Возљубен брату, тебе ти се обраќам, нешто да те запрашам…
не запирај ги своите волови,не оставај го плугот свој… На моето прашање можеш да одговориш и орајќи. Не те прашувам за пат, за да мораш да ја подигнеш својата рака од плугот, и да ми го покажеш патот. Не ти барам ни вода, за да го прекинеш орањето, како би ме одвел кај изворот.
Погледни – ти цел ден ораш и цел ден размислуваш и твоите мисли остануваат затворени во тебе. Сакам да те прашам за нешто што е внатре во тебе, на што можеш да ми одговориш, додека ја држиш раката на плугот и одиш полека во браздата по воловите.
– Дали се уште гори кандилото на верата во твојата душа? Имаш ли доволно елеј во кандилото твое , и дали е светло во душата твоја? Кажи, брату, гори ли во тебе кандилото на верата?
Тоа е моето прашање ,и тоа сакав да те прашам, но не во мое име. Не те прашувам во мое име, туку во име на родителите твои, кои со вера Христова те крстиле и со Христова крв те причестиле.
И те прашувам во име на дедовците и прадедовците твои, кои од своето преполно и пламено кандило на верата налеаја и го запалија кандилото на верата во душата твоја.
И те прашувам во име на оние подалечни предци твои, кои иако петстотини години под ропство од Турците, не оставија кандилото на верата во нив да згасне. Кога половина илјада години беше згасната православната слобода и царство, единственото што тие го одржаа незгаснато, тоа беше кандилото на верата во душите нивни.
И те прашувам во име на оние твои предци, кои јуначки примија смрт за верата своја, на колец и јаже, како бесправни робови, во мракот на робувањето.
И те прашувам во име на оние уште подалечни предци твои, кои како војводи и кнезови со чесниот Кнез Лазар на Косово битка биеја и за Крстот чесен животот свој го положија.
И те прашувам во име на оние твои славни и чесни кнезови ,благоверни цареви и благочестивите царици , – повторно твои предци, кои ја закитија оваа земја твоја со славно наследство ,белите цркви и манастирите,откаде што сите идни поколенија наши долеваат елеј во кандилата свои и го палат трепетниот пламен на верата света.
И те прашувам во име на светите Архиепископи Охридски,чесните свештеници и монаси,кои низ вековни борби и маки и искушенија, така го зачуваа оној свет оган на верата наша да не згасне, како вистински светлоносци и духоносци.
И те прашувам, најпосле, во името на најсветиот духовен праотец твој, во името на оној моќен и мил Климент, оној бестрашен маж и плачлив молитвеник, кој го излеа во солзи срцето свое пред живите небеса, за во родот славјански до крајот на вековите да се запази светиот пламен на верата.
Во име на таа голема и пламена војска на твоите доблесни предци, чии крв и дух и вера и ти како законски наследник си ги наследил, те прашувам во нивно име, а не во мое, благороден мој брату Дали кандилото на верата се уште гори внатре во душата твоја?
Страстите го помрачуваат умот и го гасат кандилото на верата. Кога се бориш со страстите свои, замрази ги своите страсти со сето срце твое.
Безверието ја пустоши душата, корнејќи го од душата сето божествено семе. Безверието е жива смрт, полоша од секоја смрт. Кога се бориш со безверниците, мрази го безверието со сета душа своја, но не мрази го човекот, на кого паднала крастата на безверието. Кога не го мразиш својот крастав вол и својата метилава овца, како да го мразиш човекот, братот свој, на кого е крастата на безверието. Бремето на безверието е и онака претешко, само по себе. Не товари му го на братот свој и бремето на омразата.
Кривоверството е вера искривена, скршена и смалена, како дрво од бура искривено и од град искршено. Кога се бориш со кривоверците, мрази го со сета душа своја кривоверството во вид на ерес и секти, но не мрази го човекот со вера искривена и осакатена. Кога не го мразиш своето дрво искршено и осакатено, како да го мразиш човекот братот свој, во кого има вера искривена и душа осакатена.
Маловерието е вера без плодови. Кога се бориш со маловерните, мрази го маловерието со сета душа своја, но не мрази го човекот братот свој, зашто на него е таа болест и тој е страдалник.
Кога не ја мразиш пченицата израсната и никната, но без лисја и зрна, туку се грижиш како таа да процвета и даде род, – како да го мразиш човекот братот свој, што го снашла неволја, да има вера, но бесплодна, и кандилото да му биде не без елеј, но без пламен?
Бог ќе ти помогне, и ти ќе победиш.
Бог ќе те благослови, и ти ќе ја одржиш верата своја, најголемото богатство свое, почитуван брату мој.
Ја зачуваш ли верата своја, си ја зачувал душата своја. А ако ја зачуваш душата своја, лесно ќе се разделиш од овој свет, и лесно ќе влезеш во животот вечен, што им Го вети Создателот на благословените свои.