Основи на православната вера – I дел

Основно учење за Црквата

Христијанството му е објавено на светот преку Црквата и како Црква. Црквата е неделива од Личноста на Господ Исус Христос. Таа беше во Христа и собраните околу Него, тогаш кога Господ Христос беше на земјата, но и по славното Вознесение Христос остана со апостолите и верните во Црквата. Со тоа, Он на таинствен начин го исполни завештанието кое им го даде на Своите ученици: „И ете, Јас Сум со вас, преку сите дни до свршетокот на светот“ (Матеј, 28, 20).

Што е Црквата и каква претстава за неа имаат луѓето во денешно време? За некои, Црквата е само храм во кој се извршуваат богослуженија, други под неа ја подразбираат само црковната ерархија, а некои, пак, Црквата ја сметаат за една од институциите во општеството.

 

Одредување на Црквата

Не е лесно да се даде прецизно богословско одредување за Црквата, зашто ни во новозаветните списи, ниту во светоотечката литература не постои една исцрпна дефиниција. Св. Никола Кавасила, големиот православен мислител од XIV век, во своето дело Живот во Христа, во духот на големите црковни отци пред него, ја избегнува дефиницијата за Црквата, но истакнува дека ако некој сака да ја види Црквата, треба да види не нешто друго, туку светата Евхаристија. Открoвението на Црквата, според Никола Кавасила, се наоѓа во светата Евхаристија, зашто во неа е присутен Христос и затоа што во неа Црквата се пројавува како Тело Христово. Затоа и рускиот богослов Алексеј Хомјаков напиша: „Само оној што ја разбира Литургијата ја сфаќа Црквата“.

 

Обележја на црковниот живот

Правилното одредување на Црквата треба да ги опфати сите елементи на нејзиниот живот, во чиј центар ќе биде светата Евхаристија. Од пресудно значење за животот во Црквата е секако верата. Таа, според св. Максим Исповедник е „првиот лек за нашето спасение“. Верата се исповеда во Црквата при собранието на народот Божји, најпрвин во Крштението, а потоа и во Евхаристијата како основна тајна на нејзиниот живот. Да се исповеда верата во Црквата, тоа значи да се биде прифатен од неа како заедница и да се постане учесник во целокупниот нејзин живот. Значи, со верата стануваме заедничари Христови (Евр. 3, 14) и учесници на несоздадениот и божествен живот на Света Троица.

Да се припаѓа на Црквата значи да се прифатат етичките правила кои важат во неа. За животот во Црквата неопходен е висок степен на етичко однесување, за што сведочат и житијата на светиите. Етичкото однесување, во изворната христијанска смисла, е всушност живот со Бога, а не само нормативно исполнување на заповедите Божји. Заповедите Божји треба да се доживеат како патоказ кон вечниот живот, а не како норми или законски обврски кои Бог им ги наметнува на луѓето со цел да ја покаже Својата моќ над нив.

Сите заповеди, според Христовите зборови, се содржани во двете најголеми Божји заповеди за љубовта: кон Бога и кон ближните. Според тоа, за етосот на православната Црква најважна е љубовта, бидејќи таа е темел на новиот живот во Христа. Етичкото однесување и стекнувањето добродетели не треба да се доживеат како цел сами по себе, туку како средство и начин за стекнување на љубовта кон Бога, а потоа, во светлината на таа љубов, и љубовта кон ближните. Исполнувањето на Божјите заповеди, како внатрешно ткиво на етичкото однесување и доблесниот живот, треба да има нагласен евхаристиски карактер и смисла. Исполнувајќи ги само на тој начин заповедите, верните можат да ја доживеат Црквата како заедница на Бога и луѓето, во која како смирени работници на лозјето Господово (Матеј, 20, 1 – 16), ќе остварат единство со Бога, што всушност, е крајна цел на христијанскиот живот.

Важен елемент на животот во Црквата е и нејзиното исцелително дејство. Во Црквата луѓето се исцелуваат од гревот, страстите и болестите. Во неа, според зборовите на св. Кирил Ерусалимски, „се лечи и исцелува секој грев“. Меѓутоа, треба да се нагласи дека Црквата лечи не со она што го има, туку со она што е. Според св. Никола Кавасила, „она во што учествуваме не е само нешто што Му припаѓа на Христа, туку тоа е Он Самиот“. Црквата им го нуди на верните „лекот на бесмртноста“, кој според св. Игнатиј Богоносец е светата Евхаристија. Во неа, како собитие на заедницата, во своите души ги примаме не зраците или светлината, туку самото Сонце, т. е. Христа. Затоа и учеството во Литургијата подразбира учество не на одвоените единки, туку на сите верни кои ја сочинуваат заедницата на светите во Единиот Свет – Господ Исус Христос.

