Црквата – новата Ноева арка

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за празникот Педесетница, изговорено во манастирската трпезарија

зминатата вечер, мили мои, на молитвеното бдение, и ова утро на Светата Литургија, во храмот слушавме прекрасни песнопенија што постојано Ја восхвалуваа Светата Троица – нашиот седобар Троичeн Бог, а особено Третото Лице од едносуштната и неразделна Троица.

Го празнуваме, имено, себлагиот и Сесвет Дух, Кој на денешен ден, во вид на огнени јазици, слезе врз светите Апостоли, собрани во горната одаја во Ерусалим; ги благослови, ги просветли и им ги отвори умовите и срцата да го разберат сето она што Втората Ипостас, воплотена и вочовечена преку Личноста на Спасителот Господ Исус Христос, во апсолутно содејство и по благоволение на Првата Ипостас – Бог Отецот, го беше извршил за спасението на родот човечки. Значи, на денот на Педесетницата Апостолите разбраа сè што им говорел Господ Исус Христос, и од плашливи и заклучени рибари станаа храбри и отворени проповедници на благата вест за спасението, и тоа на сите јазици.

Чувме од Апостолот како сите кои биле присутни во Ерусалим за големиот јудејски празник Педесетница, а ги имало од повеќе краишта на светот до каде што биле раселени Јудеите, вклучително и такви што биле придојдени и ја исповедале во тоа време вистинската јудејска вера, ја слушнале апостолската проповед, секој на својот мајчин јазик: А во Ерусалим имаше Јудејци, луѓе побожни, од секаков јазик под небото. сите се чудеа и маеја, велејќи си помеѓу себе: „Овие што зборуваат, зар не се Галилејци? Па како тоа сите да си го слушаме својот роден јазик? Ние – Партјаните и Мидјаните, Еламитите и жителите на Месопотамија, Јудеја и Кападокија, од Понт и од Азија, од Фригија и Памфилија, од Египет и од краиштата на Ливија, соседите на Киринија, па и дојдените Римјани. Како ние Јудејците, така исто и новообратените, Критјаните и Арабјаните, еве слушаме како тие зборуваат за големите дела Божји на нашите јазици?“ Сите се чудеа и во недоумение си зборуваа еден со друг: „Што ли ќе биде ова?“ (Дела 3,7-12) Просто, сите биле счудоневидени: како е можно да слушаат толку возвишена проповед од едни прости рибари, и тоа на толку многу јазици!

Коработ на Црквата

Педесетницата ни е јасно откривање на чудесата Божји. Таа ни покажува што може да направи Бог од човекот доколку тој го отвори своето срце за Него. Едноставните и смирени рибари биле луѓе со отворени срца, приемчиви за добрината и чудата Божји. Затоа и постанале темели на кои Господ започнал да ја ѕида Својата неразрушлива градба на земјата – светата Црква. Впрочем, овој голем ден во литургиската традиција се зема како ден на основање на Црквата Христова. Денес, со слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, и конечното соединување на Божествената и човечката природа, се создаде новиот спасителен кораб, новата Ноева арка. Од Стариот Завет дознаваме дека кога настанала катаклизмата, т.е. потопувањето на стариот огревовен и обезбожен свет, преку арката на прататкото Ное се спасил човечкиот род, а и сè што било живо на земјата. Денес, пак, повторно се создава еден нов кораб – Божјата Црква, без која нема спасение од потопот на гревот, страстите и смртта. Градител на овој мисловен кораб е Светиот Дух, преку Кого живее, се спасува и обожува секоја човечка душа. Како што пееме во една црковна песна: „Од Светиот Дух се точат благодатни струи, што ја напојуваат секоја твар со живот“.

На самиот почеток од Светото Писмо читаме дека во почетокот земјата беше безоблична и пуста; и имаше темнина над бездната; Духот Божји лебдеше над водата (Битие 1,2). Духот Свети, Господ Кој живот твори, лебдел над беозбличната маса, давајќи ѝ го животворниот импулс. Меѓутоа, гревот што подоцна го прифатил човекот ја опустошил првичната Божја творба и во духовна смисла светот повторно станал безобличен и пуст. Се почувствувала силна неопходност од едно ново пресоздавање на тварта. Таквиот препород, за кого зборува и Светиот Апостол Павле во своето Второ послание до Коринтјаните, велејќи: старото помина; ете, сè стана ново (2. Кор. 5,17) – се остварило со доаѓањето на Второто Лице од Божествената Тријада како човек во овој свет, и, најпосле – со слегувањето на Светиот Дух врз Апостолите, а преку нив и на сите Христови ученици и последователи од сите земји и времиња. Така, светот во Христа не е повеќе духовно опустошен и обезличен, зашто Светиот Дух сега е лесно достапен до секого што со искреност Го бара. Потребно е само со покајание и смирение да го отвориме нашето срце. Знаете, доколку во една темна просторија ги тргнеме завесите и го отвориме прозорецот, сончевата светлина непречено ќе продре во неа, осветлувајќи го секој агол. Истото се случува и со нашата внатрешна одаја, душата: да ја тргнеме со покајание завесата на гревот и да го отвориме студениот прозорец на нашата рамнодушност, и тогаш Светиот Дух ќе го направи Своето; ќе ги пушти зраците на својата животворна светлина и брановите на Неговата радост ќе заплискаат во нас.

