Зошто ни е тешко да веруваме во Божјата промисла? (втор дел)

  1. Втората причина која не ни дозволува да се препуштиме на Бога е сфаќањето според кое предавањето на Неговата промисла и на течението на настаните претставува своевидна слабост.

Со други зборови, на Бога се потпираат слабите личности. Не мислам дека е потребен голем напор да се разбере дека повторно се соочуваме со конфузија на сфаќањата. Верата како светодуховен настан – не како ментално скривалиште и живеалиште – не е слабост, туку те повикува кон надминување на биолошките и вродени инстинкти. Наместо кон заштита на егото, те води кон негово потполно соголување.

Не се препуштам на Бога затоа што се чувствувам слаб, за да преживеам, или да се соочам со реалноста на животот, туку затоа што:

  • Го сакам Бог и Му се доверувам, обидувајќи се да ги исполнам Неговите заповеди;
  • го признавам својот онтолошки[1] недостаток, дека онтолошки не сум самодоволен.

Смртен сум, се борам со времето и минливоста, ја барам врската на крајното значење на нештата. Тоа не е слабост, страв и откажување од негацијата на животот, туку егзистенцијален реализам. Да, не сум господар на играта. Ја играм главната улога, но не ги одредувам целосно состојбите во животот. Тие секогаш ме надминуваат.

(Фото: Томе Љушев – Шпанец)
  1. Третата причина зошто не се доверуваме на Божјата промисла е убедувањето дека единствено ние ја разбираме правилно реалноста на животот.

Ги обвинуваме сите за нивните решенија, само затоа што се различни од нашите. Бессилни сме да го прифатиме тоа кое е различно и кое ја надминува нашата перцепција. Стигнуваме дотаму што го изобличуваме дури и Самиот Бог за неговите решенија и избори. Тоа што не можеме да го воспримиме, едноставно не постои. Комплетно е јасно дека со таквиот нарцисоиден став, човекот не може да создаде врска не само со Бога, ами апсолутно со никој друг.

  1. Четвртата причина за неможноста да се оставиме е нашиот стремеж сè да контролираме.

Имаме горда перцепција дека само ние можеме работите да ги направиме беспрекорно. Дома, на работа, во нашата врска, насекаде. Сите работи треба да поминат преку нашиот контролен систем, секој детаљ треба да се проверува, бидејќи само ние сме способни и совршени.

Додека од една страна протестираме дека немаме помош и никој не е заинтересиран како ние се справуваме со работите, кога некој доброрасположен ќе посака да помогне, ние правиме сè, за да го оттргнеме од нас. Го омаловажуваме, го потценуваме, му ги одземаме сите негови компетентности и воопшто не се потпираме на неговото расудување и постапување.

Тоа егоцентрично восприемање и акт кон животот го пренесуваме дури и во врската со Бог. Односно, со зборови се молиме Бог да ни помогне или да се грижи за нашиот живот, но не се доверуваме на Неговата промисла. Стигнуваме до арогантното разбирање дека само ние знаеме правилно и само ние можеме тоа да го направиме.

        5. Петтата причина е предрасудата дека Бог се грижи и се интересира само за совршените, добрите и оние кои се способни да ги исполнуваат Неговите заповеди.

Иако изгледа излишно, сепак, потребно е повторуваме сè, додека да се вреже во нашето длабоко убедување тоа, дека според хрстијанската антропологија не постојат совршени луѓе и совршени животни околности. Сите грешиме. Грешката е синоним на нашето постоење. Совршенството Му припаѓа само на Бога и на Неговото царство.

Бог не сака и не се грижи за совршените и беспрекорните затоа што, многу едноставно, тие не постојат. Оние кои се чувствуваат „совршени“ живеат во ужасна заблуда и очигледно немаат потреба од Бог. Христос ни зборува многу јасно дека Он не дојде да ги повика праведниците, туку грешните на покајание.