Карактеристично обележје на црковниот живот е и проповедта. При Вознесението Господ Христос на апостолите им дал заповед да проповедаат по сиот свет: „Одете и научете ги сите народи“ (Матеј, 28, 19). Проповедта е предуслов за верата и познавањето на Господа Христа, зашто „како ќе Го призоват Оној во Кого не поверувале? Како, пак, ќе поверуваат во Оној за Кого не чуле? А како ќе чујат без проповедник“ (Рим. 10, 14). Важноста на проповедта ја нагласува св. ап. Павле кога вели: „ако со устата Го исповедаш Господа Исуса и со срцето свое поверуваш дека Бог Го воскресна од мртвите, ќе се спасиш“ (Рим. 10, 9).

Смислата на проповедта на словото Божјо е во единството на верните со Господа Христа, односно со Бога во Христа, што и треба да биде содржина на проповедта. Заради тоа нејзиното место на Литургијата е веднаш после читањето на Евангелието, кое ги воведува верните во единство со Словото Божјо, а ова единство во потполност се остварува во светото Причестување, во заедницата со Телото и Крвта Христови.

 

Црквата – икона на идниот век

Сите наведени елементи на животот во Црквата доаѓаат до целосен израз во Евхаристијата, која е тајна на единството на Бога со народот Негов, и во која се согледува суштината на Црквата и вистинското назначение на светот. Суштина на Црквата не е во тоа да пренесе само извесни уверувања или идеали, ниту да наметне одредена дисциплина, ни да ги подобри условите за живот, туку да го објави и даде новиот живот во Христа. Литургијата, како основна тајна на Црквата, во овој век ја предочува содржината на животот во Идниот век, кога Бог ќе ја открие потполната вистина за Себеси. Во Царството Божјо, Бога ќе Го гледаме лице во лице (1. Кор. 13, 12), и ќе дојде до полн израз нашата вера, етичкиот живот ќе добие исполнување во средбата со Владиката, сите достојни ќе стекнат неминливо здравје, а на сите благовесници јасно ќе им се покаже Господ на славата.

 

Црквата – заедница на верните во Христа

Друг критериум за одредувањето на Црквата е дека таа е заедница на народот Божји во Христа. За значењето на заедницата за христијанскиот живот во Црквата јасно говори една древно-христијанска изрека: еден христијанин, ниеден христијанин. Бидејќи Црквата е заедница и собир на мнозина или на сите, неа не може да ја сочинува еден христијанин, па нека е и најсовршениот.

На суштината на Црквата како собир на повиканите или, поточно, на оние кои се одзвале на повикот Божји, и кои ја прават заедницата со Бога, укажува етимолошкото значење на грчкиот термин за Црквата: Εκκλησήα (εκ – καλέω = да повикаш). На поблиско одредување на Црквата како собир на народот Божји во Христа, укажуваат и називите кои се среќаваат во Светото Писмо: собор на светиите (Пслм. 148, 1), Тело Христово (Ефес. 1, 22; Кол. 1, 24), Божји дом (1. Тим. 3, 15), заедница на Светиот Дух (2. Кор. 13, 13), а за взаемната поврзаност на Христа со верните, јасно кажуваат претставите за Христа како лоза и верните како прачки (Јован, 15, 5), за Христа како темел и Црквата како градба (1. Кор. 3, 9) и др.

Во Евхаристијата, како тајна на Идниот век, со верата и покајанието, со исполнувањето на зборовите Божји и дејствителната љубов кон ближните, верните доаѓаат во најприсно единство со Господа Христа. Оваа вистина ја нагласува и св. Иринеј Лионски велејќи: „Нашата вера е согласна со Евхаристијата, а Евхаристијата ја потврдува нашата вера“. Во Литургијата, според зборовите на св. Никола Кавасила, го наоѓаме она што Црквата ја прави единствена и потполно различна од сите други заедници во општеството и различна од сите други религии. Светата Евхаристија, како средиште на животот во Црквата, има за цел во неа да се оствари единството на сета твар со Бога и сиот свет да постане едно Тело Христово – Црква.

(Продолжува…)