Преп. Јован Касијан; преп. Варсануфиј

29 ФEВРУАРИ

1. Преп. Јован Касијан. Овој голем духовник се родил во Рим од славни родители. Во младоста ги изучил сите светски науки, особено филозофијата и астрономијата. Потоа целиот се предал на изучување на Светото писмо. Простирајќи се од доброто на подобро и сакајќи сè поголем степен на совршенство, Касијан отишол од Рим во Цариград за лично да го чуе и да го види св. Јован Златоуст. Златоуст го поучил и го посветил за ѓакон. Користејќи се многу со мудриот Златоуст, Касијан се упатил подалеку на Исток за уште повеќе да се научи и усоврши. Најмногу се задржал во Египет, во Нитрија, меѓу прочуените духовни атлети, од кои се научил на вежбање во секоја добродетел. Најпосле се вратил пак на Запад и се населил во градот Марсеј. Тука основал два манастира, еден машки и еден женски. На молбата на монасите, св. Касијан напишал повеќе дела, од кои особено е корисен за љубителите на духовниот живот: „Осум книги за борбата против осумте главни страсти“. Мошне важно му е делото против еретикот Несториј. Ова дело Касијан го напишал на молбата на архиѓаконот Лав. Верно Му послужил на Господа и мнозина збогатил со мудрост, па се преселил во вечниот живот во 435 година. Моштите на св. Касијан и денес почиваат во Марсеј.

2. Преп. Варсануфиј. Родум е од Палестина. Роден како незнабожец, се крстил во својата 18. година и веднаш се замонашил, добивајќи го името Јован. Кога се прочул поради својот добродетелен живот, бил избран за архиепископ во Дамаск. Но не останал долго на тој положај. Копнеејќи по осамен духовен подвиг, тајно го напуштил Дамаск и отишол во пустината нитриска. Тука се пријавил како монах Варсануфиј и веднаш добил за послушание да биде манастирски водоносец. Некогашниот архиепископ со радост го примил тоа послушание. Со своето умно расудување, кроткост и вредност, Варсануфиј наскоро им станал пример на сите монаси. Дури пред неговата смрт им било откриено на монасите кој е Варсануфиј. И така, овој светител послужил со својот пример за укорување на гордите и властољубивите, а за утеха на смирените и кротките. Се упокоил мирно и се преселил при Господа во 457 година.

РАСУДУВАЊE

Свети Јован Касијан за борбата со духот на блудот пишува: „Борбата со духот на блудот е лута и е подолга од другите борби. Таа е секојдневна и само мал број на луѓе во неа потполно победиле. Таа борба се започнува со првиот зрел растеж и не престанува сè додека не се победат сите останати страсти. Во оваа борба е потребно двојно оружје. За достигнување на совршена и чиста целомудреност не е доволен само телесен пост (иако е тој пред сè потребен), туку е потребна и скрушеност на духот и неотстапна молитва против овој најнечист дух; потоа, непрестајно поучување од Светото писмо заедно со разумно делување, потоа, телесен и ракотворен труд што го задржува срцето од блудство и го враќа кај себе, а над сè длабока и вистинска смиреност без која никогаш и над никоја страст не може да се добие победа. Победата над оваа страст е условена со совршено исчистување на срцето, од кое, според зборовите на Господа, истекува отров од таа болест. Оти од срцето излегуваат лоши помисли,… прељубодејства, блудства итн… (Мт. 15:19). Потребно е да се има постојана смиреност во срцето и трпение, како и внимателна претпазливост во текот на денот од гневот и останатите страсти. Колку што во нас ќе влезе огнот на гневот, толку полесно во нас проникнува жарот на похотта“. Интересно е дека и многу други големи духовници ги доведуваат во причинска врска страста на гневот и страста на блудната похот, од што следува дека оние кои се гневат се најголеми похотливци.

СOЗEРЦАНИЕ

Да Го созерцавам Господа Исуса како буден стражар над Својата црква (Мт. 28:20), и тоа:
1. како Он бдее над целиот создаден свет, а посебно над Својата црква со крв спечалена;
2. како Он бдее над секоја крстена душа како градинар над својот посев;
3. како Он преку тишината и преку бурата ја води Својата црква, водејќи ја кон крајна победа;
4. како Он бдее и над мојот живот да се воздигне и да се вѕида во Неговото вечно царство.

БEСEДА

за Христовото живо присуство

Јас сум со вас преку сите дни до завршетокот на светотс (Мт. 28:20).

Еве утеха над утехите!

Еве утеха за оние кои ги ломи бурата! Нека се потсетат само дека овде е Христос, покрај нив и нека не се плашат. Он е кормилар.

Еве утеха за оние кои боледуваат! Нека знаат дека Христос е тука, крај нивната постела и нека не очајуваат; Он е лекар.

Еве утеха за оние кои стареат! Нека не губат од вид дека Христос со нив патува низ времето сè до вечноста, во вечна младост и нека бидат спокојни.

Еве утеха за оние кои ги мачат луѓето! Нека не мислат дека се оставени, бидејќи Христос е со нив во сите маки, и на судот, и во затворот и нека се радуваат. Он е судија.

Еве утеха за сите оние кои ја бараат светлината на правдата и вистината! Нека веруваат дека Христос е поблизок до нивната душа од нивните очи и нека се придржуваат кон Негово раководство. Он е светлината.

О браќа мои, навистина Христос е непрестајно со нас како светлината што е непрестајно со очите што гледаат. Но, о таго наша, ако нашите духовни очи се затворени, та залудно се труди светлината да се сретне со зеницата на нашиот вид! О таго и жалост наша, кога ние не сме со Христа!

Он ни доаѓа во пресрет, дали ние одиме да Го пресретнеме? Он сака со нас, дали ние сакаме со Него? Ако сакаме утеха, ние мораме да бидеме со Него во сите денови до завршетокот на нашиот век.

Господи, наша единствена утехо, не оставај нè! На Тебе слава и вечна пофалба. Амин.