Несреќата на современиот човек

 

Апокалиптично е тврдењето дека во нашата епоха „не умре само Бог, туку и човекот“. Ваквото убедување, набљудувано од друг аспект, е резултат на горделивоста на нашиот век, на триумфот на демонските искушенија, зашто негирањето на Бог и Неговото отсуство од светот требаше да претставува ослободување за човекот, кој, пак, во своето постоење е карактеризиран како семоќен.

Меѓутоа, наместо ослободеноста и семоќноста на човекот, во светот владее ропство, осаменост, опустошеност, немоќ, очај и изгубеност, зашто губењето на Бога има своја директна последица – погибел на човекот. Негирањето на Бога од страна на човекот, кој мисли дека може да оствари независност за да живее како човек, носи последица – не постојат луѓе кои живеат човечно, со оглед на тоа дека кај истиот тој човек се исклучува верата и во самата човечност. Верата во човекот, во сета негова длабочина, не е хуманистичко заговарање за некаква површна човечност, туку самата вера во Бога, Кој е тајна и мерило за величието на човекот. Тоа е верата во Богочовекот Христос, Кој човекот го прави целосен и го спасува, го воздигнува во слободата и во вечноста.

Ако човекот постои, тоа е заради тоа што Бог постои. Митот за „смртта на Бога“, кој разочара многу теолози и христијани, и како исход ги имаше нивната конфузија и страв, е случај сам за себе, што со своите трагични последици го карактеризира и издвојува нашето време, и го открива како епоха во која се понижува човекот, се поништува животот, каде историјата ја губи смислата, а иднината се осуетува. Зборувајќи со јазикот на Светото Писмо, после „смртта Божја“ човекот не започнува да владее со светот, не се заснова неговото владеење со светот – царството на самообожувачкото битие, за кое наводно не важат никакви закони и ограничувања. Напротив, се воспоставува изопачена реалност во која владее хаос, темнина над бездната, простор на небитијата, науката на нихилизмот, на обожавање на идолите, на вештините на сатаната – со еден збор, смртта на човекот.

Движењето од богоцентричност кон човекоцетричност, од Богочовекот кон човекобогот, за свое конечно достигнување ја има самозатвореноста на човекот во сиромаштвото на самодоволноста, оставеноста во ништожност и бескрајни безизлези, деформирањето во идол помеѓу безбројните идоли, трансформацијата во уплашено и немоќно битие, губење на можноста да го оствари своето назначување и да му даде смисла на светот. Човекот на нашиот век, „надчовекот“ (мит кој ја заведе современата епоха), се покажува како победен од самиот себе, немоќен и опасен во својата семоќ. Тој се препознава како најпроблематично и најнесреќно битие – разголено, опустошено, напукнато и распадливо, отуѓено и очајно, без човечка уникатност и таинствена димензија, без смисла и иднина. Исцртувајќи ја кривата линија на својата автономност и самообожување, човекот открива дека е сам и беспомошен. Тој е „заведен од самиот себе, без надеж за спасение“. И бидејќи е сам, „тешко нему кога ќе падне, зашто нема кој да го подигне“.
Срцето на современиот човек, во себе носи духовна пустош и напукнатост, смртна болест која сигурно не се лечи преку современата култура и хуманизам. Зашто тие настануваат по мерка на човекот или се развиваат само до пројави затворени во себе, изразувајќи ги ограничените човечки можности. Оваа немоќ не се исцелува со помош на знаење и наука, кои отуѓени од смислата и мудроста, водат кон рационалистичка и технократска организација на животот, што секогаш е тиранска и нечовечна. Не се исцелува со самозадоволството и блудот, тоа лажно чувство со кое човекот се обидува на сопствениот живот да му даде одредено значење. Особено блудот, како императив на арогантната желба, што го развива индивидуализмот и воспоставува монопол над самообожуваното его, се трансформира во безлична, површна процедура на тирански врски, обележани со печатот на бедата и мерата на смртта.

Безизлезот на современиот човек не се лечи со магија – современата техника и нејзиниот рај, зашто техниката, одвоена од духовните длабочини на нештата, достигнува до угнетувачко и уништувачко господарење над човекот, лишувајќи го од креативните препреки и можности за личен живот. Невнимателниот и незаштитен човек таа го сместува во една толпа – безлично општество, општество на индустриско производство и изобилство на потрошувачките добра, леснотија и удобност, каде тој се уверува во својата минијатурност и во пропаста на животот, хранејќи се со разорителна здодевност и чмаење. Човекот станува уверен дека не е ништо друго освен делче од една машина, карика во механизмот на производството и потрошувачката, а животот – микро претпријатие за преживување и одржување.

Свети Исаак Сирин пророчки зборува за проблемот на техниката и мудро предупредува за нечовечните и катастрофални последици од рационалистичката и технократска организација на животот: „Телесното знаење, кое ја отфрлува верата и принесувањето на човечките нешта на Бога, кое е безумно во своето потпирање на разумот и дрско вообразено во поглед на својата семоќ, оголено од божествената грижа и сиромашно во својата светска ограниченост, не може да му понуди на човекот ништо друго освен трајна вознемиреност и страв. Тоа не нуди ништо освен богатство, суета, украсување, телесно блаженство и разумска мудрост, кои се соодветни за управување со посветовениот свет и кои раѓаат обновување на изумите, вештините и знаењето. Човекот што му служи на ова знаење станува заробен од малодушноста, жалоста, очајанието, демонскиот страв, чувството да не биде искраден, смртните закани, грижите заради немоќта и немаштијата, грижите за задоволување на потребите, стравот од смртта, страстите и злите бруталности“. Едно такво знаење не прави ништо освен што смислува лудости. Тоа ги надминува сите лукавства. Кога ќе ги исцрпи сите свои начини на вештини, се бори со луѓето, со оние кои го спречуваат и му се спротивставуваат.

Духовната сиромаштија што многу пати се открива во интелектуалната скудност и се храни со современите средства за масовно информирање, не се исцелува од никаква идеологија, а особено не со комунистичката и фашистичката идеологија, кои ја уништуваат не само духовноста, туку и човечноста на човекот. Живееме во време на лекомислено производство на идеологии во кои луѓето ги облекуваат своите нечовечки мисли и тирански погледи. Не сме далеку од вистината ако кажеме дека идеологиите – човечките производи и конструкции – претставуваат насилство, вештина со која се обидуваат да ја премолчат суровоста на рационалистичкото и механистичкото организирање на животот, за да се разубави лагата и нечовечноста, безумството на нечуени злодела, злоделото на тоталитарниот режим.

Конечно, духовниот пад не се лечи со оддалечувањето од ова, колку – толку христијанизирано човештво на христијанскиот Запад, и движење кон источњачкиот мистицизам или источњачката магија, со експанзијата на „јогата“ и „гуруата“, со кои оние што се „од овој свет“, и „среќниците“, се обидуваат да се излечат од психичките трауми, да се ослободат од смртноста, од изобилството и безизлезот на празното секојдневие, јадот и бедниот живот. „Духовноста“ на тие „источњачки религии“, формира знаење без објективни критериуми, трагична и давеничка затвореност во егото. Оваа духовност воспоставува искуство, во кое отсуствува личниот размер, силната одлука човекот да го надмине својот егоизам, да излезе од самиот себе и да стане соборен и историски одговорен.