Како да не се заплеткаме во мрежите на слободата – I дел

Во потрага по одговор на прашањето: Зошто во светот постои зло, ако Бог е еден и добар и семоќен? – младиот Августин се обратил кај манихејците. И манихејското толкување отпрвин му се покажало логично: ако во светот има добро и зло, тоа е затоа што има два бога – добар и лош, има две сили – сили на добрите суштества и сили на лошите суштества, кои се борат едни против други. Но подоцна Августин се замислил: Во што е смислата на таа борба? Обраќајќи се кон Бога во своите „Исповеди“ Августин пишува: „А што би Ти направило тоа непознато племе на мракот коешто манихејците обично го ставаат против тебе како некаква непријателска сила, доколку Ти не сакаш да се бориш со него?“ Каква е смислата за Бога да се бори против злобните сили? Бидејќи тие ништо не можат да Му направат – ниту да Го убијат, ни да Му наштетат, ни да Му нанесат болка. И Августин се разочарал во манихејството.

Истото ова прашање за злото тој му го поставил и на Св. Амвросиј Медиолански, којшто му одговорил: Злото не е од Бога, туку од човекот, од неговата слободна волја: „Слободната волја во своите одлуки е причина за тоа што ние правиме зло и трпиме праведен суд“.

Но и овој одговор не го задоволил Августин. Бог, Кој го создал човекот со слободна волја, знаел како тој ќе располага со неа. Зошто Он го создал човекот токму таков? Бог, кога ги создал ангелите, знаел дека еден од ангелите ќе отпадне и ќе биде искушувач на човекот, насочувајќи ја неговата слободна волја кон зло. Зошто Бог создал такви суштества, знаејќи кон што ќе доведе тоа? Произлегува дека човекот е само исполнител на злото, а неговиот вистински извор е сепак, Бог. Одговор нашол кај Плотин, чијашто книга му дошла во раце на Августин. И како што признава самиот богослов, читајќи ја тој буквално како да го читал Евангелието според Јован.

Каков одговор дава Плотин? Целиот космос што е достапен за умот, философот го претставува како хиерархија на ипостаси – на ниво на битието. На врвот е Апсолутното Добро, коешто Плотин го насловува како „Едно“. Од тоа „Едно“ произлегло сѐ во светот, оттука сѐ во светот е добро, но добро во помал степен. Злото не постои, онтолошки во принцип злото е невозможно: злото – тоа е небитие. Она што постои е добро, но тоа добро е во помал степен и затоа можеме да го наречеме зло, не апсолутно зло, туку зло како добро во некој мал степен.

Августин, откако ги прочита овие расудувања или толкувања, пронајде и за себе одговор како да го спои постоењето на семоќниот и добар Бог и постоењето на злото во светот. „Мене ми стана јасно“, пишува Августин, „дека само доброто може да стане полошо. Доколку тоа би било апсолутно добро, или, пак, потполно не би било добро, тогаш не би можело да стане полошо“. И од тука се подразбира дека Бог не може да стане полош; и тоа што не постои исто така не може да стане полошо. „Влошувањето нанесува штета; доколку тоа не би го намалувало доброто, тоа не би нанесувало штета“. Ова е одговорот на Августин.

Злото онтолошки е невозможно. Сѐ што постои е добро, само во различен степен. А зло го нарекуваме намалувањето на доброто. После таквото извонредно објаснување на Августин, таа мисла почнала да се изразува со помош на разни примери. На пример. Постои ли темнината? Секако не! Постои само светлината – посилна или послаба. И има носители на светлината – електромагнетни бранови, фотони, кванти. А носители на темнината не постојат. Ние не велиме „Запали ја темнината“, туку велиме „запали го светлото“. Има ли смрт? Смрт нема – има само живот. Болеста е намалување на животот, а смртта – отсуство и на животот и на болеста.

Имено, таков одговор даваат и многу други отци на Црквата, особено Кападокиските Отци. На пример Св. Василиј Велики, во беседата „За тоа дека Бог не е виновен за злото“, пишува: „Не си претставувај во себе дека злото би можело да има своја особена самостојност. Злото е лишеност од добро. Создаден е видот, а слепилото произлегло од губењето на видот“. Кај Свештеномаченик Дионисиј Ареопагит исто така може да сретнеме мисла дека злото не постои: „Едни се придружени на Доброто во совршенството, други се повеќе или помалку лишени од Него, трети имаат кон Доброто некаков нејасен однос, а кај четврти – Тоа се јавува во вид на едно исклучително слабо ехо“. И од тука произлегува дека „злото само по себе е неизвршено добро“. Така што „злото е небитие“, или злото не постои меѓу суштествата, извлекува заклучок Дионисиј: „Злото како такво не постои никаде. Злото произлегува не од силата, туку од слабоста“.

Продолжува