Слово на Света Пасха

Слово на Неговото Високопреподобие, Архимандрит Партениј, за Света Пасха

реде благодатта и Светлината на серадосниот пасхален период што започнува денес, со нашите браќа и сестри во Христа се поздравуваме и го разменуваме меѓу себе воскресниот поздрав: 

„Христос воскресе! Вистина воскресе!“ 

Со овој поздрав ние воедно и веруваме, и исповедаме, и сведочиме дека човекољубивиот наш Спасител, Господ Исус Христос, беше предаден (на смрт) за нашите гревови и воскреснат за наше оправдание (Рим.4:25). 

Веруваме и сведочиме дека Воскреснатиот Господ е единствениот Спасител на луѓето, Кој самовласно ја победи смртта и стана првороден меѓу мртвите (Колос.1:18) и првина за умрените (1.Кор.15:20). 

Веруваме и сведочиме дека Воскреснатиот Господ и денес доаѓа при нас со огромно милосрдие за да ја замени нашата сопствена немоќ, темнина, тага, безнадежност, малодушност, бедност, смртност, распадливост и грешност – со Својата сила, радост, прошка, љубов, светлина, мир, нераспадливост, вечност, утеха, осветување. 

Веруваме и исповедаме дека нашиот живот без Воскреснатиот Господ е навистина пекол и нашиот свет без Неговото присуство е една крајна бесмислица и една недогледна гробница. Разделени од Воскреснатиот Господ, постојано го чувствуваме горкиот вкус на смртта. Современата цивилизација го одрекува Воскресението и така самата се осудува да биде цивилизација на смртта. Зашто човекот има силна внатрешна потреба да љуби и да биде љубен со несебична љубов. Има исконска потреба да ја надмине смртта и да го овековечи своето постоење. Има потреба да почувствува отпуштање на гревовите, кои, свесно или несвесно, му создаваат чувство на вина и стрес, и го трујат неговиот живот. 

А на сите овие потреби одговорот и задоволувањето го дава само една Личност, Богочовекот Господ Исус Христос, Распнатиот и Воскреснатиот. Во Крстот на Спасителот гледаме просто не само еден убав пример за љубов, туку ја гледаме целата полнота на љубовта, која се принесува без граници, без надоместок, за да го избави човечкиот род. 

Воскресение Христово

На основната потреба на човекот за воскресение, Господ одговара со Своето Воскресение. Со Својата смрт на Крстот, Он ја победи нашата смрт и ни подари воскресение и вечен живот. Во најкратката црковна химна за овој празник: „Христос воскресна од мртвите, со смртта смртта ја победи и на тие во гробовите живот им подари“ се возвестува најголемиот настан во историјата и најголемата победа во светот.  Кој учествува во љубовта на Распнатиот Христос, ќе учествува и во Неговата победа над смртта. 

Колку и човекот да се завлекува од животните грижи и да се отуѓува од Бога со гревот, со маловерието и неверието, не може да се пронајде вистински себеси во распадливоста и суетата на материјалниот живот. Како Божјо создание тој жеднее за нешто големо и вечно, за нешто апсолутно. Спасителот Христос нè насочува кон вистинската цел на животот, која е соединување на човекот со Бога, обожување. Човекот може преку Христа да стана бог по благодат. Не постои ништо повозвишено од ова да посакаме, поголема надеж да се надеваме, поголема слава да се прославиме. 

Господ Исус Христос доаѓа во овој свет и опши лично со секој човек, на еден несфатлив, таинствен, прекрасен начин. Ненаметливо, Он со татковска грижа бара да го најде изгубениот и расцепкан современ човек, во гробот на неговата збунетост, неверие, одрекување, световност, бездушност и формализам. Он ја има силата да ги преобразува и воскреснува умртвените духовни сили на човекот, водејќи го до лично воскресение и преродување. Тагува и жали кога го гледа Својот образ, човекот, како еден празен гроб, во кого го нема искуството на личното издигнување, осветување и обожување. 

Нашиот живот денес треба да се преобрази од еден празен гроб, во извор на нов живот и надеж, со смисла и вера во Воскреснатиот Христос. Тогаш навистина ќе ја живееме „Пасхата свештена“, „Пасхата нова, света, Пасхата таинствена, Пасхата сечесна“, „Пасха непорочна, Пасха велика“, „Пасха што ни ги отвора дверите на рајот“, „Пасха што од тагата нè избавува“ и е причина за радост преголема, радост што ни ја предвестува овој светлозарен ден на Христовото, но и на нашето лично воскресение. Во тоа и ние веруваме, па затоа и зборуваме (2.Кор.4:13), и со неизмерна радост возвестуваме: 

ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!

НАВИСТИНА ВОСКРЕСНА ГОСПОД!