200 години од херојското Востание во Грција

На 25 март, на празникот на Светото Благовештение, во 1821 година, православниот народ на Елада херојски востана против долговековното отоманско иго, што се наметна заради неслогата на православните народи. Со ова востание, најпосле се ослободи еден дел од Ромејската Империја, која беше носител на Христијанството и на цивилизацијата, како и темел на денешната европска култура. Толку беше голема и возвишена таа култура, што од неа до ден денес имаат придобивки дури и самите поробувачи. Но, значаен дел од територијата и народите на оваа голема Империја останаа долги години под мрачното иноверно ропство, а некои сè уште се, како сведоштво каде води неслогата и колку ни е потребно православното единство денес.


Успехот на ова востание стана поттик и за останатите православни народи на Балканот да се кренат на борба и да ја извојуваат својата многу посакувана слобода. Но, она што е најважно е дека со ослободувањето на лулката на европската демократија, започнува и ослободувањето на ромејскот дух, тој историски и свештен влог на повеќе народи, кој, потиснат со векови, повторно донесе изобилни плодови од кои бликна преродбата на византиската култура, којашто била чувар на античката философија, уметност, мисла и на хелинистичкото ромејско културно наследство, а воедно и градител на православната христијанска цивилизација. Таа култура, која во продолжение прозвучи на сите јазици на Балканот, до ден денес суштествува во секој православен храм на нашиот регион, но и пошироко, зашто по ослободувањето, православна Елада повторно го примила апостолскиот удел, просветлувајќи со светлината на Христовото Евангелие и други христијански народи и испраќајќи верски мисионери и учители по целиот свет. Неоспорна е некогашната улога на православниот елински народ во ширењето на евангелското слово и на свештеното предание насекаде во екумената, вклучително и кај нас во Северна Македонија. Особено, пак, за истакнување во овој последен период е и тоа дека по падот на комунистичкиот режим, кој се беше обидел со мрак да ја сокрие светлината на Божјото Слово, преку овој благочестив народ ни се даде дарот на монашкото искуство и се возобнови монашкиот подвиг во нашата помесна Црква. Благодарни за таквата љубов, нашето монашко братство, возглавено од својот Старец и владика, епископот г. Партениј, на нашите браќа по вера Елини срдечно им ги честита големиот празник и 200-годишнината од херојското ослободително Востание на нивните предци, посакувајќи им да го продолжат богољубиво дело на своите претшественици и ревносно да ги чуваат светото православно предание и цивилизација.

На многаја лета, Елада!