Безбројни се чудата што Светиот Дух ги твори во Црквата Христова, за сето време од Педесетницата во ерусалимската горна одаја, па сè до денес. Всушност, Црквата Божја, сите нејзини верни и трудољубиви членови кои водат литургиски живот, постојано ја живеат светата Педесетница, бидејќи просветлувачките и осветувачките енергии на Светиот Дух непрестајно дејствуваат во нив. За нив секоја Света Литургија го претставува настанот на Светата Педесетница; Го чувствуваат слегувањето на Светиот Дух и Неговата Божествена благодат, која спасува и обожува. Сведоци сме колку рожби на Троичниот Бог, на благодатта на Светиот Дух, има во Црквата до ден денес. Безброј светии! А и кога преѓе на Литургијата го кренавме Светиот Агнец, со Кого после се причестивме, извикавме: „Светињите се за светите“. Гледате: Црквата преку Светиот Дух нè нарекува свети, нè осветува. Да, навистина ние сме немоќни, грешни, полни со слабости и страсти, но Светиот Дух е Тој Кој нè поправа и води до светоста. Затоа, никој не треба да се обезнадежува поради своите гревови, бидејќи Светиот Дух е благ Утешител. Потребно е само, мили мои, како што веќе кажавме, да ги отвориме срцата за Него и да Му дозволиме да нè направи нова твар. Оти, не само Божјите Светии за кои читаме во житијата се единствени кај кои дејствувал Светиот Дух. Еве, да го земеме на пример нашиот Манастир. Деновиве со браќата разговаравме за тоа колку многу преобразени личности сме виделе во нашиот живот. Доаѓаат во Манастирот со духовна состојба налик на онаа безоблична и пуста маса, каква што била земјата пред да настане хармонијата создадена од најдобриот Уметник; зашто, човекот без Бога е имено таков – го губи својот вистински образ. А, потоа, за кратко време, откако ќе се покаат искрено и ќе започнат да живеат светотаински, веќе постануваат нова твар. Просветлени, убави, вистински Христови деца… И сведоци за Неговото Воскресение, сведоци за убавината на Црквата. Токму затоа го започнав ова слово со споредбата на Црквата Христова со коработ на Ное. Како што тогаш единствените луѓе кои се спасиле од потопот биле оние во коработ, така, спасението на денешниот човек е можно само во мисловниот кораб, Црквата. Единствено во неа луѓето се преобразуваат, стануваат светли, добиваат образ… Не дека стануваат безгрешни – далеку од тоа – но, и кога ќе згрешат знаат дека треба да се покаат и да се вратат повторно при Бога. Не треба да го занемариме и тоа дека кај активните членови на Црквата борбата со злото е многу поголема отколку кај оние што се надвор од неа, или недоволно се трудат во добродетелите. Злото од овој свет не се бори со оние кои веќе ги владее, туку со оние што упорно му се спротивставуваат. Во тој поглед, најизложени на безмилосните напади од духовите на злобата се, најнапред, монасите, а потоа и сите дејствителни Христијани. Непријателот на човечкото спасение со посебна жестокост војува против монасите, знаејќи дека доколку успее да порази еден монах, заедно со него ќе паднат и стотици, можеби и илјадници други души. Исто така, доколку порази и еден посветен Христијанин. Навистина нашата борба е преголема. И, верувајте, ниеден човек не би можел да се одрже, доколку не би била благодатта на Преблагиот и Пресвет Дух. Кој од нас не ги чувствува сопствените човечки немоќи и слабости? Познавајќи се себеси, честопати се прашуваме: „ќе издржиме ли докрај?“ Да беше само до нашите, човечки сили – во никој случај! Ќе кажам отворено: прво јас ќе паднам во безброј согрешенија, како што, впрочем, и паѓам… Но не очајувам, туку, знаејќи ја бездната на неговата милост, постојано Го молам: „Цару Небесни, Утешителу, Духу на вистината, Кој си насекаде и се исполнуваш! Ризницо на добрините, Животодавче, дојди и всели се во нас; очисти нè од секаква нечистотија и спаси ги, Благи, душите наши“.

Во продолжение, после трпезата, ќе ја отслужиме вечерната богослужба со молитвите за призив на Светиот Дух. Најтопло би ве замолил да ги отвориме своите срца и да Го помолиме Него, Утешителот благ, да влезе во нив, бидејќи само Он може да деде вистинска утеха и радост. Да Го помолиме и за себе, но и за сите оние кои не ја вкусиле сладоста од познанието на Христа како Син Божји, да им ја испрати Својата призивна благодат и да ги просветли, та и тие да Го пронајдат единствениот Спасител; да го најдат патот до коработ на спасението, до Црквата Божја, во која се спасуваме од многубројните бури на искушенијата. А тие бури, како што гледаме, не се воопшто мали – напротив, колку ли страшни искушенија го тресат светот денес, каква морална ерозија владее насекаде! Но, не грижете се. Во Црквата во полнота е присутен Утешителот себлаг, Духот на вистината, преку Кого се спасуваме.

Накрај би сакал особено да им се заблагодарам на најмладите ученици и приемници на Светиот Дух, децата од Кичево и Кичевско, кои редовно ги посетуваат часовите по веронаука, што сестра Драгица со големам љубов ги одржува во Кнежинскиот манастир.

Благодатта од Светиот Дух нека биде постојано со нив и со сите нас!