Прва недела од Великиот Пост

Богослужението во седмиците од Великиот Пост можеме да го следиме уште од најрани времиња, зашто овој Пост во денешен вид се обликувал во периодот до IV век. Спомените кои ги славиме и богослужението во неделните денови не останале во целост зачувани во првобитната форма, зашто некои настани од свештената и црковна историја, биле дополнително воведени и добиле свое место во некои од неделите на Воскресенскиот Пост.

Првата седмица се нарекува чиста. Самите песни и молитви во оваа седмица ја воведуваат душата во една сосема друга димензија, на прагот од загубениот рај, кој допрва треба да биде освоен со духовен подвиг, преку воздржување, не само од храна, туку пред сѐ и од сите оние страсни наслади, од сето она што го оддалечува човекот од Божјата спасителна прегратка.

Во текот на постот молитвите се подолги. На богослуженијата на читањето му е отстапено поголемо место на сметка на пеењето. Во првата седмица, пак, должината на молитвите е уште понагласена, зашто во првите четири дена на Големото Повечерие, покрај вообичаеното, се чита и Покајниот Канон на Св. Андреј Критски.

Богослужението за време на Великиот Пост во Ерусалимската Црква најпрвин ни го изложува Етерија. Веќе во VII век тоа станува составен дел на Ерусалимскиот Устав, а понатаму е присутно и во сите други Устави.

Саботата во првата седмица од Великиот Пост му е посветена на Св. Вмч. Теодор Тирон, а во спомен на еден настан од времето на Јулијан Отстапникот. Имено, Јулијан намислил некако тајно да ги оскверни Христијаните, па за таа цел го повикал епархот од градот Константинопол да му ја соопшти својата тајна и нечиста намера. Му заповедал од пазарите да ја отстрани вообичаената храна и да ја замени со друга, попрскана со крв од идолски жртви, па така Христијаните, купувајќи ја, да се осквернат. Епархот постапил според заповедта. Но чудесната Божја промисла не допуштила тоа да се случи со верните. Така, Светиот Теодор Тирон му се појавил во видение на градскиот архиереј Евдоксиј и го известил за злобната намера на нечестивиот цар, велејќи му што поскоро да го собере стадото Христово и да му забрани да купува од предложеното на пазарите, затоа што е осквернето со крв од идолски жртви. Архиерејот, збунето го прашал великомаченикот како да го постигне тоа, кога има таква сиромаштија по Христијанските домови. Тогаш Светиот му го подал коливото и му кажал дека со тоа ќе може да го надополни недостатокот на Христијаните. Бидејќи архиерејот не знаел што е коливо, Св. Теодор му објаснил дека тоа е всушност варена пченица, и дека така ја нарекле Евхаитите. Запрашан кој е, тој му се претставил на архиерејот и му кажал дека е испратен од Христа за да го сочува стадото Негово.

Патријархот уште веднаш ги известил верните за чудесната Божја промисла со која Он уредил преку Својот угодник Св. Теодор, да ги спаси од царското лукавство.

Во спомен на овој голем настан, на овој ден Црквата предвидела да се прави коливо и да се празнува споменот на великиот маченик и добротвор Теодор Тирон.

Молебниот канон на Св. Теодор го составил Св. Јован Дамаскин, а неговиот спомен започнал да се слави уште во VII век, за што сведочи и Ерусалимскиот Устав.

Првата недела од Великиот Пост или Недела на Православието го слави споменот на востановувањето на почитта кон иконите (842 г.), кое се случило за време на царицата Теодора и Патријархот Методиј. Според историските прилики, оваа недела влегла во составот на богослужбениот поредок на Великиот Пост дури после 842 година, и тоа не веднаш, зашто Цариградскиот Типик (ΙΧ – Χ век) не ја ни спомнува, бидејќи според него за овој ден наместо неа било предвидено да се прославува споменот на Светите Мојсеј, Арон и Самуил. Тоа се согледува и во денешната служба, каде што постои мешање на стариот со поновиот спомен. Синајскиот Устав (Χ – ΧΙ век) исто така не ја споменува оваа недела. Имено, траги од неа се забележуваат дури во Евергетидскиот Устав (ΧΙΙ век), каде што исто така постои мешање на двете служби.

Во оваа недела посветена на Торжеството на Православието се извршува таканаречениот „Чин на Православието“, во кој верните во литија, со икони од Христос, Богородица итн. се упатуваат во соборните храмови каде што се чита „Синодиконот“, со кој им се оддава почит на сите оние кои се подвизувале и бореле за чистотата и славата на верата Православна. Главната мисла на овој чин е молитвено и благодарствено пеење за сочувување на мирот во Црквата и обраќање на заблудените на вистинскиот пат.