- Како човек кој верува во Бога, кој е Вашиот став за оние што сакаат да се занимаваат со современо истражување, особено она кое во краен случај Го испитува Бога, како на пример генетското инженерство, космологијата или неврологијата?
Истражувањето кое е направено да го предизвикува Бог, ја има болеста на гордоста. Истражувањата би требало да се прават за да се докажат научните вистини. Што е проблемот ако некој сака да ги рашири хоризонтите на неговите мислења и знаења? На тој начин уште повеќе се приближуваме до Бога. Бог не е идеологија која мора по секој цена да ја браниме, туку ние веруваме во Него, бидејќи Он е Вистината. Во оваа смисла, дури и научната вистина го објавува Него. Ако сѐ уште се сомневаме во Него, време е да откриеме повеќе за Него. Верникот кој се плаши од научните истражувања, се плаши од вистината. Веројатно тоа е верник кој не верува.
- Што имате да кажете за теоријата на еволуцијата? Зарем таа не е во контрадикција со учењето на Црквата?
Во однос на овој проблем, учењето на Црквата е засновано на вдахновената книга Битие. Ова не е книга за физика или биологија. Важното во неа не е тоа дали Бог го создаде човекот од земjен прав и каде Он го создаде, туку тоа дека човекот е создаден „по образ и подобие Божјо“. Сѐ останато спаѓа во детали. Како може науката да го извртува ова? Освен тоа, ако науката го подобрува нашиот поглед кон светот и нашата слика за Него, зошто истата да ја испитуваме? Најмногу што можеме да кажеме е дека некои работи ги разбираме подобро.
- Значи, не е важно дали човекот потекнува од животните?
Она што е важно е Божественото потекло на човекот и неговата врска со Бог, имено дека Бог нѐ создаде нас, а не како нѐ создаде. Исто така, опасноста не е во тоа дека човекот потекнува од животните, туку дека ние завршуваме како нив: „Но човекот со сета своја слава не ќе трае. Сличен е на животните што гинат“. Додека нашата цел е да бидеме како Бог, ние се обидуваме да докажеме дека сме животни?
Проблемот, значи, не е научната потврда за еволуцијата, туку потчинетоста на болната интерпретација од истата. Второто не го докажува Божјото непостоење, туку ја потврдува острастената кратковидност на човекот. Да ја замениш Божествената цел со неразумната дегенерација на животно. Ниту на животните не би им се допаднало ова.
- Но, ние имаме важни сличности со животните и треба да го најдеме нивното значење.
Интересот за нашата сличност со животните ме зачудува. Ако имаше сличен интерес за нашата блискост со Бог, колку различни ќе беа работите. Треба да го откриеме значењето на оваа блискост. За животните пак, има некои сличности. Нашето тело на еден или друг начин наликува на повисоките цицачи. Ние дури можеме да ги учиме животните на инстинктивни добродетели. Има толку многу примери во Светото Писмо. Самиот Христос во беседата на гората вели „видете ги птиците небески“, продолжува дека треба нив да ги подражаваме.
Но, тоа што е важно е нашата различност од животните. Човекот е психосоматски. Тоа е изворот на неговата вредност. Време е да го тргнеме нашето внимание од нашата сличност со животните и да го посветиме на можноста за нашето подобие со Бога.