Религија и развој (прашањето за совршенството)

  1. И покрај тоа што секој човек има во себе религиозен никулец, која е основната причина за тој никулец да не се развие?

На прв поглед се чини дека е лесно да се одговори на Вашето прашање, преку наведување на веќе познати причинители кои може позитивно да влијаат врз развојот на „религиозниот никулец“ кај човекот, според Јунг наречен „архетипски религиозен човек“. Секако, постојат и други чинители кои помагаат во религиозниот развиток и не би требало да се занемарат: искрени религиозни родители, или барем еден од нив кој ќе успее да создаде вистинска религиозна „атмосфера“ во семејството; поволен тек на адолесценцијата кога природно се буди љубопитноста за религијата; некои книги или средби со некоја длабоковерна личност; сериозна болест, некоја надворешна несреќа, внатрешна душевна кризна на блиска личност итн.

Сето ова може да биде „оков“ за оживување на homo religiosus во нас, но и сите овие чинители (и некои не споменати тука) не значи дека ќе бидат поволни за растот на религиозниот никулец. Мора да постои уште некоја и таа одлучувачка, таинствена причина од која зависи дали ќе станеме веродостојно и цврсто религиозни. Според сведоштвото и искуството на христијанските светители, пресуден момент кога некој станува вистински христијанин е оној момент кога гулабот на Светиот Дух слетува на рамото и ја шепнува Божјата порака. Вака станувале религиозни и светителски религиозни и оние луѓе (за кои до сега не сме споменале) кои во својот живот од раѓање, немале ниеден од гореспоменатите причинители кои природно ја будат вродената религиозност кај човекот. Напротив. Многу луѓе во своето минато, сè до оној момент додека да долета Светиот Дух, доживувале разни несреќи кои од нив правеле крадци и убијци, блудници и очајници, а поради сето тоа никој од нив не очекувал ништо добро. Но, се случило чудо, необјасниво ни за најпаметниот психолог.

И за крај на овој одговор, да оставам простор и за христијанскиот психолог, кој би рекол дека како што никулецот на нашето јас, иако вродено, не е кај сите луѓе со ист квалитет, така е различен и квалитетот на религиозниот никулец кај сите луѓе. Со тоа и надворешните поволни или неповолни услови за развој се релативни. А, исто така, овој пат ќе го искажам своето субјективно уверување, повикувајќи се на Христовите зборови од Беседата на гората: „Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога!“ Доколку само еден најмал дел од човековото срце остане без грев, тоа ќе биде доволно од тој сочуван, чист дел, човекот искрено да извика кон Бога. Бог ќе се јави и ќе го развие религиозниот никулец.

  1. Дали е вроден стремежот кон совршенството кај човекот?

Силно сум склон кон таквото верување и како христијанин и како психотерапевт. Зар би барал Исус Христос од нас да одиме по Неговиот пат, ако човек не го носи во себе тоа, како богообразен човек, тој непрестаен стремеж кон совршенството? Живите суштества во природата со пониска свест од човекот имаат „совршени“ инстинкти кои изгледа дека не се променети милион години. Единствено човекот како дел од природата (дали е таков создаден од Бога или таков станал?) е недовршен и несовршен, „чардак ни на небото ни на земјата“. Бидејќи во човечката генетска структура нема вградено инстинктивни механизми, човекот е осуден доживотно да учи, што претставува негов најелементарен животен процес. Уште во раниот детски развој се насетува стремежот кон совршенството (преку имитирањето, а потоа и идентификацијата, а на крај преку формирање на свој идентитет), во адолесцентскиот период многу повеќе, но и во текот на целиот живот на човекот, сè до смртта. Овој процес на усовршување Јунг го нарекол „процес на индивидуација“. Повисокиот степен на развој може со христијанскиот да се нарече поим обожение (theosis).


Јунг во својата книга Ајон: истражувања на феноменот Селфа од 1951 г., пишува: „Стремежот кон телеосис (грч. усовршување, развој во насока на совршенството) во смисла на совршенството не е само оправдана, туку вродена човечка карактеристика која за цивилизацијата претставува еден од нејзините најдлабоки корени. Овој копнеж е толку моќен што може да стане страст која секој еден човек го вовлекува“. Сметајќи го овој човечки порив кон совршенството за архетип, Јунг ја открива и неговата негативна страна, истакнувајќи го присилувањето кон тој копнеж и тогаш, независно од тоа што постои свесна контрола, таа настапува силно и неконтролирано, во согласност со архаичната природа на архетипот.

