Богатата и духотворна православна традиција, вткаена во секојдневието на овој народ во сите векови на нашето христијанско битисување, е она што низ тешките околности на историјата го одржало силен и возвишен духот на народот и ги запазило нашите културни и општествени придобивки. Народното празнување на Бадник како подготовка за прославата на Христовото Рождество, кое ја одржувало жива свеста кај народот за вистинската суштина на овој празник, е само еден очигледен пример за тоа колкаво значење имаат тие православни обичаи. Не можеме а да не се радуваме на будењето на оваа прекрасна православна традиција, која од година во година зафаќа се поголем број на градови, и повторно навлегува во нашето секојдневие. И не случајно токму најмладите толку брзо и од сѐ срце ја усвоија оваа возобновена традиција, нивните чисти срца не може да останат рамнодушни на радоста што извира од ова Божествено и спасително за сите нас, девствено Раѓање. А оваа нивна радост, додека со своите распеани гласчиња и со украсената Витлеемска пештера ги облеваат со ведрина и оптимизам градските улици, никого не остава рамнодушен. Така сите, и стари и млади, и оние што знаат за празникот, но и неупатените, земаат удел во сеопштата радост, зашто на сите, низ божикната каланда (песна) „Вечниот Бог“, им се објавува доаѓањето на Спасителот во тело. Песната е многу древна, води корени уште од некогашнто Ромејско царство, што културолошки продолжи да живее кај православните народи кои се негово духовно и цивилизациско наследство. Затоа, како припадници на тој византиски комонвелт не би требало да се откажуваме од таа возвишена православна култура која е придобивка за сите. А сведоштво за универзалниот карактер на оваа каланда се бројните нејзини напеви кои се среќаваат од Европа, преку Азија, па сѐ до Африка.
Несфатливо е сепак како од поново време кај еден дел од народот, како наследник на такво возвишено и благородно духовно и културно богатство, постојат појави (конкретно „бадње бабе“ во Тетово, вулгарното славење во Велес, паганските коледарски песни во повеќе градови, паганските карневали итн.), кои по својата суштина не само што го сквернават самиот празник, туку во духот на народот внесуваат нешто примитивно и назадно, нешто што наведува кон негативизам и ја убива душата. Последиците од таквите наводно „фолклорни“ и „безопасни“ обичаи се разорни за нашите идни поколенија. Овие лоши навики од едно безбожно време го оттргнуваат од нас благословот Божји и го доведуваат во опасност самото наше битисување на лицето на земјата. Загрижува тоа што споменатите појави не само што не се подложени на осуда како нешто туѓо и погубно за духот на народот, туку ја имаат и поддршката на некои наши медиуми, кои во нив гледаат материјал за новинарски сензационализам и поголем рејтинг, на сметка на општонародното добро. Вистинско време е и медиумите, и сите останати одговорни општествени чинители да ги земат предвид изворните светопреданиски корени на овој народ, што од нас изградиле културна, благочестива, благомислена, благотворна нација, зашто следејќи ги нив, стануваме подобри и покреативни личности, сме создавале и создаваме мостови на љубовта таму каде што егоизмот ги урнал, допираме дури и до најмрачните предели и тука го садиме семето на надежта, семе кое носи залог за подобра иднина. А зарем тоа не ни е неопходно во оваа тешко и студено современо битисување? Наместо да ги жнееме погубните плодови на скверните неопагански обичаи што така нашироко се промовираат, како наводно наше „културно“ наследство, зарем не е подобро вистински да го прегрнеме своето православно предание, чијшто пулс сѐ уште живо го чувствуваме во благоверната народна душа?
Во овој контекст сметавме дека следниве фотографски и видео записи ќе послужат како добар пример за тоа како на вистински начин и во духот на нашата православна традиција се најавува Божикното торжество, и ќе ги поттикнат и останатите граѓани на нашата Татковина да се вратат на своите православни корени во празнувањето на христијанските празици. Се надеваме дека за кратко време ќе се радуваме на преполнетите храмови на Божик и на останатите празници, на прекрасната глетка на распеани дечиња низ улиците на сите наши градови, на се поголем број причесници и вистински апостоли на верата среде нашите современици.