Апостол Павле вели: Она што око не видело, уво не чуло, ниту на човек на ум му дошло, тоа Бог го приготвил за оние кои Го љубат (1. Кор. 2,9). Дали е исправно ова што учи Апостолот?
„Во Царството Небесно“, вели Свети Нил, „ќе се просветли нашата душа, ќе се просветли умот, ќе се просветли срцето“. Со наслада ќе биде исполнет умот, ќе процвета нашата совест, ќе се разиграат нашите помисли, духот ќе се радува, ќе се развеселат ангелите, праведниците ќе играат, ќе се зарадуваат мачениците, преподобните ќе се восфалуваат, патријарсите ќе се радуваат, пророците ќе се слават, ангелите ќе се восхитуваат, серафимите ќе се исполнат со страв, началствата и властите ќе се исполнат со сладост и ќе Го слават Бога со радосна душа: „Свет, Свет, Свет е Господ Саваот, Небото и Земјата се полни со Твојата слава“. Тогаш душата ќе се исполни со неизречива радост, целата ќе биде украсена и прославена, ќе восфалува и ќе се восхити, ќе се утеши и ќе биде возвеличена. Тогаш ќе добие награда за напорот и маките земни, ќе влезе во местото на спокојот, во царството вечно, во животот бесконечен. Тогаш, храбро ќе беседи со Бога и со светлоста на лицето Негово ќе се просветли и ќе биде обновена во својот разум. Тогаш голема награда ќе добие за своите бденија, молитви и утрени славословија. И кој ќе биде достоен да опише, или каков јазик ќе може да пренесе, или каков човечки ум да ја спознае радоста и спокојството, веселбата и славата и секогашната светлост, која е подготвена за праведниците?
Според тоа, браќа и сестри, вистина кажал апостолот дека Господ подготвил за оние што Го љубат, тоа што око не видело, уво што не чуло и најпосле, дури ни во срцето на човекот не дошло. Сето тоа навистина така и ќе биде.
Да си спомнуваме секогаш дека ќе настапи час кога Господ Исус Христос ќе се појави во славата Своја, кога на сите ќе им вдахне животворно дихание, кога ќе го изрече своето семоќно слово и сите ние ќе станеме од нашите гробови, ќе станеме и нема повеќе во нив да лежиме, ќе воскреснеме и повеќе нема да умреме. Иде часот – вели Господ, – кога сите, кои се во гробовите, ќе го чујат гласот на Синот Божји, ќе излезат: кои правеле добро – ќе воскреснат за живот (Јн. 6, 28-29). О, кога би се удостоиле и ние тогаш да Го чуеме Неговиот најсладок глас: Дојдете, благословени од Мојот Отец; наследете го царството, подготвено за вас од почетокот на светот (Мт. 25, 34). Амин.