Смислата на животот – III дел

Соучество на созданието

Божјата благодат го обновува не само човекот туку и целото создание. Како што гревот станал причина за расипувањето, не само на човекот туку и на целата твар, така и Христос преку своето доаѓање во светот го обновува не само човекот туку и целото создание. Во своето обновувачко дело Христос ги опфаќа сите твари кои „воздивнуваат и се мачат“, заедно со човекот, и ја поставува сета твар во перспективата на есхатолошката слава.

 

Бог и битието

Обновувањето „во Христа“ го ослободува човекот од противприродната состојба, до која го довел гревот, го востановува во неговата природна состојба и му дава можност да постигне натприродна состојба, т.е. соединување со Бога и обожение. Човекот кој се свртел кон небитието, „во Христа“ одново ја стекнува можноста да се врати во битието. Тој бива примен во телото Христово и се сврзува со битието на Бога, Кој вистински постои. Кога ќе се оддалечи од Бога, човекот се оддалечува и од битието. Неговото останување во битие се остварува во земниот живот како постојана победа над небитието.

 

Гревот и небитието

Како Син Божји Кој станал Човек, Христос не направил грев, ниту, пак, можел да го направи. Бог не се потчинува на злото или на гревот, т.е. на небитието. Работите сепак, не се такви кога станува збор за човекот, кој произлегол од небитието. Произлегувањето на човекот од небитие, ја определува и неговата состојба на оддалеченост од Бога. Како оддалечување од Бога, гревот е оддалечување од битието, а како враќање при Бога, покајанието е враќање во битие. Тоа значи дека оној кој се одрекува од Бога, се одрекува и од самиот себеси.

 

Разликата меѓу верникот и неверникот

Кога е оддалечен и од Бога, човекот паѓа во небитие и живее како неипостасно суштество. Кога се враќа при Бога тој одново се поврзува со Оној Кој постои, Кој е извор на животот. Животот на Бога станува живот на човекот, а времето на тој живот се открива како време на восовршување и обожување. Во тоа се состои и основната разлика меѓу верникот и неверникот – разлика која има не морален, туку онтолошки карактер. Верникот учествува во Божествениот живот и напредува кон обожувањето, додека неверникот останува мртов и ја искусува трагедијата на смртта. Животот кој извира од Бог на љубовта ги води луѓето кон општење и меѓусебно единство, додека животот без Бога се самоуништува и распаѓа. Најпосле, отсуството на љубовта и владеењето на раздорот се карактерни црти за адот, до којшто стигнува човекот што се одрекол од Бога. Божјата светлина, која е слава и радост на верниците станува мрак и ад за неверниците.

 

Сегашниот и идниот живот

Меѓу сегашниот и идниот живот има гранична врска. Сегашниот живот води кон идниот, додека идниот живот се подготвува во сегашниот. Општењето со Бога преку сегашниот живот е претпоставка за негово запазување во иднина. Оваа перспектива на човечкиот живот води до радикален пресврт на погледот кон светот. Ништо не може да се определи како добро ако е ограничено само на светот и не се поврзува со вечниот живот. Во краен случај, богатството, почестите, здравјето и самиот живот не се богатства сами по себе. Христијанската перспектива ги надминува границите на просторот и времето и се простира во вечноста. Сѐ што влегува во таа перспектива, „ние велиме дека треба со сите сили да го љубиме и следиме“, додека останатото „да го занемаруваме како недостојно за ништо“. Оценувањето на нештата преку светските критериуми зборува за погрешното разбирање на смислата на животот. Тоа погрешно разбирање добива трагични размери кога човекот, макар што знае за вечниот живот, сепак, останува рамнодушен кон него и се приврзува кон времениот живот.

Крајната цел на животот на Христијанинот не е во сегашниот свет, туку во Божјото Царство. Приврзувањето кон крајната цел му придава соодветна нијанса на секој одделен поглед и дејство на човекот, бидејќи им придава дијахронична смисла и постоечка содржина. Кога отсуствува таа перспектива и сѐ се ограничува на световното, тогаш и одделните погледи и дејства стануваат ефимерни и суетни.