Во навечерието на светлозарниот празник за целиот славјански род – споменот на Светите седмочислени рамноапостолни отци наши, учители и просветители, Кирил и Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, во посета на Свештената Бигорска Обител допатува Претседателот на 44-то Народно Собрание на Република Бугарија, г. Димитар Главчев.
Вториот човек по чест од пријателска Бугарија, кој допатува заедно со амбасадорот на Р. Бугарија во Р. Македонија, почитуваниот г. Иван Петков, беше достоинствено пречекан од нашиот отец и игумен, Архимандрит Партениј, со целото монашко братство и присутните верници, според манастирскиот чин за пречек на државни и општествени великодостојници. Во склоп на чинот за пречек, отец Партениј му се обрати на Претседателот со поздравно слово:
„Достојнопочитуван Претседателе на 44-то Народно Собрание на Република Бугарија, г. Димитар Главчев,
Неизмерно Му благодариме на Бога што Ве донесе во нашата Свештена Обител токму сега, во навечерието на споменот на Светите Рамноапостолни Седмочисленици, Кирил и Методиј, Климент, Наум, Сава, Горазд и Ангелариј, нашите заеднички духовни татковци и родоначалници, творците на нашата писменост и духовна култура.
Нашата чест е уште поголема, дотолку повеќе што доаѓате набрзо после склучувањето на Договорот за пријателство помеѓу Република Македонија и Република Бугарија – земји што имаат толку многу заеднички нешта кои ги поврзуваат во нераскинлива духовна врска. Воедно, Вие сте и првиот толку висок државник на друга земја што ја посетил Свештената Бигорска Обител во поново време.
Ние, како монашко братство што непрестајно работи на зајакнување на братољубивите врски помеѓу нашите два братски народа, македонскиот и бугарскиот, искрено веруваме и се надеваме дека по склучувањето на Договорот, Бугарија ќе ѝ помогне на својот најблизок сосед Македонија да ги надмине тешките искушенија што се исправени на нејзиниот историски пат, та да може успешно да опстои како држава во своите физички граници, без да бидат повредени нејзините културно-народни обележја…“
Во продолжение, Старецот и браќата со голема радост и чест го запознаа ценетиот гостин со историјата, содржината и евангелската мисија на Манастирот.
Побожниот Претседател, пак, со восхит и вдахновение што можеше да се забележи од неговото лице, длабоко му се заблагодари на игуменот и братството за топлиот прием и одвоеното време, искажувајќи ја својата поддршка за благотворната дејност на Манастирот:
„Ваше Високопреподобие, почитувани браќа!
Со голем трепет сум тука денес при вас… Го прочитав вашето послание што излезе веднаш по потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Бугарија и Република Македонија. Јас, навистина, немам прочитано нешто повозвишено, почисто од таа реакција во врска со Договорот. Денес, во разговорот со Претседателот на Собранието и Премиерот на Република Македонија, кажав дека додека има духовен мост меѓу двата народи, на политичарите не им останува ништо друго освен да не попречуваат. Значи, не мора ни да помагаат, треба само да не попречуваат. Што останува, пак, ако и помагаат! Кога го има духовниот мост, духовната сврзаност, сè друго што останува – која било друга поврзаност е лесна: и патишта, и инфраструктурата, и секоја друга поврзаност се постигнува лесно… Денес јас ја имам честа да бидам овде, во јадрото на духовноста во Македонија. Ви благодарам многу за таа чест!“
Во продолжени, господинот Димитар Главчев му подари на нашиот Старец икона од Свети Јован Крстител. Тој, исто така, ја потврди целосната поддршка на Република Бугарија кон Република Македонија, додавајќи дека „двете држави и нивните народи имаат света одговорност пред историјата и предците да си помагаат и да се почитуваат еден со друг“.
Ова беше прва посета на Бигорската Обител во поново време, од страна на толку висок функционер на друга држава. За честа со која нè удостои почитуваниот г. Димитар Главчев, му ја искажуваме и ние нашата голема благодарност!