ограничување на надворешните впечатоци – храната за душата, тоа се информациите коишто по навика човекот ги прима во огромни размери; контрола над информациите, односно над квалитетот на храната што ја прима душата, со исклучување на сето она што ги буди страстите; поретко примање на храна, односно периоди на молчание, безмолвие, пребивање сам со себе, коишто му даваат на човекот можност да ги спознае своите гревови и да ја оствари главната цел на постот – покајанието.

Нашите страсти се тесно поврзани со сетилните слики. Страста се појавува во свеста во вид на гревовна слика, и обратно, гревовната слика, примена од надвор буди страст во нашето срце. Сцена на којашто непрестајно се манифестираат човечките страсти во сета нивна разнообразност, ефективност и суптилност, во нашето време е телевизорот. Телевизорот го држи човекот во страсна напрегнатост, бидејќи во пространството на неговиот екран е заклучено жариштето на сите чувствени емоции, страсти, похоти, жестокост, беззаконија. Тоа со што човекот од минатиот век можел, и тоа случајно, да се сретне само неколку пати во животот (на пример приказ на убиство), сега тој го гледа секој ден…

Душата има три способности: разум, чувства и волја. Од неразделната дружба со телевизорот волјата кај човекот се обессилува, како кај тие кои често се подложени на хипнотички сеанси; чувството затапува и бара сѐ понови и поинтензивни доживувања „и допинзи“, а разумот станува поробен од сликите коишто се менуваат една по друга и коишто го внесуваат неговиот живот во некаков фантастичен свет, во една фантазмагорија која постојано трае.

И каде е тука местото на безмолвието, на срдечната молитва? Човекот не се гледа самиот себеси, бидејќи живее не во дом, туку во театар со непрекинати претстави.