Она кое не го разбираме е дека во Црквата и во животот во Христа ние се подвизуваме, не за да се чувствуваме совршени, туку за да го осознаеме нашиот онтолошки недостаток. Да го почувствуваме нашето испукано несовршено битие, без вина, без откажување и разочарување. Во Црквата Некој те сака дури и во твоите најмрачни денови. Можеби сум целосна руина, но Бог ме сака. Ова е искуството од Божјата љубов, апсолутно прифаќање и голема милост.

Свети Тихон Руски рекол дека во Рајот не одиме постигнувајќи морални и духовни победи. Рајските двери не се отвораат со нашиот пост и добродетели, или со нашата морална чистота. Рајот секогаш е дар на Божјата љубов, а не наше индивидуално достигнување или заслуга. Не одиме во Рајот победа по победа, туку пораз по пораз. Рајот им се дарува на оние кои никогаш не поверувале дека им припаѓа.

         6. Шеста причина е нашето искривено убедување според кое ние може да се препуштиме на Бога, само кога се чувствуваме подготвени за тоа.

Ваквото убедување не е само духовна грешка, туку и генерална грешка на животот. Со други зборови, не можеме да го одложуваме и да го ограничуваме движењето на животот во името на една контрола и подготовка. Независно како се чувствуваме, треба да сме присутни во сегашноста на Божјото присуство. Денешниот ден нè повикува да бидеме присутни и живи, да не бидеме отсутни или да се криеме, колебливо во името на емоционалното одложување.

Мнозина велат: „Уште не сум подготвен да се доверам на Бог, не чувствувам потреба да одам во црква, не сум подготвен да се причестам, прво да созреам малку итн.“ Со други зборови, користат емотивни критериуми за врската со Бога и со животот. А, самата емоција е најпроменливиот фактор во животот. Во секој момент се менува. Не може емоцијата да биде критериум за нашите решенија. Со такви помисли и емотивни толкувања нашето непознато себерушително јас ќе ги уништи сите наши напори за промена во животот. Затоа го започнуваме патувањето дури и кога не го знаеме патот. Самото патување ќе нè поучи и ќе ни ги отвори патиштата пред нас.

Манастир Пречиста Кичевска (Фото: Томе Љушев – Шпанец)

        7. Седмата причина е фактот дека целата сила и дејство го насочуваме кон заштита на сопственото јас.

Што значи ова? Дека целата наша духовна сила е потрошена за спречување на опасноста. Наместо да живееме живот со смисла и радост што ќе ни овозможи да ги надминеме животните закани и искушенија, ние сме истоштени – со вознемиреност и грижа – од спречување на тешкотии и искушенија. И нешто такво е најмалку утописко, освен ако некој не живее во замислено шише, што природно ќе стане негова најголема несреќа. Нема смисла да се избегнува дождот, туку да се земе чадор кога ќе почне да врне. Не можеме да ги контролираме сите нешта во нашите животи, но можеме да ги контролираме нашите реакции, како ќе ги исполниме и како ќе ги искористиме. Оттука, препуштањето на Божјата промисла и љубов е најдлабоката константа во нашиот живот.

Од сè гореспоменато може да заклучиме дека довербата и препуштањето на Божјата промисла е наједноставната работа. Постојат искривени сфаќања и длабоко врежани убедувања кои го прават тежок овој обид. Да бидеме искрени, оваа борба треба да биде поткрепена со Божјата благодат. Поинаку, борбата е невозможна. Но, чувствувам дека ако некој е автентичен во својата потрага, одговорот од Бога ќе биде аналоген. Односно, укрепувачки и спасителен. Во секој случај, во животот, за да се научиш да пливаш, треба да се научиш да се препушташ; спротивно, давењето е сигурно.


[1] Онтологија – дел од философијата што се занимава со севкупното поcтоење, што го проучува битието, неговите општи, фундаментални и конститутивни својства.


Извор: zadrugata.com
Превод: Ана Масларова