Навистина, не е безначајно како ќе ги толкуваме Христовите зборови („Бидете совршени…“), особено ако го имаме предвид фактот дека е точен преводот во Евангелието по Матеј, кој го прифатиле и ранохристијанските црковни отци (Климент Римски, Климент Александриски, Поликарп, Игнатиј, Иринеј и др.). Од каде, пак, кај Августин, а многу покасно и кај Лутер и Калвин, во нашиот век кај Карл Барт, се одрекува можноста за совршенство на човекот?

Давид Милер смета дека не само теолошкиот, ами и секуларниот живот на човекот има цврста религиска основа. „Историското дело на западната култура, исто така сведочи за присуството на оваа идеја; утопизмот на Платон, па сè до Скинерите, нацизмот и марксизмот, американскиот технологизам, Тајар де Шарден и Махариши, Фромовиот хуманизам и културата на дрогата на Тимоти Лири. Насекаде се чувствува фанатичката компулзија на совршенството“.

Може да се запрашаме, дали нашата упорна замисла за континуирано усовршување на човекот, на земјата и после смртта, е од вековната европска идеја за совршени општества, идеја која природно би била продолжување на идејата за настанокот на човекот и еволуцијата според Чарлс Дарвин. Да се присетиме дека индустриското општество е единственото општество во историјата кое се потпира на континуиран и непрекинат развој, на очекувано усовршување.

На почетокот не било обичај на ваков начин да се толкува фанатизмот, особено во религијата и политиката, бидејќи води до сомнеж па и одрекување од Христовите зборови за совршенството. Философите и психолозите го објаснуваат човечкиот фанатизам како опасна девијација на карактерот под влијание на некои ментални заболувања (која најчесто не се открива или се обелоденува после смртта на некој политички диктатор или водач на фанатична секта), девијација во чија основа постои силно изразено чувство на инфериорност и недоволно вера или потиснат сомнеж во идејата, која на луѓето им се соопштува на фанатичен начин.

Давид Милер има поинаков однос кон совршенството, барајќи од човекот, со право, критички да ги преиспитува промените во себе – секако, ако воопшто ги открие. Може да не се согласиме со Милер кога ги става една до друго Платон и Скинерите, Фром и Тимоти Лириј, но неговата критика за западната култура дека е под постојан притисок на перфекционизмот, изгледа оправдана.

Заклучокот кој може да го извлечеме од Јунговата идеја за арехетипот на совршенството кај човекот и Милеровата идеја за перфекционизам – нарцизмот во политиката и религијата е двозначаен. Ако стремежот на човекот кон усовршувањето е архетипски, како што тврди Јунг, тогаш тој му е дадена на човекот од Бога, што значи е вроден. Човекот природно тежнее кон усовршувањето, исклучиво заради приближување кон Ликот на Творецот, Кој во правот го вдахна Светиот Дух и така го создаде човекот, кој не е само природно живо суштество туку со дух – потенцијално подготвен да се усовршува (creation continua).

Не сакам да навлегувам во причините (кои се нејасни и таинствени) што секој архетип во човекот (така и овој за совршенството) неминовно носи во себе и темна или луциферова страна. Во одговорот на ова прашање свесно се задржав на темната страна, како би можеле од време на време во себе да ја препознаеме и да ја отстраниме таа замка во себе. Освестувањето на оваа темна страна во себе е особено важно за секој религиозен човек, кој на секаков начин сака да го наметне своето уверување/верување на другите што некогаш опасно завршува, со фанатичен перфекционизам.

Ги прифаќам и двата преводи на грчкиот збор телеиос како точни, и во Евангелието според Матеј и според Лука, бидејќи и едниот и другиот збор (совршенство и милосрдност) во суштина се Христово Евангелие. Нашето милосрдие е condition sine qua non и претставува секое наше натамошно можно усовршување. Доследно следејќи Го, со внимание и трпение Христа како единствен Пат, Вистина и Живот, применувајќи во нашиот живот сè она што Тој ни го остави и покажа, најважно е да се избегне кај секој човек, а особено кај христијанинот, секогаш присутната опасност за злоупотреба и изневерување на архетипот за усовршување.


Избор и превод на текст: Ана Масларова